|
||||
Манастирот „Св. Мала Богородица“ во Сливница – Преспа (24) |
СЛИВНИЧКИ КАЖУВАЊА, ПРЕДАНИЈА И ЛЕГЕНДИ ЗА МАНАСТИРОТ СВЕТА БОГОРОДИЦА Во август 2002 година го посетивме Слимничкиот манастир Света Богородица откако бројни написи кај нас и во светот го објавуваа живото присуство на Света Богородица во манастирот, видена од сливничани. Мошне интересен настан беше посебно одбележан и во весникот „Македонија денес" од 14-15 октомври 2000 година. Екипата на весникот направи репортажа за манастирот и за нејзиниот чувар Божин Нечовски. Откако новинарите заминале, при развивањето на филмовите направени од црквата кон конаците, забележале појава на фигура на света Богородица пред прозорецот од кој се фотографирало. Тој фотос, заедно со репортажата, беа објавени и достапни до широката јавност. Интересно е дека од повеќе сливничани слушавме за нивната верба дека во манастирот мнозина од нив ја виделе света Богородица во живо. Овој религиозен куриозитет за нив, при раскажувањето, е обична појава, на која тие свикнале низ вековите. Меѓу нив се раскажува дека и постарите сливничани ја гледале света Богородица. Вакви појави во светот се одбележуваат како свети реликвии. Така, во 1830 година Катерина Лабурс паднала на колена пред Богородица во Париз. Познато е местото Фатима во Португалија каде што се појавила Богородица во 1917 година, потоа во Гарабандал, во Шпанија, во 1960 година. Вакви светилишта се подигнати и во земјите: Јапонија, Кореја, Руанда, Венецуела, Франција, Словачка, Холандија, Бразил, Австралија, Малта, Швајцарија, САД, итн. Во случајов Македонија не заостанува со појавата на вакви настани, во што предничи Слимничкиот манастир. Познато е колкав интерес предизвика појавата на Богородица во Меѓумурје во Босна и Херцеговина. Неодамна беше објавен податокот дека во светот се регистрирани 108 вакви свети места. Постојат и записи кои го регистрираат појавувањето на Богородица веднаш по нејзината смрт, во 1-от век по Христа. Ваквите појави се нижеле во светот, а во 20-от век ескалираат. Во врска со фотосот од весникот „Македонија денес", на кој се појавува тиркизна Богородица, направена е лабораториска анализа со што случајов се објаснува како еден од ретките фото-феномени, за кои не е пронајдено децидно толкување.
Навистина бевме изненадени од бујноста на планинскиот масив и ненарушената тишина во манастирот Света Богородица. Од селото Сливница до манастирот води планински пат, меѓу густите шумски дрва, во здрава летна свежина. Појавата на камбанаријата и црквата со конаците е ненадејна и воодушевувачка. Тишината ја зголемува свечената атмосфера на прекрасните фрески и икони во овој манастир. Божин бил иницијатор за изградба на патот од селото Сливница до манастирот во должина од пет километри. Потоа собирал доброволен прилог од населението и во 1996 година биле обновени градбите на манастирот, посебно 50 соби од старите конаци. Населението било многу дарежливо за оваа цел. Тој ја знаеше и историјата на несреќното семејство Петкови од Битола, најголемиот донатор на манастирот. Михаил и Стојна Петкови од Битола имале единец син наречен Купен. Момчето било болешливо и починало во 1599 година, осум години пред започнувањето на градбата на манастирот. Се смета дека градбата започнала 1607 година. Таткото решил да ја помогне градбата со 9.000 златни гроша. Во знак на благодарност свештениците решиле да го насликаат ликот на Купен во црквата. Во дворот од манастирот има чешма и кладенче. Луѓето од овој крај веруваат во лековитоста и чудотворноста на водата од чешмата и од кладенчето. Бошко Нечовсли раскажа многу случаи на излекувани луѓе, посебно на стерилни жени кои потоа забремениле. Бошко раскажа поголем број примери на случаи кога луѓе од селото Сливница лично ја сретнале или виделе во дворот од манастирот света Богородица. Поголем број кажувања забележавме од Панде Ефтимов, пензионер, а поранешен новинар родум од Претор. Тој одлично го познаваше преспанскиот регион и ги забележал следниве случаи: „Манастирот Света Богородица Слимничка бил подигнат врз темели од постар храм и откако се памети бил центар на сите преспански манастири. Во него работело манастирско училиште, потоа и егзархиската семинарија за подготвување свештеници. Во училиштето се школувале и возрасни луѓе од околните села. Бошко (Божин) Нечовски пред Манастирот Манастирот бил познат и по големата винарска визба. Располагал со голема површина винови лози. Владиката Мелетиј наредил да се изгори манастирската библиотека, која горела две седмици. Во предилинденскиот и илинденскиот период во него се собирале комитски дружини. Од 1945 година манастирот запустувал. Сточниот фонд и инвентарот биле пренесени во Ресен. Манастирската црква Света Богородица го зачувала прекрасното фрескосликарство. Денес манастирот е обновен со конаците." Панде Ефтимов ни раскажа дека култот кон пресвета Богородица во Претор и Преспа е многу развиен. Се случува да дојдат во манастирот болни луѓе и здрави да си одат. Многу верници од околината раскажуваат дека ја виделе света Богородица во манастирот. Тие веруваат во нејзината сила и смирено и се преклонуваат. Познато е дека посетителите на манастирот со голема леснина ја искачуваат планината кога се упатуваат кон манастирот. Во него постои чудотворната вода по која доаѓаат постојани страдалници. Во врска со написот во „Македонија денес" за појавата на света Богородица во манастирот, и Панде Ефтимов ни раскажа еден ваков случај: „Јас го посетував манастирот многу често, од дете. Пред две години забележав еден феномен, за кој до денеска немам објаснување. Еден ден го снимав манастирот од страната на конаците кон камбанаријата. Беше попладне кога сонцето е на запад. Додека снимав, наеднаш почувствував некаква светлост, но не од вообичаената страна, туку од спротивната. Но, кога го развив филмот испадна камбанаријата да биде осветлена од источната страна, а не од западната од која осветлуваше сонцето. И денеска ја имам таа фотографија која чува една мистерија, една необјаснивост. Јас сум со фотоапаратот од дете. До денеска немам одговор за овој феномен. Ова ми остави силен впечаток што ми остана неразјаснет." Продолжува
Пишуваат: Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВКА-АНТИЌ и СЛАВЕ КАТИН |