|
||||
„АВСТРАЛИСКА ЗМИЈА“ ОД ВАСКО ЃОРГИЕВСКИ |
Александар Донски Деновиве во издание на „2-ри Август“ од Штип излезе од печат најновата збирка кратки раскази под наслов „Австралиска змија“ од македонскиот иселеник од Сиднеј д-р Васко Ѓоргиевски. Книгата содржи 18 кратки раскази кои всушност претставуваат фрагменти од една целина, а тоа е животот на едно дете кое од Битола се преселува во Сиднеј. Авторот мајсторски, низ описите на повеќе карактеристични ситуации, ги доловува и опишува сите трауми, разочарувања, но и притаени надежи што ги доживува ова дете, кое со текот на времето се во новата средина се развива во младинец. Во суштина овие раскази (целина) претставуваат успешна психолошка анализа на внатрешниот живот не само на главниот лик, туку и на неколку карактеристични ликови од неговата најблиска околина: татко му кој од врвен интелектуалец со ниска плата дошол од Битола да работи во Сиднеј во Градската канализација и кој постојано се убедувал себеси дека правилно постапил; своите роднини (сестра на татко му) која за првпат ја видел во Сиднеј и нејзиниот син (исто така дете не негова возраст) по име „Пита“ (Питер) со кого играле „сока“ (сокер, т.е. фудбал на англиски) и за кого се чудел затоа што, иако му рекле дека е Македонец, не знал ни збор македонски; постарата роднина „баба Силвија“, чие оригнално име било „Стојна“, но таа не го сакала ова „просто име“ затоа што на работа ја викале „Стоџна“, па за сто долари во општината, си го сменила со модерното име „Силвија“; Кинезот Хо со чија ќерка малиот нашинец заедно учел и се вљубил во неа, но откако Хо разбрал за тоа, и забранил секаков контакт со Македончето затоа што „не бил Кинез“... Навистина ги препорачувам овие раскази на некој режисер кој може да направи вистински филмски хит што ќе се гледа не само во мултикултурна Австралија, туку и многу пошироко. Инаку авторот Васко Ѓоргиевски е роден во 1961 година во Битола. Основно и средно образование завршува во својот роден град. Во Скопје дипломира на Медицинскиот факултет и завршува пост дипломски студии. Работел во Битолската Брза помош и во Битолската болница како гинеколог - акушер. Во 2005 година со своето семејство се иселува во Австралија. Момен тално е доктор во приватна пракса и исто така дава медицински услуги во државна локална болница во Австралија. Поседува двојно државјанство, македонско и австралиско. Оженет со Сузе и има две деца, Фросина и Кипријан. Ова е негова трета збирка раскази. |