|
|
„Света Богородица“ во Бризбеин и „Света Недела“ во Голд Коуст - македонски домови за генерациите (12) |
ДЕЛ ОД АКТИВНОСТИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА Бризбеин, или како што често го нарекуваат „градот на цвеќето“ е главен и административно-културен центар на државата Квинсленд. Овој убав град како населба бил формиран 1824 година во состав на англиската колонија и служеше како „заточеништво“ на непослушните и прекршителите на законот. Меѓутоа, денс овој привлечен велеград е значајно морско пристаниште, кое ја поврзува Австралија со Далечниот Исток и пошироко по целиот свет, а во него и во околните места живеат околу два и половина милиони население од сите делови на светот, наоѓајќи своја егзистенција во туристичките, индустриските, земјоделските и други бизниси. Во овој велеград и конгломерат од народи се вгездиле повеќе од илјада Македонци од етничка Македонија. Нив ги има најповеќе од егејскиот дел на Македонија кои се доселиле по поразот на ДАГ во Граѓањската војна во Еледа (Грција), поточно во екот на голготата на македонскиот нарот. Исто така, на тие простори се доселиле и семејства од Република Македонија. Нив ги има од сите делови на Македонија, но најбројни се од Леринско, Битолско, а ги има и од Прилепско и од Охридко-преспанскиот регион. Иако македонската заедница не е многубројна како во другите австралиски центри, но таа е голема по духот и постигнувањата на национално, духовно и културно поле. Тоа особено е изразено преку заедничкото живеење во македонската православна црква „Раѓање на Пресвета Богородица“ , која претставува дом на заедништво, другарување и зачувување на македонскиот национален дух, култура, традиции и обичаи и сакрален објект за православните Македонци на тие австралиски простори. Почетните активности, особено оние на црковно духовно поле во македонската колонија во Бризбеин почна со посетата на тогашниот архиереј митрополитот господин Кирил во јуни 1980 година. Тогаш митрополитот Кирил ја опслужи првата богослужба на мајчин македонски јазик, изврши осветување на објектот во кој се собираа Македонците и го изврши првото крштевање на македонско девојче.. Чин што остана со трајни белези кај Македонците на тие топли простори, Инаку, зградата на црквата “Света Богородица” во минатото припаѓала на една Англиканска црква, а сега е преуредена во македонски храм. Таа е изградена од тврд материјал и претставува убаво архитектонско решение. Црквата се состои од храм за неколку стотини луѓе и други помошни простории. Во тој период во состав на црквата работеја: Играорната група “Танец”, Фудбалскиот клуб “Обединети македонски браќа”, Неделното училиште по македонски јазик “Крсте Мисирков”, Македонскиот радио-час што се емитува во рамките на мултикултурна програма во Австралија, како и Македонскиот младински центар “Китка”. Заслуги за овој македонски духовно-културен светилник за генерациите во Бризбеин имаат сите Македонци на тие простори. Меѓутоа, посебно треба да се нагласи активноста на првата црковна управа на чие чело беа претседателот и донаторот Симе Гагачев од с. Буф, Леринскло, секретарот Никола Стоилковски, потоа на активистите: Кире Буцевски, Кире Азмановски, Коста Ликовски, прота Атанас Станковски, како и свештеникот Ѓорѓи Кацарски, првиот свештеник што ја посетил оваа македонска општина. Еден од светлите датуми на македонската православна црква „Света Богородица“ во Бризбеин е, секако, 9 мај 1982 година кога е извршено големото осветување од тогашниот надлеже архиереј митрополитот Тимотеј, во сослужение на свештениците Спасе Стефановски и Климент Џепаровски, а во присуство на голем број доселеници од повеќе македонски заедници.. Посебен белег на тој свечен цин му даде присуството на тогашниот министер на Австралискиот парламент, г. Бен Хафри. На оваа свеченост посебно улога имаше играорната друпа „Танец“, а забавата траела до доцна во ноќта кога и биле собрани голем број донации за црквата.„Света Богородица“. Според делото „Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД“ на авторот на овој текст, Македонците во Австралија имаат долга и макотрпна историја проткаена со бескрајни страници, но и со премрежија и турбуленции кои оставиле длабоки траги кај одреден број што живее на тие простори. Македонците отсекогаш биле предмет на разни туѓи верски, национални и политички влијанија, кај кои се нашло погодно тло за таквата дејност. Во тој правец активна била бугарската, грчката и српската пропаганда, кои со успех ги вршеле своите замислени цели. Притоа, во прилог одела и неорганизираноста на македонските доселеници кои, за жал, немале ниту своја држава, ниту, пак, свои Македонски православни цркви. Затоа, во периодот од нивното доаѓање во Австралија до конституирањето на македонската држава, Македонците биле предмет на туѓи пропаганди. Во периодот меѓу двете светски војни, кога МПЦ не беше конституирана како државна институција, македонските доселеници во Австралија не само што учествувале во организирањето и во изградбата, туку и ги поддржале, ги финансирале и црквувале во други цркви. Меѓутоа, љубовта кон родната земја Македонија, а со тоа и кон Бога била голема, чиста и искрена. Таков е случајот со Македонците во Бризбен кој ја формирале првата православна црква на петтиот континент изградена со средства на Македонци. Имено, во 1936 година, во околината на Бризбеин, имало голем број Македонци од Егејска Македонија и од другите Балкански држави собирачи на банани и други земјоделски производи, тие решиле да ја подигнат православната црква “Света Богородица”. Таа била изградена во една мало места на фарма со банани чии средства ги дал еден Македонец од егејскиот дел на Македонија. Црквата “Света Богородица” им служела на сите православни и други христијани на тие простори се‘ до 50-тите години од минатиот век. Слично како во Бризбен, во 1947 година, во месноста Крејбс Крик во Нов Јужен Велс била изградена и православната црква “Света Богородица”. Таму живееле и работеле дваесеттина семејства од Беломорска Македонија, кои собрале средства и на имотот на еден Македонец од Костурско ја изградиле црквата. Осветувањето на црквата го извршиле свештеници на Англиканската и Руската црква и била регистрирана пред австралиските власти. Црквата “Света Богородица” постоела 4-5 години, се‘ до периодот кога се отселиле Македонците и го продале местото заедно со објектот. Меѓутоа, со обновувањето на Македонската православна црква во лицето на Охридската архиепископија во 1957 година, состојбите рапидно се изменија. Така, македонските православни цркви и црковни општини во Австралија се конституирани врз законска основа и се организирани како религиозни, национални, социјални, хуманитарни, културно-просветни, литературни, спортски и друг вид институции. За реализирање на своите активности црквите и црковните општини, пред се‘, имаат добиено широка поддршка од властите каде што постојат и од мајката Светиклиментова црква во Република Македонија.. Една од таквите македонски центри е, секако Македонската православна црква “Света Недела“ во Голд Коуст. Почетната иницијатива за изградба на оваа црква датира од 1989 година кога било формирано македонско друштво, кое подоцна прерасна и беше регистрирано во црковна општина. Новиот црковен и национален храм „Света Недела “ е убаво архитектинско решение со кое Македонците се гордеат. Со формирањето на македонската православна црква “Света Недела“ во Голд Коуст, во голема мера се придонесе да се подигне на повисоко рамниште свеста, љубовта за заедничко живеење и националниот идентитет на македонските иселеници на тој дел на во Австралија.За црквите „Света Богородица“ во Бризбеин и за „Свети Никола“ во Голд Коуст, често се вели дека се духовно-национални храмови за генерациите. Продолжува
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
|