|
||||
Променување на невестата - Свадбени обичаи од Мариово |
Во неделата изутрината невестата се капела. Во постаро време кога немало никакви парфимериски средства, во водата за капење и миење додавале вода од варен бел босилек за да мириса. Невестинските алишта што ги облекувала невестата ги мерела баба – парјадоксана (со прекинат брачен однос). Мерењето се правело колку за адет: трипати со раката го поминувала кантарот по скалата. Тој адет се правел за да не ја фатат маѓии невестата. Невестата се облекувала во црнетата кошула, саја со црн кит, црнети ракавчиња, црн волнен платнен појас долг 15 сажни, чултар за опашување, шар чорапи со шара гумно, бел горненик со црни оптоки, а накитен со кит од разни бои. По облекувањето на алиштата и се ставал накит од сребро: скопец, скопци, крст од два синџири што се вкрстосувале на појасот. Крстот бил нареден со меки трепки (метални пари). На ушите носела наушници што биле направени од пет низи нанижани со бели и црвени мерџанови мониста и се протегале до под гушата на невестата. На рацете, во вид на белегзии, носеле неколку редици од црвени поситни мерџанови мониста. Невестата ја дотерувале другачките. Девојчето што го месело тестото ги правело колковите. Колковите на невестата се правеле од разнобојни шамии и тулбење. Десниот колк се правел од седум шамии, левиот од пет. Во секој колк имало по жедна црна шамија. Целата невестинска руба била повеќе во црна боја. Тоа го покажувало нејзиното поцрнување по мажењето. Променувањето на невестата зависело од начинот на земањето. Ако ја земале без сватови – таа се променувала вечерта во саботата, а ноќта ја земале крадена. Ако ја земале со сватови, тогаш се облекувала изутрината во неделата. Последно на невестата и се клавало невестинското капче (бубаќерно капче), тоа и се клавало над челото. Било везено и украсено со мониста од разни бои. На него биле зашиени мисирки (два долги бубаќерни конци нанижани со мониста и се протегале до земја). Врз невестинското капче се клавал нетопот (лимена корона) накитена со киски од алови предена. На нетопот го прицврстувал деверот венецот кога ја деверосувал невестата. При спремањето на невестата една стара жена почнувала да ја учи: да не заборави да си стави прстење на рацете, зашто – колку прстење ќе има на рацете при венчавањето, толку деца ќе и дадел Господ. Затоа – за да си ги накити сите прсти со прстење, да има повеќе деца. Кога ќе влегува во црквата за венчавање – да не заборави да си го отклучи клучот од појасот што и бил заклучен при свршувањето (при свршувањето двајцата младоженци на поајсите си заклучувале клуч за да не ги фаќаат маѓии). Да си ги одврзела врвците и калците од чорапите и калците, да влегува во црквата и дома со десната нога. Влегувањето со десната нога напред значело- да ги води Господ во животот и да им оди работата на десно. Ако се случело невестата да влезе прво со левата нога – тоа значело дека ќе ги води ѓаволот и работата ќе им оди на лево – на растурање. По опремувањето невестата ја наметнувале со бела гуна и со бел тулбен – да и биде бел животот кај момчето. Така наметната, таа стоела додека да дојдат деверите за деверисување. Во неделата сите свадбари што биле на свадбата си одат. Останувале само двајцата девери и гајдаџијата. Деверите и гајдаџијата оделе пак низ село и ги канеле сватовите. Прво оделе кај нункото, потоа кај старосватот и продолжувале со ред да ги канат сватовите. Како што ги канеле така и со ред ги земале со нив (во тиквешко-велешките села). Се канел секој од селото што имал добар коњ за јавање. По доканувањето сите сватови се враќале кај зетот. Сватовите ги наврзувале коњите низ дворот и влегувале дома да честитаат. Сватот им давал пиење и јадење. Додека сватовите појадувале, свекрвата му приготвувала на свекорот во торбата; риби, ориз, пипер, кромид и друго што требало да се зготви кај сватот, кога ќе појдат кај невестата. Сватовите по појадувањето задолжително заигрувале во дворот на куќата. Кога играле викале: „Уууууу“, Откако ќе изиграле неколку ора ги земале добиците и се качувале на нив. Коњите биле накитени со веленца, килимчиња преку самарите, со узенгии, зауздани и со подврзани опашки. Додека сватовите се качувале на коњите, девојките пееле: Кумовите коњи во дворови стојат Откако сватовите ќе се накачеле на коњите таткото на зетот вадел сребрени пари и шеќерчиња од џебовите и го префрлувал зетот. Префрлувањето со сребрени пари било обичај: за да биде зетот здрав како сребро, а со шеќерчињата – за да му бил, благ брачниот живот. Малиот девер со зелениот венец на глава се качувал на коњот што ќе го вјава невестата. На испраќање, на сватовите им ја пееле песната: Ајте ми со здравје Во постаро време со сватовите не оделе жени. Целата работа околу невестата ја пропуштале на деверите. Но, околу 1850/60 година на некои гуѓаковски сватови им се случило да им избега невестата. Тоа веднаш се разнесло низ сите села. Смеата била поголема од се. Оттогаш сватовите почнале да водат и по некоја сваќа, најчесто золвата. Откако ќе кинисале по невестата, на првата вода што ќе наиделе, колку и да била нечиста, сватовите од неа го запојувале зетот. Слегувал постариот девер, му го отпетлувал скопецот и со едната пафта го запојувал три пати од водата. По патот напред одел нункото. по него старосватот, деверите и другите сватови. Нункото напред го носел развиено знамето. Кога ќе доближеле до селото сватовите ги потерувале коњите во галоп, за кој прв да влезе во дворот на сватот. Од книгата „Македонски обреди и обредни песни“ од Милан Ристески, Скопје 1985. |