|
||||
Блескаат златните куполи во центарот на Скопје - црквата во завршна фаза (ГАЛЕРИЈА) |
Црквата „Св. Константин и Елена“, која се гради на улицата „Македонија“ во Скопје, има златни куполи.Околу целиот објект се поставени скелиња, а градежните работници, со кранови, ги уредуваат куполите на црквата. Фасадата со орнаменти е речиси завршена. Црквата „Свети Константин и Елена“ почна да се гради во ноември 2012 година. Иако првично требаше да се гради на плоштадот Македонија, по негодувањето на јавноста се одбра нова локација, на улицата „Македонија“, веднаш до Домот на Армијата. Во септември минатата година беа донесени сите 12 ѕвона за црквата и беа осветени од архиепископот г.г. Стефан во сослужение со свештенослужители од Скопската епархија. Тие се поставени на камбанаријата висока 50 метри, која е меѓу највисоките во Македонија. Ѕвоната кои се изработени во фабриката „Грасмаер“ во Инсбрук, Австрија, ќе продуцираат тонови во три октави. Проектот за ѕвоната го изработија исто така Владимир и Искра Лековски, а рускиот проектант Марк Галтерин го изработи проектот за звучниот сет. Централното ѕвоно во новата црква, тешко 8,3 тони, е најголемото ѕвоно на Балканот. Другите две се тешки 3,5 тони, односно 2,3 тона. Според архитектите од студиото „Лелелеле“, сите 12 ѕвона ќе бидат наместени така што ќе произведуваат разни мелодии. Една мелодија за големите празници, а друга во неделите. Пластичната изработка на декорациите и иконите на ѕвоната се дело на Дарко и Елена Дуковски. Црквата во форма на крст е висока 30 метри и има една централна и четири помали куполи. Има четири апсиди и една олтарна апсида. .Станува збор за обновување на стариот храм „Свети Kонстантин и Елена“, кој се наоѓал во близина на плоштадот Македонија. Бил осветен во 1926 година, а оштетен во земјотресот во 1963 година. Во почетокот на 70-тите години храмот бил миниран за на негово место да се изгради денешниот Градски трговски центар. Фото: Скопјеинфо |