|
||||
Стибера ја крие и тајната на божеството со птичје лице |
Истражувањата на античкиот град ќе се прошируваат "Во тек е постапката на експропријација на земјиштето на кое се простира акрополниот дел на градот Стибера, а кое е во приватна сопственост, со цел во иднина археолошките истражувања да продолжат непречено и во поголем обем", вели Душко Темелковски, раководител на истражувањата Стибера, античкиот град во Пелагонија, во близината на селото Чепигово покрај Црна Река и годинава се истражуваше. Просторот каде според раководителот на истражувањата Душко Темелковски во 2014 година беа откриени Работилница и Светилиште на божество со птичје лице, единствена појава не само кај нас, туку и пошироко, крие и многу други тајни кои допрва ќе се истражуваат во наредниот период. "Во рамки на проектната програма на НУ Завод и Музеј Прилеп, а во координација со Управата за заштита на културно наследство и оваа година се истражуваше на локалитетот Стибера кај селото Чепигово. Овој антички град кој егзистирал околу седум векови од 3 век пред н.е. до 4 век н.е. е на приоритетната листа на археолошки локалитети како капитален проект на владата на РМ", вели Темелковски. Според него во тек е постапката на експропријација на земјиштето на кое се простира акрополниот дел на градот Стибера, а кое е во приватна сопственост, со цел во иднина археолошките истражувања да продолжат непречено и во поголем обем. "Со годинешниве истражувања се потврди намената на Работилницата од римско царскиот период (на преминот од старата во новата ера), односно според евидентираните движни наоди највероватно станува збор за место каде се изработувале предмети од керамика - теракотни статуетки и апликации на божества и ламби. Пронајдена е мноштво фрагментирана садова керамика, како и разни предмети за секојдневна употреба и дваесетина монети од сребро и бронза од античкиот доцномакедонски и од римскиот период", вели Темелковски. Дел од пронајдените предмети на овој локалитет е и чашата е за пиење вино која е луксузна, од таканарецен мегарски тип (прв центар за производство на овој вид на чаши бил градот Мегара) и се користела во времето на доцниот период на античкото македонско кралство. Од Управата за заштита на културното наследство велат дека во континуитет ги подржува истражувачките активности во античкиот град Стибера, сметајќи го еден од четирите врвни археолошки локалитети фаворити за културно туристичкиот развој на општината и територијата на Прилеп. "Местоположбата на Стибера на полпат помеѓу Прилеп и Битола, како и извонредно богатите културни хоризонти во кои во последните години беа откриени повеке објекти, меѓу кои и античкото градско собрание, и други богати археолошки и нумизматички наоди, ветуваат во иднина голем број посетители на локалитетот. Во наредниот период планираме да го решаваме моментот на експропријација на приватните катастарски парцели врз античкиот град, пред се со методот на размена на земјиштето, како предуслов за отворање на поширок фронт на археолошки истражувања на Стибера", вели проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс, директор на Управата за заштита на културно наследство. Се претпоставува дека со досегашните ископувања е октриен само мал дел од археолошкото богатство на градот. (Д.Т.) Превземено од Вечер |