|
||||
Градовете на Приморска Македонија меѓу двете светски војни – Демир-Хисар (Валовишта) |
Демир Хисар или Валовишта е град во Егејскиот дел на Македонија. Се наоѓа во Серското поле, на 25 км. северно од Сер и на 15 км. од бугарско-грчката граница. Изграден е амфитетрално во западното подножје на ридот Хисар, а низ него поминува реката Крушевска река, лева притока на реката Струма, која го дели градот на два дела. Инаку реката Крушевиштица (Крушевска река) се нарекува така поради тоа што во горниот нејзин тек се наоѓа широка котлина, во која е лоцирано големо село Крушево. Оваа река, според В. К’нчов била наречена Белица, име кое било непознато на месното население. Во 18 и 19 век во Демир Хисар или Валовишта има значително македонско население. Бидејќи реонот е богат со природни богатства - железо, лигнит, манган, бакар, доломит, мермер - населението се занимава главно со рударство и железарство од каде доаѓа и името на градот (Сидирокастро на грчки и Демир Хисар што на турски значат железна тврдина). Според Васил Кънчов ("Македонија. Етнографија и статистика") во почетокот на XX век Демир Хисар (Валовишта) имал 5 840 жители, од кои 3 300 Турци, 1 200 Македонци, 450 Черкези, 420 Роми, 350 Грци и 120 Власи. По Илинденското востание, според податоците на Димитар Мишев ("La Macédoine et sa Population Chrétienne") во 1905 година во градот има 24 Македонци екзархисти, 864 Македонци патриаршисти, 245 Грци, 240 Власи и 162 Роми. Во текот на Првата балканска војна, Валовишта е ослободен од четите на Јане Сандански и Александар Бујнов, Пред повлекувањето на турските војници од Валовишта се убиени и изгорени 199 од жителите на градот. За време на Втората балканска војна, на 25 јуни Грците од Валовища ги нападнале македонските бегалци од селата во Серско, кои бегале на север, како и санитарниот воз кој пристигнал од Сер. Во инцидентот загинале 250 луѓе. На 27 јуни 1913 година Валовишта е завземена од грчката армија и голем дел од населението бега во Бугарија, а на негово место се населиле Грци од Мелник. Во август 1913 година, Букурешкиот мировен договор го остави градот во Грција. По Првата светска војна и Нејскиот договор Валовищшта повторно останува под окупација на Грција, а по Грчко-турската војна и Лозански мировен договор во 1922 година во Валовишта се населиле многу грчки бегалци од Понт и Источна Тракија. Меѓу 1913 и 1928 година од Валовишката околија се иселени 10.756 Македонци, а се сместени 27.187 емигранти од Турција. Според пописот од 1928 година градот е со мешано локално-бегалските население со 455 бегалски семејства со 1 697 лица. Во статијата „Градовете на Приморска Македонија“ објавена во 1938 година во „Македонски Преглед“ („Македонски Прегледъ“, Година XI, книга 1-2, Софија), авторот Димитар Атанасов во својот осврт за градот Демир Хисар ќе го забележи следното „Серско поле, во кое се наоѓа градот Демир-Хисар е обиколено од сите страни со високи планини. Од нив највисоки се планината Беласица, која го заградува полето од север, и високите разгранувања во јужната и југоисточната насока на Алиботуш (Славјанка – н.з.): Серски Боз-даг (Драмски боздаг – н.з), Шарлија, Сенгеловска планина и други. Меѓу овие разгранување на Алиботуш, од една страна, и на Беласица, од друга, реката Струма пробила една длабока клисура – Рупелска клисура, - низ која денес поминува убав пат од Серско поле за земјите на север од него. Но во минатите времиња патиштата ги избегнала такви тесни клисури, па затоа и патот од Серско поле накај север не врвел низ оваа длабока клисура, но по pеката Крушовиштица, меѓу Сенгеловската планина и Шарлија. За чување на овој пат кој водел од бедните и планинските краишта на Родопите во богатото и густо населеното Серско поле, уште од дамнешните времиња била изградена при излезот на долината цврста тврдината, околу која подоцна постепено се јавува град, наречен токму поради цврстината на тврдината, ... Железна тврдина (Демир-Хисар на турски, Сидирокастрон на грчки). Турското и малото грчко население на градот од пред Балканската војна го познаваше градот токму под овие две имиња кои значат "Железна тврдина". Македонското население на градот, како и сите жители на околните села (до пред Балканската војна беа чисто македонски, а и сега во нив бројот на македонското население е значителен), го нарекуваа Демир-Хисар со друго име - Валовиште. Тоа македонско име на градот, за жал е малку познато, во (славјанската – н.з) книжевност не се употребува, па и во оваа статија ... ќе се употребува многу распространетото турско име. Во средниот век на многу места имало изградени тврдини, наменети да чуваат некој пат. Градови се појавиле само кај оние, кај кои постоеле и другите услови потребни за опстојување на еден град. Такви поволни услови имало и во северниот дел на Серско поле кое е многу големо, за да може да биде услужвано од еден градски центар каков бил од порано град Сер. Околу старата тврдината при излезот од долината на реката Крушовиштица, тврдината зачувана и до ден денешен, градот Демир-Хисар никнал токму како средиштее на северниот дел на Серско поле. ... Многу села имале потреба од некој близок градски центар, главно пазаришно и занаетчиско средиште. Впрочем Демир-Хисар, кој се наоѓа во Серско поле, ce јавувал, а и денес се јавува, многу повеќе како средиште на населбите од западните разграноци на Алиботуш отколку на населбите од суштинското северно Серско поле. Во овој дел на полето оние села кои се наоѓаат на исток од Струма, имале за средиште во големото село - гратче Барак-Џумаја, наречено уште и Долна-Џумаја. Самото име на ова големо село покажува дека тоа било голем пазар. А пак селата на запад од Струма имале, пак, и денес имаат како средиште во големото село Порој, особено Горни-Порој. Во последното село има дури една маало Варош, што покажува дека некое време ова село било гледано како град. Овие две села, Долна-Џумаја и Порој, не дозволиле во минатото, ниту пак дозволуваат денес, Демир-Хисар да стане голем град. Накај 1894 година овој град имал само 5,800 жители, од кои, спроти В. К’нчов, 2,500 биле Турци, 1,750 Македонци, 250 Власи и околу 300 Роми. Во истото време имало 4-5 грчки семејства, преселен од Сер и Мелник, и околу 20 македонски и 40 влашки куќи погрчени. Денес населението на градот сосем малку се зголемило, но етничкиот состав значително се променил. Иселени се како насекаде во Македонија, сите Турци, како и речиси сите Роми, и тоа затоа што биле главно муслимани. Раселени се и мал дел од македонското население. Поголем дел од Македонците останале и продолжуваат да зборуваат на својот мајчин јазик, барем дома, бидејќи на јавни места тоа е забрането. За жал, еден дел од нив се доста под влијание од грцизмот и не се свесни за своето потекло. Иселени се речиси сите Власи затоа што по усвојувањето на денешната грчко-бугарска граница, условите за одгледување на големи стада овци, со кое тие главно се занимавале, многу се отежнати. На нивно место дошле бегалци од Мала-Азија, сите христијани, но не Грци, туку караманлии кои зборуваат турски, и лази од околината на Трапезунт. Особено последните, лазите, многу го иритираат старото население на областа со својот јазик и носија, кои не се ни најмалку грчки. Создадена е интересна легенда, очигледно прилагодена за да го оправда нивното преселување од .... Црното Море дури тука, во Македонија. Според оваа легенда името на овој несреќен народ, осуден во најкусо време за секогаш да исчезне од лицето на земјата, потекнува од повикот "Елас зи" (Елада, т. е. Грција живее), со кој тие ги пречекале пред шест века турците победници. Од тоа "Елас зи" преку "кратење" произлегло денешното име на овој народ – лази (Лази – Грузијци н.з.). Непотребно е да се нагласува целосната неоснованост на оваа легенда. Доста е да се спомене дека името Елада не било никако популарно пред шест века во Мала-Азија и дека жителите ва Византиската империја не се нарекувале Грци, Елини, туку Ромеи (така се нарекуваат впрочем и до денес Грците во Цариград). Сите овие народносни промени не можеле а да не се одразат на типот и на физиономијата на градот... Пред балканските војни градот ce состоел од две маала со густо наредени една до друга куќи. Двете маала биле разделени од реката Крушовиштица која летно време речиси целосно пресушува. На север од реката е маалото Варош, кое многу веројатно е најстариот дел на градот. Тука се старите цркви и старите куќи. Распоредени се на една прилично стрма падина што впрочем е обично нешто кај стари градски делови. На југ од реката е Пазарската маала, сега наречена Агора. Иако денес тука е сосредочен и малко од животот на градчето, оваа "Агора" (т. е. Пазар, на грчки) таа дава жален впечаток со неколку ниски кафулиња на главниот плоштад, каллив и валкан и во најсуво време, и чија единствена декорација се неколку стари возила. Тие со денови очекуваат да се појави некој патник за да го однесат до железничката станица, која е на еден и пол километар на југозапад од градот. ... Во градот е вистинско мртвило. Поради тоа и "станицата" се состои од една барака за продавање на билети и едно кафуле со искршени прозорци. Нема дури ни двојна линија: на оваа "станица", не е можно ниту маневрирање на возови, ниту разминување. За жалниот вид на Пазарската маала најмногу допринесуваат сепак полуразрушените куќи кои се среќаваат на секој чекор. Напуштената еднаш куќа се уништува многу брзо бидејќи повеќето се изградени со обли речни камења. На прв поглед човек би помислил дека овие разрушени куќи се од војната. Всушност, ако се распрашате кај денешните жители на Пазарското маало, ќе видите дека војната не е причина, туку иселувањето после војната: пред протерувањето на сите Турци, а потем и иселувањето на побогатите Грци. Поради егзодусот цената на недвижниот имот станала мала, и никој не ги купувал. На тој начин опустеа многу куќи кои и до ден денеше продолжуваат да се рушат од природните стихии. He е излишно да се запреме малку на споменатиот масовен егзодус. При тоа излишно е да се зборува на широко за протерувањето на Турците од Демир-Хисар што е поврзано со општото задолжително иселување на сите Турци од Македонија. Поинтересно е во секој однос иселувањето на богатите Грци кон "Стара Грција", како што сакаат некои да ја нарекуваат Грција во нејзините граници од пред Балканската војна. Причините за тоа иселување се двојни: стопански и психолошки. Во турско време речиси сите села околу Демир -Хисар биле чифлици кои биле владеани не само од турски бегови, но и од грчки богаташи кои живееле во градот. Некои од нив владееле дури со некои села на север од Рупелската клисура... После војните стопанските односи воглавно се променија, па и Грците од Демир-Хисар загубија голем дел од своето богатство... Денес тие, како да се плашат да не го загубат и она што им останало, па предпочитаат да се иселат. Мислата, поскоро стравот дека наскоро ќе треба да се бега зошто неминовно е слегувањето на Бугарите кон Бело море, ги измачува како страшен кошмар демирхисарските Грци. За да се ослободат од него, едни од нив бегаат на југ, а оние кои остануваат, не превземаат никакви измени на своите домови, а уште помалку се грижат да изградат нови. Чуден впечаток оставаат домовите на повеќето богатите трговци кои живеат обично во една единствена соба, бидејќи другите делови на куќата се пропаднати. За физиономија на Демир-Хисар нема никакво значење доселувањето на новодојдените "грчки" бегалци, бидејќи тие се сместени во сосем одделно бегалско маало, на еден километар од градот, сред полето, повеќе близу до нивите. Оваа маало по ништо не се разликува од многобројните распрснати низ цело Серско поле нови бегалски села во шахматоподобен план. Таа претставува една засебна населба што е само номинално составува дел од градот Демир-Хисар и ја претвора последната во населба од полурапрснат тип.“ По окупацијата на Грција во 1941 година од страна на Нацистичка Германија, Демир Хисар влегува во границите на Бугарија како околиски центар. И покрај геноцидната политика на Грција, во Демирхисарската околија сеуште живеат голем број Македонци. Според пописот на бугарските власти во јули 1941 година, во околијата живеат 33 800 лица, од кои 10 820 Македонци, 22 295 Грци и 685 други. Со оглед дека најголем дел од македонските бегалци се иселени во Бугарија, бугарските власти ги охрабруваат бегалците од 1913 и 1918 година и нивните наследници да се враќаат во областа и се обидуваат да ги принудат грчките доселеници од Мала Азија и Источна Тракија да се иселат или со други зборови да се воспостави етничкиот статус кво од 1912 година. Истовремено со тоа бугарските власти уапсат и депортираат дел од грчката интелектуална елита во регионот. При следното пребројување во околијата кон 1 март 1942 година живеат 13 527 Македонци, 24 756 Грци, 66 Турци и 2 777 лица од други националности. По завршувањето на Втората светска војна македонскиот град Демир Хисар повторно е во рамките на Грција. Парамилитарните милиции на Андонис Фостеридис - Андон Чауш почнуваат терор над македонското население. Во Демир Хисар се закачени постери со ултиматум во рок од 10 дена сите Македонци да ја напуштат Грција. Само во јули 1945 година над 4 000 лица бегалци од Серско пристигнуваат во Петричко. Според Димитар Влахов, потпретседател на Собранието на ФНРЈ во 1946 година во Демирхисарско околија има 32,3% Македонци, кое поради учеството во Грчката граѓанската војна на страната на Демократската армија на Грција значително ќе настрада. Македонска нација |