|
|
Меѓу Македонците во светската метропола – Торонто (3) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – КАНАДА Кога човек се наоѓа во Торонто, главниот, најголемиот и најубавиот град во провинцијата Онтарио се чувствува како да е во светот во кој се измешала американската и европската култура, старото и новото. Торонто е општосветски град во кој живеат околу пет милиони жители од сите меридијани. Тој е сместен на северозападниот брег на езерото Онтарио, едно од трите најголеми езера во Северна Америка и во светот, кое заедно со езерото Хјурон и Ири преку речниот тек на Лоренцовата Река поврзува голем број американски и канадски метрополи кон Атлантскиот Океан. Меѓу езерата Ири и Онтарио се наоѓаат импозантните Нијагарски Водопади, најголемите и најпознатите во светот, а кои се само стотина километри оддалечени од Торонто. При нашата посета на таа важна канадска и светска метропола со огромни перспективи, од пишаните документи дознавме дека Торонто е формиран во 1793 година под името Јорк, а во 1839 година го добива сегашното име. Се простира од Оквил до Ошава на растојание од околу сто километри. Торонто е бисерот на Онтарио, во кој се сместени, меѓу другото, голем број образовни центри: една од највисоката кула во светот, позната како „Си Ен Тауер”, Забавниот парк „Онтарио Плеис”, „Харбоур фронт”, каде што се одржуваат голем број музички, театарски и други претстави, Спортскиот и културен центар „Скај Дом”, Научниот центар „Онтарио” и голем број други знаменитости познати ширум светот. Инаку, преселувањето на Македонците во Канада, започна на крајот од 18 век, се засили по Илинденското востание во 1903 година, а особено беше изразено по балканските војни и по Првата светска војна, кои наместо слободата од петвековното ропство, на Македонците им донесоа тројна поделба, угнетување, асимилација, денационализација и физичко уништување што ги спроведуваа порано ослободените соседи, Бугарија, Грција и Кралска Југославија. Она што се случуваше во минатото во период од неколку векови, по Првата светска војна, за релативно кусо време во одделни делови на Македонија настанаа крупни миграциони движења и етнички промени кои имаа катастрофални последици за македонското население. Бранот на доселување од трите делови на Македонија во Канада, исто така, беше интензивен меѓу двете светски војни и по светската криза. Меѓутоа, по Втората светска војна, а особено по поразот на Демократската армија на Грција и Граѓанската војна во Грција, на чија страна масовно учествуваше и македонското население од егејскиот дел на Македонија, со надеж дека конечно ќе ги добие своите национални и социјални права, иселувањето раписно се зголеми.
Потоа, во периодот по 1960 година, со либерализацијата на политиката за работа во други земји, голем број работници и интелектуалци од СР Македонија заминаа во Канада. Преселничките движења кон ова голема земја непрестана во континуитет сé до денес. Меѓутоа, интензитет на иселувањето е различен зависно од економско-политичките состојби во Македонија, на Балканот и во светот. Македонските доселеници сé уште не се соодветно присутни и во политичкиот живот на тамошното општество, а таков е случајот и со другите иселеници од Балканот. Меѓутоа, нивните постигнувања се бележити, потврдени и значајни во областа на културата, образованието и социјалниот живот воопшто, особено на економски план. Голем е бројот на деловни луѓе од македонско потекло, особено во Торонто, кои постигнуваат доста бројни резултати. Таквиот напредок сé повеќе придонесува да стануваат интегрален и важен дел на канадското општество и познати и признати од домашниот фактор и од другите етнички групи. Паралелно со остварените материјални услови се јавува и трансформација на животните навики кај Македонците во Канада, особено од егејскиот дел на Македонија, од кои голем број се пробиле во високото општество, пред сé со своите интелектуални, образовни и научни верификувани потенцијали и способности. Денес има голем број Канаѓани од македонско потекло кои се професори, лекари, инженери, музичари, писатели, уметници и други професии. По Втората светска војна, а поради нерешениот статус на Македонската православна црква во Македонија, иселениците го носеа со себе духот на Охридската архиепископија. Црквите во прекуокеанските земји се градени од Македонците, особено од егејскиот дел на Македонија. Но, за жал, тие се подведувани под туѓа канонска јурисдикција. Меѓутоа, со конституирањето на Народна Република Македонија и прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква, настани од фундаментално значење и за иселениците. Се отвори нов процес на создавање помасовни автентични македонски организации, македонски црковни општини, културно-уметнички, литературни, забавни, спортски друштва и друг вид асоцијации, а започнаа да се печатат и иселенички весници, списанија, билтени и се отворија македонски радио и телевизиски станици. Тоа е особено изразено во метрополата Торонто. При нашата посета се уверивме дека Торонто е град во кој културното живеење е со долги традиции и е многу блиску до она во Европа. Градот има голем број современи театарски куќи и други центри на културата, во кои чести гости се врвни уметници од сите делови на светот. Притоа, привилегија е да се присуствува на некоја од културните манифестации во оваа метропола, особено на оние на кои за билет се чека подолг период и потребни се повеќе пари. Овој пат ќе зборуваме за театарската претстава што се одржа на отворена сцена во Хајд Паркот во Торонто, на која, присуствуваа многу вљубеници на делото на Шекспир, најголемиот драматург на сите времиња, меѓу кои беше и авторот на овие редови Славе Катин. А дејството се случи во еден топол, убав ден. Голем број граѓани од западниот дел на Торонто побараа засолниште во прекрасниот амбиент на паркот и под дебелите сенки на познатиот канадски јавор, чиј лист во исто време е симбол на нацијата. Тука, заедно со посетителите се измешаа и верверичките, кои во Канада се заштитени со закон. Вриеше од народ. И бели и црни и жолти од сите делови на светот. Секој се забавуваше на свој начин на прекрасните падинки во паркот каде што се чувствува свежина и чист воздух. Нашата посета на ова излетничко место беше со цел да присуствуваме на театарската претстава „Многу врева за ништо” од Вилијам Шекспир. Театарската претстава се одигра на отворена сцена, што е типично за вакви пригоди, а која наликуваше на амфитеатар од античкото време, а ние се чувствувавме како да сме на некоја претстава во Хераклеја кај Битола или во античкиот анфитеатар во Охрид. Театарот во Торонто е сместен на една падинка во паркот во чие подножје е лоцирана сцената и придружните простории. На трибината имаше повеќе од илјада посетители. Наседнати во полукруг уживавме во извонредната изведба на значајното Шекспирово дело, за коешто често актерите беа наградувани со бурни и долготрајни аплаузи и овации. Продолжува
|