Среда, 22 Март 2017    PDF Печати Е-пошта
Трите века (3)

savo-kostadinovski
Саво Костадиновски

(Роман)

Настаните во овој роман – хроника се вистинити. Имињата, исто така. Со ова, во името на вистината, се оправдувам за евентуалниот впечаток дека фактите влијаеле врз естетиката на делото. Уверен сум дека во многу случаи треба да се претпочитаат вистината и фактите.

trite-veka

На Илино, ниту Костадин, ниту Евдокија, не можеа уста да отворат. Тој ден Благоец за нив, сепак, не беше благ ден, туку ден на тага, ден искапен во солзи, ден за прибирање спомени, ден кој остава белези во душата. Што и да сакаа да кажат, веројатно не ќе можеа да доречат. Оти зборот ќе беше потиснат од грутка тежина што се спушташе накај грлото, накај срцето. Поправо, с# што имале да си кажат си кажале, имаа само време за последна прегратка, за уште еден бран на воздишки…

Разделбата беше потешка за оние кои оставаа дечиња. Уште потешка ако одеа далеку во туѓина. За Костадина беше претешка. Повеќе отколку што очекуваше.

Така Костадин тргна во светот, а светот почна да се прекршува во него.

Патот до Прилеп веќе го имаше одено. Натаму с# е непознато, с# е исчекување, с# е неизвесност. На долгиот пат замина само со неизвесноста и со бовчичката на рамо. Понесе само малку ,ржан леб и повеќе кромидушки. Сол не зеде, зашто дома малку остана, а се надеваше дека за малку сол ќе се снајде во Прилеп, но и без неа се може. Таа малку што остана дома беше од есента, донесена од Прилеп, заменета за костени и свинска маст. Пролетта е време кога најмногу се гладуваше, зашто тогаш најмалку храна имаше. Со сосема малку храна ги остави домашните и немаше што да понесе. Всушност, тој мислеше дека храна им треба на домашните, а тој некако ќе се снајде. Знаеше како е да не се јаде неколку дена, но знаеше дека дечињата не треба да гладуваат. Можеби нема секогаш доволно храна за сите, но да има по неколку залаци дневно. А последните години секоја пролет, секое лето, недостигаше храна. Згора на с# и собирачите на даноците беа побезмилосни, како да не беа од мајка родени. И токму заради таа немаштија и заради тоа што честопати немаше ништо да се стави на трпезата, Костадин мораше да оди на печалба. Покрај тоа, времето стана некако понемирно.

Се надеваше дека во Прилеп или во Солун ќе заработи уште нешто за пат, а можеби нешто и за јадење додека параходот не го помине големиот океан. А откако по долгото патување по вода ќе стапнат на земја во Америка ќе биде многу полесно. Се чувствуваше силен сешто да работи, не се плашеше од работа, па ниту од глад во далечната земја. А за таа земја веќе имаше чуено дека е многу богата, дека има за јадење колку ти душа сака и какви што сакаш јадења, дури јадења што ги нема ниту во Ботуше, ниту во меаните во Прилеп, ниту во меаните во Солун. Таму, велат, јадењето растело и на дрвја, тоа не биле јаболка или круши, туку нешто уште поубаво и повкусно што ја заситувало снагата за да може цел ден да се работи.

Додека минуваше низ Порече групата се зголеми. Во Самоков им се придружија уште неколкумина од горнопоречките села. На зајдисонце стигнаа на Барбарос од каде што се влегуваше во Прилепското Поле. Тоа е портата на Порече спрема Пелагонија, а ова село, кое велат, го носи името на еден од водачите во Крстоносните војни Фридрих Барбадос, Поречаните го викаа и Турска Порта. Тука имаше турска стража и за нив оттука почнуваше вистинската турска власт. Неа многу и ја немаше низ ридиштата поречки, од нив Турците како да кренале раце уште кога дошле, оти не биле прифаќани ни тие, ни нивната вера. Но најмногу ја чувствувале власта на Турците кога се собирале даноците и кога низ Порече ќе поминеа луѓето на беговите од поимотните места. Требаше пред стемнување да се премине овој превалец, а потоа имаа намера да ноќеваат во анот на првото полско село Дебреште, каде што очекуваа вечерта да сретнат и други Поречани гурбетчии. Оти таков беше денот – ден за тргнување на печалба.

Пред да стигнат на Барбарос Костадин мораше да се прикрие, оти подолго време беше комита, а ѓаволот ни ора ни копа, Турците и пред тоа се распрашувале за него, па можеше некој од стражата да го препознае или некој да го поткажал дека тој ден ќе помине тука.

Како што не тргна на печалба од арно, не замина Костадин и со комитите од арно. Не се трпела маката од немаштијата, ама не се трпела ни маката од Турците. Тие години во Империјата имаше с# повеќе буни и војни, а за тоа се слушаше дури и во Порече. Костадин имаше слушнато за Исаија од Лазарополе и Стојана од Крушево, кои како поучени подобро ја разбирале работата и велеле дека сега е време да се удри на власта. По војната против Империјата што ја водеа Србите, Бугарите, па дури и Русите, во Порече се вратија неколкумина печалбари директно од војна. Нивните кажувања се проширија по селата и многумина се окуражија за борба. На Костадина не му се допаѓаше и тоа што во селата под Добра Вода почнаа да доаѓаат качаците. Откако на двапати влегоа и во Ботуше тој ги собра најсилните мажи во селото и беа договорени веднаш штом ќе насетат качачко доаѓање да ги пресретнат. Тие понекогаш заминуваа и во потера по качаците кога ќе наидеа во некое од поблиските села. Набргу Костадин се сретна со браќата Стеван и Кузман Петрески, а потоа и со Насте Латоецот и Мицко Крстески кои веќе имаа свои комитски групи. И тој од своите најдобри другари си направи група и повеќе не ги гонеа качаците само во ботушкиот крај, ами одеа и по планините низ Порече, па дури накај Брод, Крушево и Кичево. Кај што ќе стигнеа тие удираа и на власта, удираа директно на аскерот, ама аскерот поврати душа, се засили, па налета во сите поречки села, направи пустош, многумина дури стрпа в зандани. По таа поречка буна не беше многу сигурно живеењето, и Костадин беше на штрек да не појде во зандана, па мораше алот да го бара некаде далеку каде што нема Турци, па ни сиромаштија. Тој беше познат комита, та затоа сакаше крадешкум да го помине Барбарос.

Тие години уште потешко се поднесуваа земјишниот данок, вергијата и десетокот. Живот ли е ова, си мислеше Костадин. Работи од темно до темно и тоа што ќе го собереш ќе ти го земат арамолебците. Налет да е и работата и ваквиот живот. С# му се беше насобрало. Веќе многумина од Порече заминаа во други посигурни краишта на Имеријата и надвор од неа, а тој реши да оди до кај што може најдалеку.

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.