|
||||
КАКО СЕ ПЕЧЕШЕ ПОЖАРАНСКА РАКИЈА |
Откако паметам за себе, во село Пожаране одсекогаш се негуваше култот кон алхохолот, било да се работи за ракијата или виното- сосема сеедно. Паметам дека луѓето околу мене секој ден пиеја по некоја чашка ракија пред ручек или вечера. И во Пожаране одсекогаш се пиело ракија. Во текот на денот голем дел од мажите, особено повозрасните едноставно не ја испуштаа шансата да испијат по една чашка ракија од домашно производство. Впрочем тоа е одлика на секој пожаранец па затоа, ако кажеш дека си од ова село и дека не конзумираш ракија, на тоа сигурно никој нема да ти поверува.
Можеби и благодарение на оваа пожаранска традиција, и јас понекогаш посакувам да се напијам по некоја голтка ракија или вино, а посебно задоволство за мене е кога тоа е некоја токму таква, убава, домашна - ракија за лек. Кога велам лек, помислив на она што го кажуваат и препорачуваат мноштвото од научници и лекари: дека умереното пиење на нашиот традиционален пијалок, ракијата, може да биде прилично здраво Според научните истражувања, ракијата е добра затоа што ја разредува крвта, а познато е и тоа дека се до појавата на првите средства против болки (те. седативите и аналгетиците кои во потрошувачка форма на апчиња се појавиле дури на почетокот од 20-тиот век), за оваа цел била употребувана ракијата. Постојат сведоштва дека во време на колерата и големите богињи, луѓето преживувале така што пиеле посилна ракија и јаделе лук. Можеби затоа, речиси и не постои куќа во моето село каде како дел од задолжителните намирници нема барем едно шише ракија.
А казани за печење на ракија во Пожаране имаше прилично многу: -Во моето „Бучковци Маало“ тоа беше казанот на Голубе и Цвете– кој ги обслужуваа и другите семејни домаќинства, во „Волчевци Маало“ тоа беа казаните на Диле, Књазе, Нуфре, Веле, Стојан, Мече , во „Печовско Маало“ –казанот на Виктор, во „Долно Маало“ казанот на Мирче, Петко, Петре, Лазе, Сретко, Јане, Стефан, во „Јанковци Маало“ казанот на Слободе, Спасен, Мате. Живко, Ѓоре.. Во сите ови казани преку цело лето се печеше ракија.
Додека постарите вареа ракија во казаните со денови, ние децата печевме пченки во распламнатото жариште од огништето и бевме неми слушатели на безброј приказни, случки и збиднувња од минатото на ова село. Општо земено, ракијата може да биде произведена од било кое овошје што содржи шеќер. Традицијата за произведување ракија на Балканот постои од XIV век, и тоа во сите земји во регионот. На почетокот се правела само од грозје, односно од вино, а подоцна и од други видови овошје, сливи, кајсии, јаболка, праски, цреши, капини, круши, смокви и дуњи. Исто така, во поново време популарна е и црната ракија која се прави од свежи ореви. Во моето село ракијата најчесто се правеше од џагалки ( сливи) и грозје. Процесот на произведување ракија не е комплициран, но е потребно доста време и грижа. А со искуството доаѓа и квалитетот. За разлика од индустриската која е со 40 проценти алхохол , домашната ракија може да има од 50 до 60 проценти, а препеченицата (двојно дестилираната ракија) може да има и над 60 проценти алкохол. Најчесто, тука ракијата е безбојна или има светло-жолта боја, но може да ја има во различни бои во зависност од состојките од кои е направена и од начинот на чување. На пример, ракијата од ореви има темно-зелено-црна боја, ракијата од цреша е црвеникава, додека пак посебните видови на ракија кои со години/децении се чуваат во буриња од даб или црница имаат златна боја и полн, богат вкус. Традиционално, тука во село Пожаране ракијата се пиеше од мали чоканчиња.
Не ретко и во ова село ќе слушнете за обичајот, кога во куќата ќе се роди машко дете, да се остава настрана ракија што се отвара кога синот ќе стаса за женидба.
И тука, во село Пожаране, почетокот на приказната околу печењето на ракија започнува со големите буриња на комиње од џагали или грозје во дворовите од куќите- познат како процес на превривање кој трае најмалку 60 дена, и тоа во потоплите денови, додека подоцна во есента тој процес трае и подолго. Оганот во огништето на казанот постојано мора да се контролира, да се намалува или да се засилува во согласност со температурата потребна за перфектно печење на ракија. По достигнувањето на потребната температура, комињето во казанот почнува да врие, се создава водена пареа која преку лулето оди во кацата, низ цевките кои поминуваат низ ладна вода, доаѓа до нејзино кондензирање, па низ лулето на кацата почнуваат да паѓаат првите капки, малку потоа и цел млаз ракија. Ракија која личи на најчиста изворска вода се собира во лонец.
А ракија во село Пожаране се пиеше секогаш и сегде. Во домовите, испред портите на селските куќи, на нива, во лозје, а најповеќе во вечерните часови до доцна во ноќта во селската задруга. Ова селско збиралиште беше место каде што и старо и младо пиеше ракија. Кој повеќе, кој помалку, во основа сите. За некои пиењето на ракија беше скоро секојдневно и вистинско доживување до опијанување. Во оваа пригода би ги спомнал само имињата на сега веќе покојните Анѓелко и Азир, за кои животот без ракија беше незамислив. Нивните имиња едноставно речено „станаа синоним и заштитен бренд за пожаранската ракија“
Доколку свратите во ова село и посетите некој од домовите, бидете повеќе од сигурни дека домаќинот на куќата најнапред за добредојде ке Ви понуди една чашка од домашна ракија со малку мезе. Така било од секогаш , така е и сега со пожаранската ракија. Затоа, секој нов ден во село Пожаране, нека ви започне со чашка домашна ракија.. Таа ке ви го стопли телото, ке ви ја разигра душата и ќе направи да се чуствувате весело и пријатно во текот на целиот денот. Но, ракијата пијте ја со мерка бидејќи таа истовремено може да биде и отров и лек. Па драги мои, внимателно со ракијата и секоја голта од истата нека Ви е -НА ЗДРАВЈЕ !!! Боге Војноски- автор на текстот |