|
|
Фабриката „Јановски“ донатор на бројни македонски активности во Канада (17) |
ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ Кога се пишува за Македонците во Торонто неодминливо е да се спомене семејството Јановски и нивната фабрика „Јановски топ каунтер лимитед“, формирана во 1975 година. Оваа пространа фабрика која е специјализирана за кујнски намештај е една од значајните поддржувачи и донатори на македонските активности, особено на МПЦ „Свети Климент Охридски“ во Торонто. Сопствениците на оваа значајна канадска фабрика се трите браќа Марко, Петре и Васил (сега покоен). Ова семејство се одликува со својата скромснот, честитост, работливот и приврзаност кон Македонија и Канада, а е почитувано и ценето како во македонската заедница, така и пошироко во канадското општество Корените на семејството Јановски се во Македонија, во убавото подпелистерско и печалбарско село Велушина, Битолско. Ова македонско село се наоѓа на десетина километри јужно од Битола, од десната страна на патот кој преку Бистрица и Драгош продолжува во Егејска Македонија. Тоа е сместено во зелениот засек што паѓа директно од планискиот масив на Баба Планина. Локалниот асфалтен пат што се одвојува од главниот, врви низ средината на Велушина и се искачува на ридот, каде е сместен манастирот „Свери Ѓорѓи“. Овој пат што врви и покрај црквата „Света Богородица“ се тврди сдека е дел од римската магистрала „Виа Игнација“. Инаку, Велушина во минатото било напредно и богато село. Неговите земјишни имоти се простирале до источниот пат што води од Битола кон Меџитлија. Во тоа време во селото живееле околу 1.200 жители. Меѓутоа, денес за жал, се останати само дваесетина семејства, а се населуваат семејства на македонски Албанци од ближното село Острец.
Печалбарството, а со тоа и иселувањето во прекуокеанските земји и на други места си го направило своето. За жал, голем број велувци се преселиле во Австралија, Канада и САД, па дури и седумдесетина семејства се преселиле во најблискиот град Битола, Затоа, денес насекаде во селото царува гробен мир, разрушени авлии и куќи направени од камен. Велушина е село со богато минато, за кое се врзани бројни историски настани. Така, за одбележување е Вепушката Тумба, неолитска населба, која се наоѓа до селото Породин. Во Велушина постоел римски логор и други објекти од македонската историја, за кои и денес се наоѓаат остатоци кои говорат за значението во минатото на ова подпелистерско село. Исто така, Велушина е село со четири значајни цркви и еден манастир и тоа: црквата „Света Богородица“, живописана во 1836 година, „Свети Атанас“ изградена 1747 година, „Свети Илија“ подигната 1749 година, „Света Недела“, подигната 1908 година и манастирот „Свети Ѓорѓи“ фрескоживописан во 1848 година. Манастирот е значајно светилиште во битолскиот крај, кој остава импресивен впечаток со својата архитектура, фрескоживописот, белината, местоположбата и зеленилото на тие планински простори. Тоа зборува за посветеноста на македонското црковното живеење на жителите од Велушина. Во еден долг период таму се одвивале значајни духовни и културни активности, за кои поранешните жители на Велушина давале и даваат материјални средства за зачувување на духовно-националните црковни центри изградени во минато. Едни од тие донатори е семејството Јановски, кое подарило средства за зачувување на спомениците во Велушина. Нивните спомени за родното место се нерасделно поврзани со нивниот живот во родното место, носен со динамиката на комуникацијата на светите места. Таква е најстарата црква „Света Богородица“, која е неисцрпен извор за историската вистина на македонскиот народ од Велушина. Животните приказни за тројцата браќа, сложните Васил Марко и Петре се слични, ако не и идентични. Нивниот печалбарски живот започнал од времето во педесеттите години од минатиот век, кога голем број Македонци ја напуштиле Македонија и се преселиле засекогаш во Канада. Таков е случајот со покојниот најстар брат Васил кој прво бил во Лаврион, па во Германија за да стаса во Канада, каде се наоѓаше неговиот татко Ѓорѓи, кој ја напуштил Македонија во педесеттите години од минатиот век и заедно со Васил ги оставил коските во Канада. Марко, пак, е вторит брат кого го красат убави особини. Тој е благороден, тих, скромен и вреден. Тој најпрвин заминал за Австралија, а потоа, Петар, најмалиот брат, но столбот на семејството кој бил во Канада го повлекол Марка и другите членови на семејството Јановски. Во новата средина, а такви биле и во Македонија, тие се неразделни и како браќа и како вредни сопственици на фабриката, во секојдневието, како и во црковното, националното живеење и во активностите на македонските православни цркви „Свети Климент Охридски“ во Торонто и во „Свети Димитрија Солунски“ во Маркам. Овој пат ќе се задржиме на животната приказна на Петре Јановски, еден од основоположниците на фабриката за кујнски мебел „Јановски“. Тој е најмалиот брат кој со своите способности успеал да се издигне во светот на бизнисот и да ги почувствува неговите погодности. Тој е скромен и срдечен човек кој повеќе се радува на семејството, на поколението Јановци, односно на човековата вредност, отколку на моќта на парите. Долги години во неговите раце беше кормилото на фабриката, посебно на маркетингот, односно освојувањето на пазарот. И денес како пензионер е секојдневно присатен во фабриката. Тој си остана да биде разговорлив Македонец, милозлив соговорник, со питомо срце и душа, каков што беше на помлади години.
Петре Јановски е роден во Велушина и ги наследил убавите работи од неговите родители. Тој е интелигентен и мудар, има смисла за бизнис и креативноста, тој е упорен и енергичен. Петре Јаневски е човекот со хуманитарен карактер и готовност да помогне секому. Лагата, фалбата и омразата за него се туѓи. Тој завршил основно училиште во Велушина, а потоа се запишал во Средно техничко училиште во Скопје. Тој е успешен бизнисмен, природно надарен, скромен и талентиран за секој вид работа. Стапил во брак со убавата велушинка Софка родена Гушевска, со која заедно одраснале во селото, а свадбата ја направиле во Торонто, каде ги удриле темелите на својот полувековен брак. Петре има голема поддршка од неговата сопруга. Софи му остана негова десна рака, му помогна тој да се концентрира на бизнисот, а таа ја презеде сета грижа за семејството и домот. Во врска со неговото доаѓање во Канада, во еден разговор Петре Јановски ме ифомирани дека тој најпрвин избегал од Македонија кај јужниот сосед, бил во логот во Лаврион, каде го научил грчкиот јазик. Потоа бил префрлен во Белгија. Оваа земја, позната по својот стандард и култура, извршила големо позитивно влијание брз формирањето на неговата личност во светот на бизнисот. Од Белгија дошол во Торонто, каде заедно со Софи свиле ново гнездо. Тие се родители на два сина кои се здобиле со факултетско образование во Канада. Синот Ѓорѓи (Џорџ) како одличен студент често бил присутен во јавноста со способностите што ги покажувал во областа на финансиите. По завршувањето на факултетот се вклучил во семејниот бизнис, во кој бил задолжен токму во таа свера. Денес Џорџ Јановски е на чело како главен менаџер на фабриката „Јановски“. И вториот син Никола Јановски тргнал по неговиот пат, како во образованието, така и во бизнисот, што е голема среќа за родителите. Се здобил во факултетско образование и е на висок положај во една позната фирма во Торонто. Инаку членовите на семејството Јановски се долгогодишни донатори на изградбите и активностите во сите македонски православни цркви во метрополата Торонто. Тие се донатори на печатени книги на членови на Литературно друштво „Браќа Миладиновци“, на инфромативните гласила кои постојат во метрополата Торонто, на други организации и поединци. Нивната материјална помош била од голема важност за продолжување на целокупната дејност на црквите, информативните гласила и другите асоцијации на Македонците во Канада Исто така, семејството Јановски е подржувач и учесник на голем број македонски манифестации, како и на други бројни активности во македонска колонија . Денес во индустрискиот дел на градот Маркам, северно предградие на Торонто се наоѓа фабриката „Јановски“ која произведува мебел, односно кујнски елементи, барани на канадскиот пазар, главно, заради нивниот квалитет. При моите посети на овој значаен канадско-македонски објект, како што милуваат да кажат браќата Петре и Марко, а јас како автор на монографијата „Јановски“ и гостин на ова семејство, сум имал прилики на самото место да ја доживеам атмосверата во која функционира оваа фабрика. Она што паѓа вочи е големината на капацитетот кој зафаќа преку пет илјади квадратни метри површина, но и системот на неговото функционирање без застој, а со кој ракови главниот менаџер Џорџ, синот на Петре Јановски. Преку него се запознав со процесот на производството, но и со фактот дека Џорџ е клучната фигура во работата на фабриката, заедно со својот тим, во презентацијата на производите и нивниот пласман. Импресивно делува изложбениот салон, кој врие од клиенти заинтересирани за купување на разни елементи од кујнскиот мебел кој во Канада има свое значајно место во домот. Фабриката е автоматизирана, процесот на производството го контролираат петнаесетина работници, од кои повеќето се Македонци. Амбиентот околу фабриката е култивиран со убава градина, во која покрај возниот парк, се наоѓа и парцелата за произвоство на градинарско-земјоделски производи; македонски пиперки, домати и краставички, но и здравец како симбол за препознавање на македонските домови. Зрдавецот расте на Пирин, Баба, Бигла, Галичица и други планини во Македонија и како симбол на античките Македонци, може да се сретне во голем број дворови на македонски куќи. Одгледувањето на здравецот на тие канадски простори е да ги потсети Македонците на својот роден крај во Македонија Монографија „Јановски“ која е на македонски и на англиски ја подготви авторот на овие редови. Таа е документ за потеклото, животот и судбината на семејството Јановци, во Македонија и во Канада. Делото опфаќа три генерации: постарата (родителите), средната (браќата) и најмладата (нивните потомци). Монографијата, главно, е наменета за идните нивни генерации, кои се раѓаат, растат и се формираат во Канада, со цел да не ги заборават сопствените корени. Затоа овде се опфатени два века, целиот дваесетти и почетокот на дваесет и првиот век и историјата на семејството Јановци со дадените координати во просторот и времето што таа го опфаќа. Извори на податоците за книгата беа браќата Петре, Марко и Васил, нивните роднини и пријатели, особено нивниот роднина Алексо Јановски од Битола, како и бројната историска литература за нивниот роден крај. Можеби оваа книга, кога ќе дојде во рацете на идните канадски потомци на Јановци, ќе го поттикне нивниот интерес за племето стројни и горди Македонци растурени по светот. Веруваме дека делот „Јановци“ ќе ги мотивира и ќе ги стимулира младите генерации да дојдат во дедовската земјата на дедовските огништа во Велушина, во Македонија. Продолжува
|