|
||||
ЛЕГЕНДАРНИОТ ГРАД ЛЕБАЈА И ПЕЛАГОНИЈА |
Македонскиот град, Лебаја, е познат од митологијата, и е поврзан со првиот историски потврден македонски крал Пердика I. Тој, според преданието што ни го раскажува Херодот, се наоѓал во Горна Македонија на која и припаѓа и Пелагонија. Локацијата на овој град не е утврдена, а нема ниту историски извори за неговото постоење, освен извесни ономастички појави на просторот на Воденско, Костурско и други места. Лебаја е градот во кој, според легендата, бегајќи од Арг, тројцата браќа, потомци на Темен – Аероп, Гаван и Пердика, дошле кај тамошниот крал, чие име не се споменува, и се главиле да му го чуваат добитокот. Едниот од постарите браќа, Аероп ги пасел коњите, а Гаван говедата, додека најмалиот брат, Пердика, овците и козите. Тогаш населението било сиромашно и кралот немал слуги, туку во домот работела неговата жена. Месејќи леб за тројцата браќа таа забележала дека лебот кој го месела за најмалиот брат, Пердика, нараснувал двапати поголем од лебовите на другите двајца браќа. Ваквата појава, пророците на кралот ја протолкувале како негативна и го советувале кралот да ги избрка браќата од неговото кралство. Тој тоа и го направил, со тоа што ги викнал и им рекол да си заминат. Кога тие побарале да им плати, тој им рекол дека плата ќе им биде светлината од сонцето, која од отворот на покривот на куќата влегувала внатре и паѓала врз подот во собата. Додека другите двајца браќа се вознемириле, Пердика мирно се согласил со таквата „плата“, го заокружил местото на кое паѓала светлината со малиот меч што го имал при себе и три пати, симболично, зацрпил со раце од неа, „ставајќи” ја во пазувите. Потоа тројцата браќа заминале. По заминувањето на Гаван, Аероп и Пердика, кралот бил советуван од еден свој советник дека згрешил што ги пуштил браќата да заминат, бидејќи постапката на Пердика значела дека тој ќе му го земе кралството. Кралот испратил коњаници во потера по браќата за да ги престигнат и убијат. Во тоа време реката, која браќата штотуку ја преминале, толку надошла што потерата не можела да ја премине, и се вратила назад. Браќата дошле во Долна Македонија, во просторот на Костурско и се населиле во близина на таканаречените Градини на Мида, син на Гордиј, кралеви од бригиско потекло (Бригите на територијата на Македонија живееле до доцното железно време и имаат сродности со Македонците), блиску до планината Бермион. По заземањето на тоа место браќата почнале да преземаат походи против околните кралства, заземајќи ги останатите делови на Македонија и продолжувајќи да владеат со неа. 1 Престолнината им се викала Ајга, исто како и онаа, која според преданието, ја оформил нивниот предок Каран. Како што истакнува Херодот, потомците на тројцата Темениди, Аероп, Гаван и Пердика, на една река во нивната земја и принесувале жртви како на свој спасител. Првиот крал на кралството бил, токму, споменатиот Пердика кој владеел од 707/6 до 659 година п.н.е. 2 Според Херодот, Пердика владеел седум поколенија пред Александар I (498–454).3 Местото на кое се наоѓал гореспоменатиот град Лебаја, во кој работеле браќата Гаван, Аероп и Пердика не е познато, а не е познато ни името на кралот кај кого работеле, бидејќи Херодот нè ни го пренесува. Освен територијалното лоцирање во Горна Македонија за градот Лебаја не е познато ништо друго. Имајќи ја предвид близината на Пелагонија до Воденско, каде дошле браќата по бегањето откај кралот, може да се претпостави дека Лебаја се наоѓал на некоја локација во оваа рамница или во планинските делови кои во антиката ги зафаќала оваа област.
НАШ ОБИД ЗА ЛОЦИРАЊЕ НА ЛЕБАЈАИмајќи предвид дека тројцата браќа работеле кај кралот како чувари на стадата со добиток, не наведува на размисла дека кралството се наоѓало во планинска област, која располагала со соодветни пасишта. Всушност, веројатно е дека и главната дејност и богатството на неименуваниот крал на Лебаја било од одгледување добиток. Затоа, некои остатоци на материјалната култура од постарите периоди, кои се среќаваат во областа Мариово, на левиот брег на Црна Река (ЕРИГОН) предизвикуваат со богатството од разновидни и обемни културни содржини и не наведуваат на помисла дека имаат капацитет на одамна замрено кралство, можеби токму како кралството од горното предание, запишано од Херодот. Дали во некои од нив се крие токму Лебаја, старото кралство во кое чувал добиток еден од најстарите македонски кралеви, заедно со своите браќа? Овде, мислиме сосема конкретно на еден локалитет од атарот на селото Вепрчани, Прилепско, во областа Мариово, односно локалитетот Вепрчки Рид, кој располага со неколку некрополи од различни времиња, почнувајќи од доцното бронзено време, како и со тврдина со нагласени димензии, која се наоѓа на крајниот југозападен дел на ридот, познат како Градиште. Географската местоположба, природните услови и опкружување, како и археолошките остатоци, кои ни се познати до денес на овој локалитет, не наведуваат на ваква смела претпоставка. Притоа, особен аргумент претставува делот од Вепрчки Рид, Градиште со тврдината, која потекнува од праисторискиот период, најмалку од железното време и која располага со површина од неколку хектари, во чиј простор има остатоци од поголем број градби, особено на највисокиот дел од терасестото плато.
ШТО Е ПОЗНАТО ОД ДОСЕГАШНАТА НАУКА?Научникот Ј. Калерис, реката која, со ненадејното надоаѓање, ги спасила тројцата браќа од потерата ја идентификува со Црна Река (античкиот ЕРИГОН), но во немање на релевантни податоци тешко е да се докаже точноста на оваа тврдење. Хамонд сметал дека реката која ја преминале тројцата браќа, всушност, била граница меѓу две кралства. Едното било бригиско, она од кое избегале, а другото македонско.4 Доколку се прифати дека реката од преданието е ЕРИГОН (Црна Река), може да се констатира дека Лебаја треба да се бара некаде во Пелагонија, а можеби и во Мариово кое во тоа време припаѓало кон Пелагонија. Имајќи предвид дека и во двете области има голем број значајни археолошки локалитети, со населби чии имиња најчесто не се познати, може да се претпостави дека на некој од нив во древноста постоел токму градот Лебаја, еден од најстарите градови на територијата на Македонија, споменат во старите извори. Имињата на тројцата браќа Аероп, Гаван и Пердика се посведочени на епиграфските споменици низ Македонија, а имињата на Пердика и Аероп дури и како „кралски”. Имиња на Аероп и Гаван се застапени на натписи пронајдени во Бероја, Егејска Македонија, во Линкестида Битолско, Граешница, Демирхисарско и на други места. Пронајден е и облик на името на градот од Горна Македонија, Лебаја, на натписите на светилиштето на автохтоната мајка на боговите во селото Леукопетра (Извор), како Алебеа.5 Пердика I се споменува само уште во еден историски извор. Тоа е античкиот историчар Диодор кој известува за тоа дека кога Пердика посакал да го прошири своето кралство за совет се обратил до пророчиштето во Делфи, а се споменува дека неговата мајка се викала Клеоника.6
|