|
||||
Канење на зетот и невестата по куќи |
Мариовски обичаи Во понеделеникот, по водењето на невестата на вода, почнувале со канењето. На канење оделе со гајдаџијата сите закониити луѓе, како и свадбарите. Прво го канеле нункото, ако е од исто село, потоа оделе со ред кај сите. Секој докаќин каде што влегувала невестата за канење навреме си имал подредено маси и столови за седење. На масите имало пиење: ракија и вино, за јадење: погачи, питулици, мазник, кисело или благо млеко (според времето во кое се правела свадбата). Невестата и зетот не седнувале на трпеза. Од благата ракија што ја носеле, му турале на домаќинот и другите од куќата – со што ги канеле да му дојдат на прегозбата. За време на канењето играјќи пееле: Женил се Петре војвода Женил се Петре војвода, леле, женил се, Петре војвода, сета си рода поканил, леле, сета си рода поканил. До девет сестри поканил леле, до девет сестри поканил, постара сестра не канил леле, постара сестра не канил. Сам пошол Петре да кани, леле, сам пошол Петре да кани. - Повели сестро на свадба, леле повели сестро на свадба. - Не можа брате да дојда, леле не можа брате да дојда. Тешка ми куќа суредба, леле, тешка ми куќа суредба. Имам си клета свекрва, леле, имам си клета свекрва, имам си кучка јатрва, леле, имам си кучка јатрва. Машко ми дете на раце леле, машко ми дете на раце не можам брате да дојда, леле, не можам брате, да дојда. Ќе ти ја пуштам внука ти, леле, внука ти, бела Марија. Мајка Марија плетеше, леле, мајка Марија плетеше, ем си ја ука учеше, леле, ем си ја ука учеше: -Марике, ќерко, Марике, леле, Марико ќерко Марике не реди леси до пети, леле, не реди леси до пети, не ми се бело променуј, леле, не ми се бело променуј не носи киска на глава, леле, не носи киска на глава, беќари бесни палави леле, беќари бесни палави. Ќе ти ја земат киската леле, ќе ти ја земат киската. Вујко ти не е војвода (беќар) леле, вујко ти не е војвода, да му ја земи киската, леле, да му ја земи киската. Собирање прегозба Во понеделникот по пладне се собирале сите канети роднини. На прегозбата си носеле ракија, вино, погача, благ мазник и тепсија со месо од кокошка, од јагне или од свиња. Редот на седењето бил ист како и порано. Жените седеле на женскиот тланик, а мажите на машкиот. Зетот и невестата пред јадење, пак гувееле по трпеза и им бакнувале рака на сите. Свекорот давал знак кога да се почне со јадењето. Прво на трпезата се ставало јадењето од домаќинот, а потоа деверите го донесувале јадењето од секој свадбар што си носел. Свадбарите почнувајќи од нункото, се прекрстувале и го пуштале пагурчечто со својата ракија на секој да се напие, а потоа секој од присутните го правел истото. Погачите и мазниците се раздавале по трпезата. По раздавањето почнувале да јадат. По ручекот невестата дарувала. Даровите што ги давала невестата биле од свекрвата. Зетот му бакнувал рака на оној кој требало да биде даруван, а невестата му го префрлала дарот преку рамо. До пред Балканските војни, нункото старосватот, деверите, стричевите и вујчевите, како и другите почесни луѓе се дарувале со бели крпи, а нунката, старосватицата, девериците, стрините и вујните со обруси. Ако не им доставувале обруси, ги дарувале со фути. На другите канети свадбари им се давале дарови калемарки – шамии, сатрачиња – шамивчиња. Исто така, ги дарувале и сите јабанџии што биле поканети, без разлика што не им биле роднини. По Балканските војни почнало да се укинува собирањето прегозба. Обичаите од прегозбата ги поместиле во неделата вечерта. Исто така, настанале промени и во дарувањето. Белите крпи и обруси ги замениле со кошули. Овие промени настанале како резултат на новите општествени политички и економски услови. Испраќање на законити луѓе Законитите луѓе ги испраќале во понеделникот по ручекот. Свекрвата на сите законити луѓе во торбите им клавала погача и јаболка. Прво го испраќала нункото, потоа старосватот и старосватицата, постариот девер и на крајот малиот девер. За време на испраќањето, гајдаџијата свирел. Откако ќе излезеле во дворот, на патот, зетот и невестата за последен пат им гувееле. Откако ќе ги испрателе сите свадбари, невестата сосе венец на главата, колку за адет, заметувала, а свекрвата на трипати и фрлала пара во ѓубрето. Невестата си ги земала парите, а едно машко дете и го растурало ѓубрето. Потоа на невестата и го фаќале венецот од главата. Бршленот од венецот го носеле во јаслите.Н местото од венецот и виткале чалма со црвена киска. Посвадбени обичаи До годината невестата пред јадење им бакнувала рака на свекорот и на свекрвата и им потурувала вода да се мијат раце. Ако свекорот пушел, тогаш му го палела лулето, а кога ќе си дојдел од работа – му ги собувала опинците. Во вторникот по свадбата, зетот одел на дрва и правел плаз (дрво на кое се прицврстувал паличникот и ушите од ралото). Невестата влачела волна на гребни, ја предела и плетела гаќник, потоа замесувала леб. По месењето откако ќе се измиела раце, свекрвата ја турала водата на бочва или каца со повеќе обрачи – за невестата да има по веќе деца. Според обичаите, невестата до годината не одела со свеќа кај мртовец, за да не се раѓаат мртви деца. Кога прв пат ќе се сретнеле две невести на чешмата, а немале сторено шест недели, не смееле да си проговорат додека не си променеле прстен. Двете невести ваделе по еден прстен од левата рака и го клавале на чевелот од десната нога. Потоа се наведнувале и во замена си ги земале прстењето, се бакнувале в лице и потоа разговарале. Во постаро време постелата на невестата се кревала до неделата. Во саботата невестата одела на саботнина кај старосватот. Во постелата каде што спиела невестата, се клавала пиралка. Со невестата на саботнина оделе, свекорот, свекрвата, золвата и машко дете. Ноќта спиела кај старосватот. Старосватот им давал вечера и во неделата сабајле појадок. Во текот на годината невестата ја канеле сите роднини. Со неа оделе свекорот и свекрвата. Калесници Во четвртокот вечерта кај зетот иделе калесници: братот на невестата и некои најблиски братучеди, односно сите што ќе ја повраќале невестата на првиче по еден канач – калесник. Секој калесник носел погача за канење, а брат и носел и киска од пердуви вапцани во црвена боја. Киската и ја давал на невестата и ја канел да појде кај мајка и на гости. Дојди кало дојди кај мајка на гости Дојди Кало дојди кај мајка на гости, мајка ќе те гости шчо си мало јало, шутар матеница, сребрена лажица. - Мале, мила мале, мака се сторила, со кого да дојда, момче е малечко, момче е малечко, шега е голема. Качи го на коњот, најди го под коњот, коњот го зоба како леблебија, како леблебија, како суво грозје. И тоа ми вика, мале, мила мале. јазе су му рекла, мале мила мале, мака да те пали, јас не сум ти мајка, туку си ти жена, желки да те јадат. Зетот ги собувал и ги обувал калесниците. калесникот додека не му загувееле зетот и невестата, не им давал да го собујат или да го обујат. Ако невестата била чесна тогаш калесниците пребарувале јадење и го срамеле зетот. Бараното јадење или пиење го кажувале со други имиња. Така барале коњски плочи за ковање на коњите, а мислеле на питулици, барале вода од стрнка, а мислеле на мед, а откако ќе се поднапиеле – барале зетот да им заколе бивол со дваеаесет кожи (кромид). Зетот го терале да цепи борина под ноќви. Фаќале петли, ги колеле и барале да им ги пржат со сало, а за пиење барале врела вода преварена (мислеле на топла ракија). Пред јадење зетот и невестата им гувееле. Во петокот по ручекот калесниците си оделе. Свекрвата на секој калесник му испраќала погача. На испраќање гајдаџијата свирел, а зетот и невестата му гувееле на патот. Зетот кај дедото на првиче Во саботата навечер зетот одел со невестата кај дедото на првиче. Со нив оделе уште и свекорот, свекрвата, золвите, а покрај куќните оделе уште и некои поблиски роднини. Вкупно се собирале барем 25 првичари. Со себе си воделе и гајдаџија. Вечерта оделе кај татко и на невестата пиеле, јаделе и таму спиеле. Во неделата изутрината оделе по другите куќи што му се мешале во првичето. Обично му се мешале вујчевите на невестата, стричевите и тетиновците. Така, кај еден појадувале, кај друг ручале, кај некој оделе на ракија, кај друг на вино. Свекорот (за секој сват каде што оделе на првиче) носел погача, со која ги канел и тие да му дојдат на првиче. Во понеделникот се враќале пак кај татко и на невестата, тука ручале и си заминувале. На заминување зетот се повратувал и ги канел со картата вино, за да му дојдат на првиче. Дедото кај зетот на првиче Татко и на невестата одел на првиче веднаш во наредната недела. Исто и тој водел првичари колку што му дошле. Домаќинот на секоја куќа од каде што имало првичари, носел погача за сватот. Истите адети и обичаи се повраќале (како што ги чекале, така сега ги пречекувале). Зетот и невестата биле облечени во своите носии од свадбата. За цело време додека се јадело, пиело, свирело, пеело и играло, зетот и невестата стоеле на нозе, а вечерта последни си легнувале. Првичарите што оделе, а и тие што чекале, си имале свој гајдаџија. На првичињата најмногу се пееле хумористични и јуначки песни. Невестата на поседок Велигденските пости биле најтешки и тогаш младенците се одрекнувале од повеќе работи. Невестата овие пости ги користела за одделување од зетот. Таа одела три недели на поседок кај мајка си. Со зетот немала никаков допир. На поседок ја водел свекорот, а од поседок ја враќал татко и. На Велигден зетот (со невестата) одел на гости кај бабата и се дарувале. Зетот ја дарувал со минтан, а таа го дарувала со ќемер. Од книгата „Македонски обреди и обредни песни“, од Милан Ристески, Скопје 1985 г. (Подготви Марко Китевски) |