|
|
Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј (9) |
ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ Театарското живеење на Македонците во Австралија започна на почетокот на деведесеттите години од минатиот век во Сиднеј. Тоа е тесно поврзано со името и делото на Благој (Бил) Нешковски, талентиран текстописец и уметник кој прерано го заврши својот живот. Неговите претстави беа играни во Сиднеј, Мелбурн, Вулунгонг и други градови ширум Австралија, како и на гостувањето во Република Македонија. Денес во Илавара постои Македонски театар што го носи неговото името. Во период од триесетина години Македонците во Австралија направија успешни обиди на полето на театарот. Така, театарски групи од македонски доселеници и бројни Македонци родени на петтиот континент, од повеќе градови ширум Австралија презентираа интересни театарски претстави кои оставија видливи траги на полето на театарската уметност. Една од тие македонски театарски групи е, секако Австралиско-македонскиот театар. Овој театарски состав е формиран во 2007 година со цел да ја промовира македонската драмска и театарска уметност и да ги обединува луѓето со македонско потекло кои се активни и креативни во драмски, сценски, театарски продукции и творештво. Австралиско-македонскиот театар е познат и признат театарски состав на широко меѓу македонската и австралиската публика не само во Австралија, туку и со двете гостувањата во повеќе градови во Македонија ги освои симпатиите кај театарската публика и вљубениците во македонската иселеничката проблематика. Меѓу бројните претстави на Австралиско-македонскиот театар се, секако, претставите „Страв и срам“, „Мр Балкан“, „Стари и весели“, „Раскол“, „Остави ја свеќата да гори“, „Борење со мечка“ и „Ченто“. Првата драмска претстава „Страв и страм“ е дело на познатиот драматург Душан Ристевски, кој е еден од основоположниците на Австралиско-македонскиот театар, а во режија на Зоран Лозевски. Оваа драмско дело претставува огледало на животот на едно македонско семејство кое се соочува со повеќе предизвици. Тоа е еден вид психолошка драма исполнета со емоционални набои и семејна динамика за трагедијата што го проследи едно семејство во кое здравјето на децата е поважно од се‘ – поважно дури и од животот на родителите. Драмата има воспитен и возбудлив карактер. Во оваа возбудлива претстава улогите ги толкуваат македонските иселеници: Васко Србиновски, Олга Николовска, Кире Тошевски, Тони Глигуровски, Соња Божиновска, Марија Кочовска, Митра Недановска-Нешковска, Николче Цветковски, Пеце Зенговски, Соња Зенговска и Александар Чакоски. Драмата „Мр. Балкан“ е, исто така, психолошка драма, траги-комедија преку која се насликува емоционалната траума на македонската нација и се осветлува периодот во македонската историја кога невини деца присилно се иселувани од своите домови во Егејскиот дел на Македонија и потоа да бидат населени во источно-европските земји. Настаните се случуваат за време на Граѓанската војна во Елада (Грција). Поради нивната македонска етничност, на овие деца не им беше дозволено да се вратат во своите домови. Само на оние кои присвоија грчки имиња и презимиња им беше дозволено да се вратат во родните места. Оние кои не се откажаа од своето име одбивајки да се помират со оваа геноцидност, останаа во новите земји или се населија во Република Македонија, Австралија, САД, Канада. Ова е драма за македонската голгота, за траумата на триесетина илјади деца, судбина која ги следи до крајот на нивниот живот. „Мр. Балкан“ во театарското остварување е постар човек кој е во инвалидска количка и живее во старски дом. Тој постојано ги преживува спомените од неговото детство како бегалец за време на Граѓанската војна во Грција. Тој е заклучен во времиња на страв и конфузија каде трауматични слики на минатото се прегласни и преизразити. Персоналот на старскиот дом вложува напори Балкан да биде смирен со употреба на медицина. Истовремено, неговите деца се повикани да дадат свој придонес.
Со претставата „Мр.Балкан“ театарот забележа огромен успех при нивното гостување во Македонија каде одржаа претстави во осум градови во 2011 година. Продуцент на ова драмско дело е Зоран Лозевски, во режија на Стефан Нанцу, кој исто така играше во претставата покрај Васко Србиновски, Соња Зенговска, Татјана Тодоровска, Спасија Огненовска и Јован Ристевски. Австралиско македонскиот театар од Сиднеј гостуваше по втор пат во Република Македонија во јуни 2014 година, со претставата „Борење со мечка“ од Душан Ристевски, во режија на Стефо Нанцу. Гостувањето бешее дел од поголемата турнеја низ неколку македонски градови итоа: Скопје, Велес, Штип, Струмица, Битола и во Прилеп, каде беше дел од 49-тиот Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Во претставата „Борење со мечка“ чија премиера за прв пат се одржа на македонски и англиски во Сиднеј, пред македонска театарска публика играа деветмина актери: Васко Србиновски, Ирена Вељанова, Никола Апостоловски, Валентина Апостоловска, Стефани Степановска, Јаворка Котеска, Самоил Митревски, Владо Сазданов и Мена Ристевска. Како резултат на значајните постигнувања во театарската област, на 21 јули 2015 година, во Клубот на пратениците во Скопје, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов, свечено му додели Повелба на Република Македонија на Австралиско македонскиот театар од Сиднеј. Од името на Театарот Повелбата ја подигна Васко Србиновски, познат глумец и режисер кој работи во овој театар повеќе години. Австралиско македонскиот театар од Сиднеј последно се претстави пред австралиската публика на 28 ноември 2015 година, во просториите на Hurstville Civic Theatre, MacMahon Street, Hurstville, каде премиерно се престави со најновото дело на драматургот Душан Ристевски „Ченто“. Ликот на Ченто го одигра Васко Србиновски, во режира на Стефо Нанцу. Според зборовите на Душан Ристевски испирација за ова театарско дело му бил мотивот што: Методија Андонов – Ченто беше претседател на привремената македонска влада за време на Втората светска војна кога Македонија беше окупирана од фашистите и монархофашистите на Германија, Бугарија, Италија и Грција: што тој бил и прв претседател на македонската влада после формирањето на Република Македонија во составот на југословенската федерација. Но, после овој период тој не постоеше во македонската историја, како да испари од политичката сцена без некое објаснување. Исто така, Душан Ристевски го рече и следното: „Секако неговите современици мошне добро знаеја дека подло беше отстранет и затворен во самица повеќе години, но за нас од помладата генерација тој беше енигма и токму поради тоа се јави љубопитост кај мене да се истражува неговото дело. Да бидам искрен ова е голема обврска и предизвик не само за мене како автор туку и за актерот и режисерот правилно да се престави еден лик кој остави големо дело зад себе. За мене лично, проучувајќи го неговиот живот, сакам публиката да ја вратам во периодот кога не беше лесно да бидеш Македонец поготово кога сите соседи сакаа да грабнат делови од Македонија и да ја уништат македонската нација. Неговата визија делумно се оствари после повеќе од четири децении кога Република Македонија стана независна, суверена и самостојна држава. Реков делумно, бидејќи тој секогаш настојуваше и се бореше за обединување на Македонија, пат кој сите ние треба да го следиме, но, за жал, други решаваа, а делумно и сега некои решаваат за иднината на Македонците. Неговиот живот трагично заврши но тој знаеше дека неговата борба не беше залудна“, релче авторот на текстот на драмското дело „Ченто“, писателот Душан Ристевски. Продолжува
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
|