|
||||
Манастирот Св. Пантелејмон во Нерези е дело на македонското градителско искуство |
„Црквата е дело на македонското градителско искуство. Таа е украсена од Алексеј Комнен, а кога е основана не се знае. Г-дин Мавродиев вели дека е постара од XI век (ибид. 67).“ –пишува Георги Трајчев во своето дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.). Во околината на Скопје, како и насекаде во Македонија, во различни времиња биле изградени множество споменици на културата, меѓу кои се истакнуваат неколку цркви и манастири. Меѓу нив посебно внимание привлекува манастирската црква посветена на св. Пантелејмон-заштитникот на здравјето, што се наоѓа во село Горно Нерези. На ѕидовите на овој уметнички споменик е сочувано фреско сликарство, кое по своите квалитети со право се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од периодот на XII век, времето на владеењето на династијата на Комнените. Според зачуваниот натпис, врежан на мермерна плоча поставена над влезната врата, се смета дека црквата, била изградена и живописана во 1164 година, со средствата на византискиот принц Алексеј, син на Константин Ангел и Теодора, најмладата ќерка на византискиот император Алексеј I Комнен. Георги Трајчев повикувајќи се на разни извори во својата книга укажува дека црквата е дело на македонското градителско искуство, можноста дека црквата е многу постара и слично. Во својот осврт, авторот ни дава низа други интересни податоци за манастир Св. Пантелејмон, за кој ќе напише: „Манастирот е сместен на северозапад, на половина час растојание, на едно лесно извишување до селото Нерези. Црквата е изградена во 1164 година, според натписот над влезната врата, на мермерна плоча, со поддршка на Алексеј Комнен. Таа е со 4 кубиња, помали на краевите и едно поголемо во средината. Црквата е крстовидна, куполна, од „средните типови“, кои го сврзуваат слободниот со впишаниот крст... Нартексот е направен подоцна. Има само еден влез од запад. Наосот е крстовиден, апсидите се три и тристрани. Ѕидовите се градени од тули и камен, наизменично, а кулите и куполите – само од тули. Црквата е дело на македонското градителско искуство. Таа е украсена од Алексеј Комнен, а кога е основана не се знае. Г-дин Мавродиев вели дека е постара од XI век (ибид. 67). Иконостасот е целосно со икони од разни периоди, но не многу стари (XVI – XVII век). Во десно од иконостасот има великолепен амвон со резбарски украси, каде се гледа сликата на Св. Пантелејмон. Тој амвон има потекло уште од основањето на црквата... По својата форма црквата во Нерези преставува типична петкуполна крстовидна градба, од кои средната купола е најголема. Во внатрешноста на црквата се гледаат малку стари фрески. Само во олтарот има постари фрески со грчки натписи. Најинтересни биле според П.Н. Миљуков, мермерните столбови кој ја прицврстувале царките двери. Тој тип на столбови потсетуваат и по форма и по мотив на орнаментите на мермерните прегради на олтарот во св. Климент во Рим (V век). Во близок однос со тие столбови била и белутрачната мермерна плоча, најдена настрана во еден агол. Плочата била покриена скулптурни слики. Таа плоча била, по својата орнаментика, се однесува кон X век. Друга знаменитост во црквата била алабастрениот балдахин, над ликот на св. Пантелејмон, која наликува на предната арка на амвонот во св. Софија во Охрид. (П.Н. Миљуков, т. IV. Изв. Р. Арх. Инст. ) Кондаков ја сместува неа кон XII - XIII век (Македонија 1909). Миљуков го сместува манастирот во Нерези кон XII век, по сведоштвото на грчкиот натпис над главната врата. Во 1300 година, Милутин во својата грамота дадена на Виргинскиот манастир, го потврдува правото на тој манастир над св. Пантелејмон во Нерези, како над метох (Новакович, Законски споменици). Кон крајот на турскиот режим манастирот беше управуван од комисија, со претседател Јанче Д. Шелев. Над главната црковна врата на влезот има мермерен надпис на грчки јазик, кој гласи: „Се украси овој храм на светиот и славен Великомаченик Пантелејмон, со средства на господин Алексеј Комнен и синот на порфирородната Теодора во месец септември, индикт 13, година 6673 – 1164, за време на игуменувањето на монахот Јоаникој (И-в. ибид. 1931 г.). .... Белешка во руска печатена книга од 1842 година, месец октомври 6 – ти, каде се споменуваат дарителите за купувањето на 12 месечни минеи, во време на игуменот Серафим хаџи Архимандрит (Стојановиќ, ибид.). Дрга белешка врз требникот од 1856 година, јули 27-ми, во која се вели дека требникот бил на Нерешкиот манастир и дека над манастирот имало прекрасна вода, наречена „Султан – суи“ (Стојановиќ, ибид).“ Авторот кој го посетил манастирот Св. Пантелејмон во Нерези во 1895 и 1918 година ќе забележи дека за владеењето со тој манастир бугарите водеа страшна борба со српската пропаганда (грчка митрополија и турските власти). Но тој не ги споменува уметничките вредности кои ги крие манастирот. На ѕидовите на овој споменик на културата е сочувано фрескосликарство, коешто по своите квалитети со се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од времето на династијата Комнини. Композицијата „Оплакување Христово“ е позната тема која се сретнува речиси во сите цркви насликани пред и после живописувањето на нерешката црква. Но Оплакувањето во Нерези од сите нив се разликува, не толку по иконографските посебности, колку по извесни елементи што се покажуваат како достоинство на непознатиот зограф од Нерези. Оваа композиција во Нерези се смета за предвесник на ренесансата во Италија, односно дека преобразбата во ликовниот израз својствена за него и раноренесансните дејци во Италија е всушност започната во Македонија, 150 години претходно. Македонска нација |