|
||||
Нов поетски ракопис од Панде Манојлов |
Деновиве, во издание на реномираната издавачка куќа „Матица македонска“ од Скопје во едицијата „Современа македонска поезија“ излезе од печат најновата поетска книга „Далечен сон“ од македонскиот поет Панде Манојлов. Книгата е поделена во четири циклуси и содржи 51 песна. Во поговорот за овој поетски ракопис литературната критичарка Проф. д-р Даниела Андоновска - Трајковска, меѓу другото, ќе го забележи и следното: „Поетската книга „Далечен сон“ од Панде Манојлов зрачи со топлина, патриотизам, елегични чувства, тага по недофатливото, по изминатото. Таа е, во исто време, и една лирска песна, така кодирана за да може да ја сфати секој читател, а да ја доживее секој Македонец: Даимаш Татковина/ и да ја немаш, /корен да имаш/ а вејка да си: без Македонија/ Македонец ли си!? („Вејка“)“. Панде Манојлов е поет, прозаист, критичар и новинар, роден 1948 година во селото Породин, битолско. Автор е на 22 книги од кои како позначајни би ги спомнале: „ Соѕвездие на болот“ (поезија, 1977), „Блажевина“ (поезија,1988), „Лет во сонот над Ајфеловата кула“ (поезија, 1998), „Сонувај добрина“ (поезија за деца, 2012), „Последната корида на душата“ (раскази, 2014) и и дуги. Негови поединечни песни се објавени на повеќе јазици. Најпреведуван е на арапски јазик. Член е на друштвото на писателите на Македонија и Асоцијацијата на писателите на Калифорнија (САД). |