Среда, 08 Март 2017    PDF Печати Е-пошта
Стоби е антички град кој со својот урбан дел се наоѓа на три тераси

Стоби е антички град кој со својот урбан дел се наоѓа на три тераси, што се спуштаат кон Црна Река, опкружени со ѕидови, а на устието меѓу Црна Река и Вардар.

Познато е дека тука минувале главните патишта кои ги сврзувале областите на преден Дунав со медитеранските земји, уште од предисторискиот период. По овој главен пат на Балканскиот Полуостров се движеле културните влијанија од југ кон север и обратно. Црна Река, од друга страна, претставувала природен пат кој ги сврзувал централните области на Македонија со Јадранското море. Во римскиот период покрај Црна Река водел значаен пат, кој го поврзувал градот Стоби со Виа Игнација кај Хераклеја Линкестис, близу до денешната Битола. Така градот Стоби заземал мошне значајна стратегиска, воена и трговска позиција во античкиот период.

Јужно од градот се наоѓаат траги од предградија, додека портата на градот што води кон Хераклеја, а по падините од Гробјанската црква до базиликата во Паликура, се наоѓаат повеќе некрополи. Тие некрополи се од хеленистички, римски, византиски и словенски период.

Најстари пишани извори за Стоби наоѓаме кај Тит Ливиј, кога споменува за победата на Филип V, крал на Македонија, над Дарданците во 197 г. п.н.е. Според археолошките податоци градот бил подигнат во хеленистичкиот период, но не многу пред владеењето на Филип V.

Со истражувањата под неколкуте градби во централното подрачје на подоцнежниот град, констатирани се слоеви од 3-ти и 2-ри век п.н.е., а пронајдени се бронзени предмети од класичниот и архајскиот период, како и поединечни керамички предмети од неолитскиот период. Се претпоставува дека градот бил основан во 359 г. п.н.е. Во 168г. п.н.е., со победата на римјаните над кралот Персеј, Македонија била поделена на четири области. Тогаш Стоби станува центар на трговија на третата област. Во 148 г. п.н.е. Македонија станува римска провинција. За време на владењето на август (31-14 г.п.н.е.)градот се шири на запад и југ, за што сведочат 55 гробови од западната некропола, од времето на Август.

800px-Roman city ruins Stobi Macedonia
Релјефни остатоци во Стоби

Ширењето на градот се поврзува и со подигањето на статусот на градот во ранг на муниципиум, 69г.н.е., кога почнуваат да се коваат монети со натпис "Municipium Stobensium".

Во текот на раниот и средниот римски период, градот Стоби цутел, на што укажуваат повеќето натписи на споменици. Како најзначаен истакнат споменик од римскиот град е секако Театарот изграден во 2-3 век од н.е. Градскиот бедем е од 3-ти век, додека внатрешниот бедем од источната страна е секако од доцниот 4-ти век, кога бил напуштен источниот дел на надворешниот бедем. Внатрешниот бедем, секако, е подигнат по низата поплави од реката Црна. Тој требало да претставува подобра и посигурна заштита, па бил изграден дури и преку големи градби од јавен карактер со добро зачувани мозаични подови.

Во текот на римскиот период Стоби бил исто така значаен и влијателен град. Градот бил епископско средиште уште од 325 г., ког епископот Budios зел учество во Никејскиот собир. Во текот на 4-5 век, овде биле подигнати повеќе импозантни цркви, како по својата големина, така и по својата внатрешна декорација со богато архитектонско украсување, мозици, фреско-живопис и структура, од кои голем дел беа најдени при ископувањето. Со мозаици се украсени и повеќе приватни градби, чие внатрешно уредување и распоред ги сместува во Перистериевата и Теодосијанската палата.

Во Стоби постоела и еврејска заедница од 3-от век, кога Полихрамос ја подигнал Синагогата, која била уништена при крајот на 4-от век и над неа е подигната ранохристијанска базилика, што се случило, се претпоставува, за време на посетата на Теодосиј I во Стоби, 388 г., кога издава два едикта за забрана на евреите.

Street remains at stobi
Остатоци од улица во Стоби

Епископот Никола од Стоби во 451 г. земал учество на Халкедонскиот собор, додека името на епископот Филип е забележано на надвратникот од влезот на Епископската базилика. Во 5-тиот век Стоби станува главен град на Македонија Секунда (Makedonija Sekunda), при прекројувањето на римските граници. Во 479 г. градот бил ограбен од војските на Теодориха, а во 518 г., а можеби и подоцна настрадал од катастрофален земјотрес. Градот повеќе никогаш не го вратил поранешниот сјај и благосостојба. Епископот Фокас(Fokas) зема учество на Соборот во Константинопол во 553 г. Големите аваро-словенски напади во 6-тиот век, секако придонеле за пустошење и напуштање на градот. Најдените монети во куќите на Акрополис и во градбите јужно од Епископската базилика се од се од времето на Јустин II (569-570). Се споменува победата на Василиј II над војничката посада во Стоби, во 1014 година. Извесна активност во 11 век е констатирана во горните слоеви на театарот. На просторот меѓу Северната базилика и Централната базилика-синагога, уште во 1937 г., биле откриени средновековни градови од една поголема некропола, од која во 1955 г., во јужниот брод на Северната базилика и јужно од неа, беа откриени 23 словенски средновековни гробови од времето на 9-12 век. Ова укажува дека Стоби, по ограбувањето и рушењето од варварските народи што се движеле кон Солун и Константинопол, бездруго било населено од словенски племиња. Ова го потврдуваат и неодамна откриените гробови од словенскиот период од една поголема некропола крај базиликата во Паликура, кои исто така може да датираат од раниот словенски период. Останува да се утврди дали во Стоби по 6-иот век имало траги на градски живот.

Во откриениот дел на Стоби досега се откриени и проучени повеќе архитектонски објекти, и тоа профани и сакрални градби со јавна функција, потоа приватни куќи, бањи, терми, театар, дел од градските бедемиi, улици, форумот и главниот влез во градот.

И Стоби, исто како и Скупи со уште неколу наши антички градови, не бил заобиколен од варварските пробиви во 3 век. Обновениот доцноантички град, во 5 век настрадал од хунските походи на Атила, а потоа и во походот на Остроготите со водачот Теодорих, во 479 година. Христијанската заедница го ревитализирала градот на крајот од 5 век и животот течел натаму.

Меѓутоа лесно освоивливата позиција на градот, во текот на немирниот 6 век, му донесува декаденција на Стоби, а единствена светла точка е монументалната Епископска базилика.

Античките извори известуваат за неколку христијански свештеници од Стоби: епископот Будиј (Никејски концил, 325 г.) епископот Евстатиј (на подниот мозаик на Старата епископска базилика, меѓу 343 - 381 г.); Епископот Никола (4 екуменски концил во Халкедон, 451 г.); епископот Филип (обновител на големата Епископска базилика во Стоби, околу 500 г.); епископот Фока (учесник на 5 екуменски концил во Цариград, 553 г.).

Изненадува сосем доцното споменување на епископот Јован од Стоби како учесник на 6 екуменски концил во цариград во 681 г., како и на неговиот наследник, епископот Маргарит, на црковниот собор во истиот град во 692 г. Некои истражувачи коментираат дека во новонастанатата ситуација, кога Балканскиот полуостров бил преплавен со Словени, христијанските свештеници секако се повлекле - емигрирале во сигурноста на големите доцноантички метрополи во Солун и Цариград.

Во Стоби се забележани голем број на култни претстави на божества од грчко - римскиот пантеон: Аполон и Артемида, Асклепиј, Дионис, Немеза, Зевс, Тихе, Афродита, Хигија, Телесфор... Се работи за бронзени и мермерни статуи, или пак за релјефни претсави на мали камени икони. Исто така, откриени се и многубројни примери на архитектонска камена пластика од раноримските храмови. За жал, археолошките ископувања се уште го немаат откриено ликот на раноримскиот град и денес немаме репрезентативни сочувани објекти од ова време, со исклучок на две-три градби, меѓу кои се истакнува театарот.

Податоци за постоењето на најмалку два храма, ни даваат монетите што се ковале во ковачницата во Стоби. Продукцијата на монетоковањето во Стоби се одвивала во времето на цар Веспазијан (69 - 79) до царот Елегабал (218 - 222). На најраната монета, може да се препознаат претстави на Викторија - гениј на победата - и фигура на бик. Датирањето на овој таканаречен автономен тип не е со сигурност одредено.

Монети

Sestertius - Vespasiano - Iudaea Capta-RIC 0424
Сестертиус од времето на Веспазијан

Монетите од времето на Веспазијан, на аверсот го носат профилот на царот, додека на реверсот има претстава на четириколонен храм со минијатурна фигура на Асклепиј на средина, Бонус Евентус - гениј на добрата среќа; непознат гениј со мала Викторија во раката и рогот на изобилието, со шлем, штит и оклоп: жена - гениј на градот Стоби со венец во косата, во рацете ги држи мала Викторија и рогот на изобилието. На еден тип монета од времето на Тит и Домицијан се гледаат профилите на двата цара свртени еден кон друг, додека на реверсот е храм со 4 колони.

На монетите на Домицијан (81 - 96) се гледа храм со четири колони и со мала фигура на царот во воена опрема со копје и скиптар. Познати се и монетите со профил на неговата сопруга Домиција.

На монетите на Трајан (98 - 117) има претстава на: четириколонен храм со фигура; но и една мошне значајна симболична сцена со жена - гениј на градот со корона муралис (градска круна) во косата, со мала Викторија и скиптар во рацете. Лево и десно под неа лежат две брадести фигури со садови од кои истекува вода. Десната фигура држи трска. Тоа се речните гении на Еригон и Аксиј. На монетите на Марко Аурелиј(161 - 180) се гледа истата претстава, потоа фигура на Јупитер со скиптар и патера (плитка култна чинија); фигура на Викторија, жената - гениј на Стоби со копје и патера.

На еден тип монети на Фаустина Помладата, сопруга на Марко Аурелиј, се гледа Фортуна со рогот на изобилието и кормило.

Монетите од времето на Септимиј Север (193 - 211) ја носат Викторија со венец и палма; Плутон ја граба Персефона; Персефона во квадрига (четвороспрег).

На еден тип монета на Јулија Домна, втората сопруга на Септимиј Север, која извршила самоубиство со апстиненција од храна, ги гледаме нејзиниот профил и сцената Грабањето на Персефона. На монетите од нејзиниот прв син Каракала (198 - 217) се гледаат: Викторија во повеќе варијанти, Јупитер на престол со скиптар и мала Викторија; Плутон ја граба Персефона, Јупитер кој стои; Деметра која стои; Меркур со ќесе пари во раката седи на карпа.

На монетите на Гета (209 - 212), вториот син на Јулија Домна, се гледа фигура на војник меѓу две нимфи или Викторија.

На монетите на Елегабал (218 - 222) се гледа: Јупитер седи, со мала Викторија и скиптар; фигура на момче (можеби атлетичар) со победнички венец и палма; Викторија во неколку варијанти; фигура на борец; Плутон ја граба Персефора.

Сите досега познати монети се исковани во бронза. Со оглед на скромниот репертоар типови на овие монети, во науката постои мислење дека монетарницата на градот Стоби ковала исклучиво јубилејни - пригодни монети.

Северна базилика

Црквата е ранохристијанска тробродна базилика, чии странични бродови се надоградени на централниот. Има простран атриум, ексонартекс и нартекс и баптистериум од северната страна, кој има четирилисна писцина. Во црквата се влегува од Вија Принципалис Инфериор. Објектот, според стилските особености, е датиран во 5-6 век. Во јужниот брод и јужно од црквата се откриени 23 средновековни словенски гроба од 9-12 век, кои и припаѓале на големата некропола што се протегала од Северната до Централната базилика.

Цивилна базилика

Овој објект се наоѓа наспроти Северната базилика. Со истражувањата биле утврдени седум градежни фази. Се смета дека на крајот служел за световни цели, па затоа е наречен Цивилна базилика.

Под нивото на Цивилната базилика откриени се бронзени предмети од 5 век пр.н.е., најдени длабоко внатре во апсидата. Под наосот пак на базиликата најден е фрагмент од фреско - живопис со престава на барска птица, од 1 век од н.е. Под овој објект се откриени хеленистички слоеви од 3 и 2 век пр.н.е.

800px-Small bath at Stobi1
Малата бања

Мала бања

Објектот се наоѓа меѓу Цивилната и Северната базилика, граден според прописи на доцно античките градби на бањи. Објектот има аподиториум, со базен сместен во апсидалниот простор, како и двојна соба со 3 апсиди со хипокаусти. Суспензурите од хипокаустите се направени од тркалести и четвртести тули.

Централна базилика и синагога

Ранохристијанската базилика е со тробродна диспозиција, во која се влегува од улицата Виа Принципалис, подигната на крајот од 4 или почетокот на 5 век. Има две градежни фази. Пред тоа, на тоа место стоела синагога чиј под бил откриен на 1.5 метри под нивото на наосот.

Оваа синагога е од 4 век, подигната врз темели на постар објект од 3 век, за кој се претпоставува дека бил изграден со пари од Полихармос. Инаку, името на "таткото на синагогата во Стоби", се викал Тибериус Клаудиус Полихармус, познато е од колоната на надолжниот натпис, употребен во североиточната страна на нартексот во атриумот на базиликата, па оттука и претпоставката дека базиликата била синагога.

800px-Rimski forum stobi
Римскиот форум во Стоби

Со подлабоки истражувања под овој објект беа откриени градби од 2 век п.н.е., а под наосот беше најдена остава со пари од 211-125 г.п.н.е. Парите беа најдени во дваа сада, под нивото на Полихармосовата синагога. Хеленитичките слоеви лежат над праисторикото корито на Црна Река.

Форум

Римскиот форум е монументална градба од јавен карактер што ги надминувала провинцијалните рамки. Поточно, станува збор за објект достоен само за град со ранг на муниципиум, каков што бил Стоби. Според културните слоеви градбата функционирала во 2-3 век, иако постојат индиции дека нејзината изградба била кон крајот на 1 век. Во 3 век згаснува функционирањето на форумот, веројатно по наездата на Готите, кога бил вандалски уништен, за што говори насилното кршење на статуите и опожарувањето на објектот.

Куќа на псалмите

Градбата се наоѓа јужно од Централната базилика со Синагога. Таа има апсидална просторија, ходници, сали со колонади, со голем базен, со колони на западниот дел на двориштето. Главната сала е постелана со луксузни мозаици, другите протории - исто така со подови од мозаици со геометриски орнаменти.

Мозаичниот под во големата апсидална дворана е состои од 4 главни полиња. Западното поле е со геометриски орнаменти и птици. Источното поле преставува композиција со барски птици и лисја што ја опкружува осмоаголната фонтана што се наоѓа на средината. На источното најголемо мозаично плато предадени се елени и барски птици во средина со кантарос од кој се прелива вода, чито ранохристијански мотив така често употребуван во сакралните и профаните градби од ова време. Самиот апсидален простор украсен е со геометриски мотиви во вид на крлушки.

Верските теми на мозаиците во апсидалната сала и структуралната поврзаност со базиликата, укажуваат дека се работи за резиденција што им припаѓал на црквата и ма црковните великодостојници. Од оваа градба се влегувало исто така, и во една од синагогите.

Виа Aксија

Виа Аксиа била една од главните улици со првец исток-запад, од која досега е откриен само еден дел.

Градска чешма

На малиот плоштад, што го формираат Виа Аксиа и Виа Принципалис Инфериор, од западната страна се наоѓа чешма од јавен карактер. Од три цевки водата течела во три корита, изведени од сполии од театарот и други градби.

800px-Large bath at Stobi
Големата бања

Голема бања

Откриена во 1931-1932г., во оваа бања се влегува откај Виа Аксиа. Има аподериум, големо претсобје, голема сала со хипокаусти со 6 мермерни базени и префурниум од јужната страна. Бањата има неколку фази на градење и доградување. Реконструираната бања била во употреба во последната фаза од животот на градот, во доцниот 6 век. Меѓутоа, најдената статуа во аподитериумот потекнува од средината на царскиот период.

Виа принципалис инфериор

Оваа улица е со правец север-југ, таа може да се прати од Северната базилика до Градската чешма, потоа покрај Партениусовата куќа, Теодисијанската палата и Куќата на псалмите.

800px-Peristerian house at Stobi
Перистериината куќа

Перистериина куќа

Ова е градежен комплекс за повеќе фамилии и со простории на запад, за дуќани. Перистериината фамилија ги зафаќала просториите на јужниот дел од комплексот. Дворот, под отворено небо со големи фонтани од западната страна, е централен простор. Просториите од источната страна служеле за магазини. Главните простории на куќата биле апсидални сали јужно од дворот. Во иточната сала е зачувни подните мозаици, а во средината се наоѓа фонтана изведена од мермер. За мозаичните површини во оваа куќа биле употребени тесери од стаклена паста, што им дава посебна живост на мотивите. Мозаикот, се претпотаавува, настанал во доцниот 4 или раниот 5 век кога била подигната и самата градба.

Виа Теодосија

Ова улица е паралелна со Виа Аксиа и ги одделува Перистериината улица и Теодосијанската палата. Улицата била поплочена со облутаци и камени плочи.

800px-Stobi
Теодосијанската палата

Теодосијанска палата

Источно од улицата Виа Теодосија се наоѓа една од најлуксузните досега откриени куќи во Стоби, во која се претпоставува дека престојувал императорот Теодосиј Први, при неговата посета на Стоби во 388 година. Со оглед дека името на сопственикот на куќата не е познато, наречена е Теодисијанова палата, во спомен на посетата на императорот. Оваа градба има план на латинско L и излегува на три улици. Салата е опкружена со колони од севернаата и западната страна. Од источната страна се наоѓа базен со осум пиедестали од мермер, украсени со спирални канелури, врз кои стоеле откриените статуи. На северната и јужната страна од дворот се ниски платформи, веројатно некогаш цветни тераси. Подот во дворот е прекриен со мермерни плочи, а перистилот со мозаици.

Големта апсидална просторија, триклиниумот, која се наоѓа на јужната страна на повисоко ниво, поплочена е во opus sectile. Останатите простории се исто така раскошно украсени. Според мозаичните површини, палатата најверојатно била изградена во 4 век. Извесни елементи на доуредувања можат да се датираат во раниот 5 век, а објектот бил во употреба во текот на целиот 5 век.

Куќа на Партениј

Оваа куќа е јужно од Теодосиевата палата, со која има заеднички ѕидови и потекнува од ито време како и првата. Била изградена во форма на латинска буква L, слична по концепција на градење со претходната палата, но помала и поскромно изградена и украсена.

Валавница

Тоа е комплекс од градби меѓусебно поврзани, што преставувале резиденции и мали дуќани изградени врз постари градби. Името одговара само на една фаза од малиот двор, каде што во 5 век била работилница за бојадисување и валање на ткаенини. Животот на овој комплекс почнува од 1 век и трае се до 5 и почетокот на 6 век.

Виа принципалис инфериор

Паралелна е со ВИА ПРИНЦИПАЛИС ИНФЕРИОР, и може да се следи од куќата на Перистерија, покрај Теодосијанската палата, па до комплексот на работ на Помус Фулоника, каде скршнува кон запад и украсена е со колонади.

Епископска резиденција

Се наоѓа северно од Епископската базилика. Во 4 век служела како христијански ораториум, а во 5 век била претворена во епископска резиденција. Овде се најдени бронзена кадилница и златен прстен во форма на крст со алманадини. Овој комплекс од градби од кои источниот дел во вид на пространа базилика не е доволно истражен, а претставува комплекс од најстари ранохристијански градби во Стоби.

Полукружен плоштад

Се наоѓа северно од Епископската базилика, од улицата одвоен со ниска преграда од седиштата на театарот. Се претпоставува дека бил подигнат во 4-5 век, опкружен со колонада, со база за голем споменик во центарот.

Епископска базилика

Црквата е ранохристијанска базилика со тробродна диспозиција, позната како базилика на епископот Филип. Подигната е на вештачка тераса. Црквата е од хеленистички тип, со атриум, нартекс и ексонартекс со двојна апсида на иточната страна во која е сместена крипта. Од олтарната преграда од презвитериумот откриени се две фази на градење, како и на подовите во истиот, кои се изведени во opus sectile. Две нивоа на подови, откриени се и во јужниот брод под кои е наоѓала засводена голема гробница во која бил закопан еден епископ. Централниот брод е поделен на квадратни полиња и поплочен со мермерни плочи и од сив шкрилец во кои се интерполирани триаголници од мозаик, што претавува посебно луксузен аранжман. Нартексот е поделен на 9 квадратни полиња од кои се сочувани 6 изведени во мозаик со геометриски, флорални и животински претстави. Просториите јужно од црквата биле на кат и имале исто така под од мозаик.

Јужно од базиликата се наоѓа баптистериумот со необично луксузните мозаици на кои се претставени пауни, барски птици и елени, како пијат вода од голем кнтарос. Среде баптистериумот се наоѓа писцина што има две фази на градење и последната фаза со употрба на голем мермерен кантарос што служел за крштевање. Од ѕидовите на баптитериумот откриени се остатоци од фреско живопис во два слоја од кои постариот со претстави на светители и цели сцени што се наоѓале во нишите.

Во црквата како и во баптистериумот, откриена е богата архитектонска декоративна пластика, помеѓу која посебно место заземаат богато украсените капители и парапетните плочи што ги одделувале бродовите како и од емпората. Епископската базилика се датира во почетокот на 5 век и втората фаза при крај наа 5 и почеток на 6 век.

Во централниот брод на Епископската базилика во 1978, 1979 и 1981 година откриени се остатоци од една Стара базилика со сочувани остатоци од мозаичен под во презвитериумот и во централниот брод. Откриен е нтпис во централниот брод, од грчки букви во 6 реда, а западно од него во посебни ромбоидни полиња Христовиот монограм. На северниот ѕид од оваа базилика откриен е живопис од ромбоиди одделени со колони и на истиот ИС ХС што ја потврдува идентификацијата дека објектот преставува црковна градба. Старата базилика ја датирааме при крајот на 4 век. Нивото на баптистериумот и на Старата базилика се еднакви, па има можност баптистериумот да ги опслужувал како Старата базилика, така и подоцна изградената Епископска базилика.

Западни гробишта

Најдени се 81 гроб недалеку од Порта Хераклеја. Наајстарите гробови се од доцниот 1 век п.н.е. и почетокот на 2 век Гробиштата се употребувале с# до 4 век, со прекин во 2 и 3 век

Гробните прилози се многубројни и ги сочинуваат монети, кераамички садови, унгвентариуми од теракота и стакло, накит и фигурини од теракота. Овие гробишта се протегаат до Гробјанската црква. А оттаму, по падината, биле откриени доцноантички и ранохристијански гробови, се до базиликата во Паликура, крај која е откриена и словенска некропола.

Театар

800px-Stobi-amfiteater
Театарот во Стоби

Театарот бил изграден во 2 или 3 век. Сличен е на постарите грчки тетри и е еден од поголемите и порепрезентативните објекти во Стоби, од римскиот период.

Гледалиштето, оркестрата и градбата на сцената се подигнати одвоено едно од друго. Градбата на сцената нема бина, туку добро изградена фасада, која била заднина на претставите во оркестрата. Гледалиштето, кое се состои од два дела, изградено е од бел мермер донесен од Плетвар. Според проценките, тетарот можел да прими 7.638 посетители. Распределбата на седиштата секако се вршела според припадноста на одделни племиња - во гледалиштето се наоѓаат запишани имињата на 5 племиња.

Театарот во доцниот 3 век, бил претворен во арена за борба на гладијтори со диви ѕверови. Ваквата промена настаналаа во 325 г., по издавањето на царскиот декрет на Константин Велики, со кој се забранувале борбите на гладијатори со диви ѕверки. Во средината и при крајот на 2 век, парадоите служеле како буништа, над кој простор биле подоцна изградени куќи, и тоа на падината што се спушта кон исток и каај заападниот ѕид од градбата на сцената. Целиот горен дел на гледалиштето и значителен дел од долните партии биле разнеени за градежен материјал потребен за градби во доцниот 4 и во текот на 5 век, а во поледниот век од градскиот живот на Стоби. Седишта и други архитектонски елементи биле вградени во надворешниот градски бедем кај Порта Хераклеја, во внатрешниот градски бедем , во дуќаните и пиедесталите вдолж Виа Сакра, во Полукружниот плоштад, во Епископската базилика, кон Градската чешма, Централната базилика со Синагога, и во Северната базилика.

Коцкарница

Дел од оваа градба што се наоѓа северно од театарот откриен е во времето кога започнала втората светска војна. Во објектот се влегува од западната страна од улицата Виа Принципалис Инфериор, меѓутоа, самиот влез не е е откриен. Со итражувањата што се изведени во 1981 година констатирано е дека објектот претставува една ранохристијанска тробродна базилика со нартекс и ексонартекс.

Таа е во склопот на еден комплекс од градби што е наоѓа од северната страна на објектот, а што имаат термален карактер. Централниот брод, нартекот и апсидалниот простор постелени се првобитно со мозаичен под со геометриски мотиви, со висока техника на изработка. Подоцнежниот под е од големи тули со една раскошна фонтана во средината на централниот брод. Северното крило на базиликата има две видливи фази на градење и во последната приспособување на објектите од северната страна. Се работи за една стара базилика од доцниот 4 век, чија употреба продолжува во 5 и 6 век. Во централниот брод откриени се две мермерни плочи од часна трпеза, а во северниот брод две дипои со бронзени монети од 5-6 век.

Внатрешен градски бедем

Остатоците од овој бедем се видливи по линијата од музејот до поттеатарот, а бедемот е откопан само на делот југоисточно од Централната базилика. Овој бедем претставува подоцна изграден дел, кога градското подрачје крај Црна Река било напуштено во 4 век, поради поголеми разорувања или поради поплаави на Црна. Бедемот е широк 2,36 метри, а зачуван е во длбочина 3-5 метри.

Проучениот дел на бедемот пресекол една голема градба од јавен карактер, која била на кат и со добро зачувани мозаични подови.

Источен градски бедем

Овој надворешен бедем може да се следи по целиот периметар на локалитетот. Тој опкружува простор со неправилна форма во ширина од 400 метри, во правец исток-запад, и должина од 450 метри, во правец север-југ. Надворешниот бедем се гледа на гребенот што ссе издига над Вардар, крај Порта Хераклеја и на неколку метри крај Црна.

Приодот со камен под - калдрма до мостот од турски период е наоѓа на левиот брег на Црна. Овој приод бил подигнат над градскиот бедем, но нешто повисоко. Бедемот бил изграден од грубо делкан камен и секундарно употребени блокови поврзани со малтер. Дебелината на ѕидовите е 2,3 метри. Градскиот бедем, подигнат во 3 век или нешто порано, престанал да се корити во 4 или 5 век.

Гробјанска базилика

Базиликата е тробродна со двојна апсида со нартекс. Гробниците под подот на црквата се од порано. Црквата може да се датира во 4-5 век. Подовите биле послани со мозаик. Зачуваната крипта јужно од нартексот, секако е мартириум.

Базилика во Паликура

Објектот се наоѓа 2 км јужно од Порта Хераклеја. Градба од базикален тип о тробродна диспозиција о низа компартименти, па се претполага дека е манастирска црква. Непосредно крај неа, спрема Црна, е откриена поголема градба, која според должината од 47 метри вртена о фасадата и тремот кон Црна, бездруго треба да преставува ан. Крај црквата се протега една доцно-античка некропола. Меѓутоа, како најзначајно е откривањето на една поголема словенска некропола на овој простор крај базиликата во Паликура, со гробови што имаат камена конструкција со доста бројни прилози во накит од сребро и бронза што може да датираат од 9-12 век.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.