Блаже Ристевски
Блаже Петров Ристевски (21. III 1931 – 28. XI 2018) е македонски славист, филолог, историограф, фолклорист и литературен историчар, член на МАНУ од 1988 година. По осамостојувањето на Македонија во 1991 година, бил избран за прв потпретседател на првата Влада на самостојна Република Македонија (1991-1992). Тој е уредник на првата „Македонска енциклопедија“ во издание на МАНУ (2009).
Блаже Петров Ристевски е роден на 21 март 1931 година во кавадаречкото село Гарниково, во патриотско семејство. Неговиот дедо Ристо, кој бил деец на Македонската револуционерна организација, три пати бил осудуван од тогашните власти. Следејќи ги неговите стапки, уште како дете, за време на Втората светска војна, Блаже се вклучил во Народноослободителната борба на македонскиот народ и со оглед на својата младост разнесувал писма од 1943 година.
По завршувањето на војната, во 1945 година, незадоволен од начинот на решавањето на македонското прашање, тој учествувал во формирањето на конспиративната група Македонска активна народно-куминистичка организација (МАНКО). Поради растурање на летоци, групата била уапсена во средината на април 1948 година. Ристовски бил осуден на 6 месеци затвор и пресудата речиси целосно ја одлежал во Идризово.
Блаже Ристевски своето основно образование го завршил во родното место, гимназиско во Кавадарци и во Прилеп во 1950 година, а се стекнал со диплома на Филозофскиот факултет (Групата за литературите на народите на СФРЈ и македонски јазик) во Скопје во 1955 година. Доктор по филолошки науки станал во 1965 година.
Со научноистражувачка работа Блаже Ристевски почнал да се занимава по запишувањето на студиите, а првиот истражувачки труд го објавува во тогашниот орган на Катедрата за јужнословенски јазици „Македонски јазик“. Во периодот од 1953 до 1955 година, иако бил редовен студент, тој работел како главен уредник на списанието „Народно здравје“ и шеф на Отсекот за печат во Институтот за здравствено просветување во Скопје.
По едногодишно професорување во Кавадарци во учебната 1956/57 година, Ристевски се вратил во Скопје и во периодот од 1957 до 1961 година работел како јазичен редактор на Радио Скопје. Потоа работел како лектор за македонски јазик и предавач за македонска литература на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана (1961-1966) и ги водел предавањата на Педагошката академија во Марибор во 1965 и 1966 година.
Во 1965 година, Блаже Ристевски ја одбранил на докторската дисертација „Крсте П. Мисирков – животот и делото“ и набро потоа бил избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје. Тој го покренал и го уредувал списанието „Македонски фолкор“ во периодот од 1968 до 1978 година и бил основач е и претседател на биеналниот Меѓународен симпозиум за балканскиот фолклор во Охрид. Исто така, тој организирал успешна теренска собирачка дејност на македонските народни умотворби, а ја конципирал и издавачката дејност на Институтот за фолклор. Како научен советник, преминува во Институтот за национална историја (1977-1991), каде што го раководи Тимот за културната историја и Балканолошкото одделение.
По осамостојувањето на Македонија во 1991 година, Блаже Ристевски бил избран за прв потпретседател на првата Влада на самостојна Република Македонија (1991-1992), а до пензионирањето е научен советник во Институтот за старословенска култура (1993-1995).
Блаже Ристевски бил член на редакциите на списанието „Etnologia Slavica“ (Братислава), „Demos“ (Берлин), „Народно стваралаштво – Фолклор“ (Белград), „Погледи“, „Современост“, „Гласник“ на ИНИ (Скопје) и др. Тој бил претседател на Здружението на фолклористите на Македонија и на Сојузот на здруженијата на фолклористите на Југославија, прв потпретседател на Одборот на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид (1967), член на Републичката комисија за културни врски со странство, претседател на Советот на Филозофско-историскиот факултет итн. Во два наврата беше гостин професор по македонска историја и цивилизација на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (Сорбона III) во Париз (1986 и 1992) и секретар на МАНУ (1999-2002).
Како истражувач објавил повеќе книги за развитокот на македонската културно-национална мисла и над 800 статии и други прилози во разни зборници и списанија во земјата и во странство. Научнистражувачките интереси му се движат во неколку тематски релации и ги зафаќаат спецификите на појавата и развитокот на македонскиот народ и македонската национална мисла и акција до нејзината конечна афирмација; историјата на македонскиот писмен и литературен јазик, литературната историја и фолклорот.
Посебно ги истражува и ги афирмира националните дејци од XIX и XX в.: Крсте П. Мисирков, Димитрија Д. Чуповски, Наце Д. Димов, Ѓорѓија М. Пулевски, Петар Д. Драганов, Марко Цепенков, Кочо Рацин, Васил Икономов, Никола Вапцаров, Тодор Чопов и др. Во неговите трудови донесе нова документарна фактографија и научна аргументација и со аналитички и критички пристап кон изворите и литературата $ претстави на научната јавност низа пројави, настани и процеси и цела плејада заслужни профили од македонското културно- национално минато. Коавтор е на пет учебника по историја за основното и средното образование. Тој е уредник и на првата „Македонска енциклопедија“ во издание на МАНУ (2009).
Академик Блаже Ристовски почина на 28 ноември 2018 година во Скопје на 87 години.
(извор: МЕ, Скопје, 2009) |