|
|
Публицистичко новинарски остварувања во друштвото „Григор Прличев“ (8) |
ДЕЛ ОД КНИГАТА „МАКЕДОНСКИОТ ИСЕЛЕНИЧКИ ПЕЧАТ“ Бројот на македонските гласила во Австралија се зголемува од година во година како потреба за национална афирмација и презентирање на активностите и достигнувањата во новата средина и секако, на мајчиниот македонски јазик. Истовремено, тие се моќен фактор за зачувување на националниот дух, го јакнат патриотското единство и ги афирмираат националните доблести рамноправно со другите етнички групи што живеат во Австралија. Инаку, Друштвото „Григор Прличев“ е формирано на 31 март 1978 година во Сиднеј, а во него членуваат Македонци ентузијасти, вљубеници во македонскиот јазик и литература. Списанието на Друштвото, го уредува Редакциски одбор составен претежно од ентузијасти со потекло од Охридско-струшкиот и Битолско-преспанскиот регион. Едно од најзначајните македонски гласила што повеќе години се издаваше во Австралија, секако беше списанието „Повод“. Тоа беше прво македонско списание во Австралија и единствено од ваков вид во иселеништвото. Излегуваше како орган на Македонското литературно друштво „Григор Прличев„ во Сиднеј. Според книгата „Македонскиот иселенички печат“ од авторот на овие редови, Славе Катин, првиот број на „Повод“ се појави на 15 јуни 1978 година на четири страници со формат 30 х 21 см. додека наредните пет броеви ја имаа истата форма, а имаа зголемен број страници, во периодот од речиси пет години колку што излегуваше, отпечатени се 28 броеви, на различен формат.
Во воведот на првиот број, а слични текстови се објавени и во наредните броеви, се вели дека списанието „Повод“, покрај презентирањето на литературните и просветните достигнувања во Татковината, ќе објавуваат лични творби од областа на поезијата, прозата и журналистиката на членовите на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“, а по пат на конкурс, и на членови и други лица кои се занимаваат со пишување лични творби за животот во Австралија. Во натамошниот текст од првиот број се вели дека со формирањето на Друштвото „Григор Прличев“ се појави 'ркулецот којшто се разграни наоколу и во својата утроба ги привлече заинтересираните љубители на македонскиот јазик и литература. Содржината на списанието „Повод“ е разновидна. Секој број е посветен на по еден македонски литературен деец со осврт на неговите најдобри литературни остварувања. Потоа, застапени се рубриките: „Дела на наши членови“, „Од македонското народно наследство“, „За македонскиот јазик и литература“, „Страници од литературата“, „Јазично катче“, „Детско катче“, како и голем број рекламно-пропагандни материјали од некои претставништва во Австралија и од македонските иселеници сопственици на разни бизниси во Сиднеј и околината. Во почетокот на печатењето на списанието „Повод“ (1978 година), излегоа три броја. Првиот број излезе во јуни, вториот во август и третиот во октомври. Потоа се зголеми бројот на страниците и се подобрува квалитетот на списанието. Овие броеви ги уредува Редакциски одбор во состав: Цане Долевски, Лилјана Тошевска и Душан Ристевски, како главни и одговорен уредник, додека Миле Петровски е технички уредник. Во 1979 година се печатени, исто така, три броја, но како тримесечници, сите на 20 страници, со формат 21 х 30 см., додека четвртиот, бројот 7 е издаден на 24 страници и на помал формат (16 х 21 см.). Во овој и во другите броеви во наредниот период застапени се рубриките: „Од број до број“, „Наши писатели“, „Дела на наши писатели“, „Од македонското народно творештво“, „Конкурс“, „Јазично катче“, „Осврти“, „Забавно катче“, „Резултати од конкурсите“ и други. Во наредните 1980 и 1981 година, се отпечатени по четири броја: од бројот 8 до бројот 11 и од 12 до 16, како тримесечници чиј број на страници се движи од 26 до 32. Во сите нив, а и во наредните во кои се застапени рубриките од претходните години, одговорен уредник е Душан Ристевски, а му помагаат членови на Друштво „Григор Прличев“. Секоја година во списанието „Повод“ се објавуваше конкурс, од кој се избираа најдобрите литературни творби во годината, со учество на автори кои анонимно и шифрирано ги испраќаа своите лични творби поезија, проза и детска литература. Вообичаено, на конкурсите пристигнуваа голем број литературни творби, од кои посебна комисија, составена од членови на Друштвото и видни општественици од македонско потекло, избира и ги рангираа остварувањата како први, втори, трети и четврти и ги наградуваа со скромен паричен износ. Во текот на петте конкурсни натпреварувања, наградени се 18 песни, 10 раскази, 6 песни за деца и 6 детски раскази. На 12 април 2013 година , во Сиднеј на свечен начин се одбележа 35 годишницата од постоењето на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј,. На свечаноста присуствуваа стотина членови како од Сиднеј така и од поближните градови кои имаа можност да се присетат за почетоците од формирањето и безбројните активности со кои Друштвото се постави на пиедестал како поборник за македонскиот јазик, литература и култура во Австралија, да се потсетат за значајното списание „Повод“ кое одигра значајна улога во публицистичко-новинарската дејност на друштвото „Григор Прличев“. Друштвото од самиот почеток превзеде водечка улога во негување на македонскиот јазик преку издавање на списанието „Повод“, организирање на наградни конкурси за „Прличева награда“, издавање книги од самите членови и формирање на библиотеката „Григор Прличев“. Од самиот почеток Друштвото ја превзеде улогата на организирање Денови на македонската култура, филмски фестивали, изложби, семинари и конференции, поетски средби, театарски вечери, јавни протести, дебати и издавање писмени ноти во борбата за зачувување на македонскиот идентитет, барање човекови права за Македонците во поробениот дел на Македонија и апели за да се поддржи правото за самоопределување на Македонците во Австралија и да се запре дискриминаторската политика на Европската заедница. За своите најактивни членови, соработници и помагатели, Друштвото им додели благодарници за нивните напори во негување на македонскиот јазик. Исто така по изнесените претходни предлози на свечаноста се одлучи едни од најактивните членови да бидат прогласени за почесни-доживотни членови. Иван Трпоски беше прогласен за почесен член, а Душан Ристевски за почесен член-претседател. Исто така на средбата едногласно се одлучи на најиздаваниот поет и писател Иван Трпоски да му се додели посебна Прличева награда за книгата „Угреј сонце во мојот сон“ што беше издадена како избор од неговата поезија по повод авторовата 35 годишна публистичка дејност. Исто така им се додели посебна благодарница на Димче Џајкоски од Маседон Травел и на филантропистот Др. Васил Тулевски за нивното парично донирање кон издавањето на книги од Друштвото. Продолжува
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
|