|
|
Уметникот Алек Џигеров од Канада – голем поборник за македонската вистина (18) |
ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ Алек (Александар) Џигеров (Alex Gigeroff) е канадски Македонец со докторски и други титули, уметник и добитник на голем број награди и признанија од канадското општество. Тој е, исто така, познат општественик и еден од иницијаторите за формирањето на Канадско - македонската федерација во Торонто. Тој е Канаѓанец од македонско потекло и е една од значајните личности во дијаспората кому Македонија му лежи на срце. Алек Џигеров е роден во Торонто на 30 јули 1931 година. Неговиот татко Кире Наумов дошол со турски пасош во САД, во далечната 1910 година, а се префрлил во Канада во 1914 година како Кире Џигеров. Неговата мајка Велика, пак, дошла во Канада во 1924 година. Се населиле во денешниот централен дел на Торонто, каде го почнале новит слободен канадски живот. Алек Џигеров е позната и призната канадска образована личност. Но, тој е најповеќе познат како уметник, кој живее и слика во својата фарма во провинцијата Нова Скошија, а чии слики висат и ги красат ѕидовите на голем број значајни установи и приватни куќи ширум Канада. Тој е интелектуалец од висок ранг, човек со ораторски способности и со познавање на историските, културните и научните факти за светот. Д-р Џигеров има македонско потекло од Беломорска Македонија; по татко е од селото Ошчима, а по мајка од селото Желево, Леринско. Според неговите шеговити зборови, тој бил роден во сиромашка четврт во Торонто, каде неговата мајка го родила на линолеум во нивниот семеен дом, без помош од доктор или бабица. Семејството Џигерови било многу скромно, но со душа македонска и извесно време живеело во близина на Кланицата на градот, која се наоѓала зад нивната семејна куќа. Тој дел на Торонто било местото каде Алек го завршил основното образование и каде од своите родители го научил леринскиот дијалект на македонскиот јазик. Таму неговите родители кои знаеле само македонски и малку англиски јазик, постојано зборувале за родните места, за тешкиот живот и малтретирањата во Ошчима и Желево, Леринско, но зборувале со љубов кон Бога и родната земја Македонија. Од тогаш Алек станал заробеник и голем поборник за македонска вистина. Во неговата богата биографија е забележано дека кога тој бил на десет годишна возраст, семејството Џигерови се преселило во западниот дел на Торонто, каде Алек живел цели дваесет и осум години. Таму завршува средно гимназиско училиште, а со високо образование се здобил на колеџот Викторија на Универзитетот во Торонто во 1952 година. По дипломирањето тој отпатувал за Англија, каде останува една година. Го завршил Правниот факултет на Универзитетот во Торонто во l955 година и станува правник / адвокат во 1958 година. Во 1966 година добил звање адвокат (мајстор на законот) на Универзитетот во Торонто, на Правниот факултет; потоа докторирал на криминалистика на Лондонската школа за економија, на Универзитетот во Лондон во 1973 година и продолжил да работи како доцент на Факултетот за медицина, Оддел за психијатрија, на Институтот за психијатрија „Кларк “ на Универзитетот во Торонто во периодот од 1971 до 1975 година. Во својата догогодишна кариера објавил голем број научни трудови и книга на Универзитетот во Торонто, како и триесетина академски и научни трудови кои се објавени во светот. Исто така, Џигеров е надарен со уметничка способност, затоа и студирал скулптура и портретно сликарство, а предавал уметност во Модерното училиште за средно образование во Лондон една година. Тој беше шеф на Високиот комитет за сликарство на Универзитетот во Торонто, а учествувал и во Аматерскиот театар. За неговите постигнувања на научно и уметничко поле е добитник на бројни награди и признанија. Меѓу другото, во 1969 година Алек Џигеров ја добил наградата за истражување од Институтот за психијатрија „Кларк “, а во 1970 година беше номиниран за награда „Денис Керол“, од Меѓународното здружение за криминологија во Мадрид, Шпанија. Исто така и во македонската заедница беше избран за претседател на Сојузот на младината на македонскато-бугарската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ во Торонто, во периодот кога немаше македонски цркви. Кога се пресели во Нова Скошија беше избран за претседател на Уметничко друштво „Јармаут“ (Yarmouth, местото каде и денес живее Џигеров), кое е регионалниот центар за уметност во провинцијата Нова Шкошија. Немирниот дух на Алек Џигеров помогна да се изгради Центар за уметност во Јармаут.Тој е член на Управниот одбор на програмата за визуелна уметност во Нова Скошија, а учествуваше и во програмата „Уметноста како терапија“ во службата за ментално здравје во болница во Јармаут. Алек Џигеров е автор на делото „Чорапите на македонската баба“ испирирано од една македонската народна песна од Егејот, која тој постојано ја пее. Таа е книга која ја користат учениците од прво до трето одделение во основното образование. Ова дело доживеа и проширено издание. Џигеров е автор и на делото "Што е тоа зад аголот?", публикација која се занимава со проблематиката во училиштата. Тој насликал и шест мурали за основните училишта во Јармаут. Неговиот најнов проект е игра наречена „Средни играчи“ што тој ја снимил на CD со свој глас, која содржи записи и говори од Егејска Македонија, на македонски јазик, на јазикот каков Алекс го научил од неговата мајка. Алек Џигеров е познат уметник во македонска колонија во Торонто. Тој е член на Канадско-македонското историско друштво, чие седиште е во Канадско - македонското место (Старски дом). При нашата посета на Домот неодминливо беше да се посети неговото ремек дело, големиот портрет за селото Желево, Костусрко, како и други негови уметнички дела кои тој ги подарил на оваа канадсо-македонска институција. Како едукатор и академски образован човек со неговото дело „Сексуалните девијации во законот за криминалот“ тој помогнал за подобрување на кривичните закони на Канада во поглед на условната казна за некои од сексуалните прекршоци. Со ова дело тој помогна милиони луѓе да живеат послободен живот и да бидат подобро заштитени. Тој го користел своето образование за подобрување на живото на народот во Канадам, земјата која, како што тој вели, нему и на сите други рамноправно им дала слобода и шанса за образование. Во нашиот разговор што го водевме во Старскиот дом во Торонто, Џигеров ни рече дека се чувствува неверојатно привилегиран, бидејќи веројатно за прв пат во неговото семејство од Егејска Македонија, повеќе од 500 години, еден од семејството добил шанса да научи да чита и да пишува. Тој нагласуваше дека се чувствува благословен дека бил роден во семејство со македонско потекло кое има своја тажна историја, но голема иднина; дека ги чувствува длабоките коренети од прадедовските планински македонски поколенија, а Канада му овозможила да премости бројни прашања и проблеми од науката, правото, филозофијата, литературата, сите уметности од сликарството, поезијата, музиката и драмата. Во разговорот посветивме посебно внимание за цвеќето „Здравец„ кое расти на македонските планини уште од времето на Филип Македонски, поставено на Македонското сонце и се шири во новата земја Канада. Тоа е симполот на „Канадско-македонското место“, а голем број македонски семејства во Канада донеле од Македонија и засадиле здравец во своите дворови, со цел да се препознаваат дека тие се куќи на Македонци. Инаку, Алек Џигеров беше гостин на авторот на овие редови Славе Катин во Македонија, кога тој одржа предавање на Правниот факултет во Скопје и имаше средби со голем број видни научници и студенти, а се сретна и со голем број Македонци од Егеј и Пирин. Бидејќи не му беше дозволено од грчките власти да ги посети корените на своите претци во Егејска Македонија, го посетивме Љубојно и Преспа, од каде Алек за прв пат од кај граничниот премин „Маркова Нога“ му се оствари сонот да види парче земја од егејскиот дел на Македонија во Долна Преспа, а да се напие македонска вода од Брајчинска Стара Река која извира од планинските венци недалеку од селата Ошчима и Желево. Интересно е да се одбележи дека Алек Џигеров, Македонец од Канада, кому Македонија му е судбина и преокупација, има видување и аргументи дека Зорба не бил Грк, туку Македонец. Според неговиот текст со наслов „Македонска чорба“, што е напишан на англиски јазик и содржи 24 страници, читателот може да се запознае со интересни претпоставки, тврдења, дилеми, прашања и одговори. Неговите докази се засновани врз англискиот превод на делото на Казанѕакис извршено од Теодора Василис и од многу други извори. Така, јунакот на Никос Казанѕакис. Алексис Зорба, или Јеоргиос Зорбас, како што му беше правото име, трансформиран преку вистинските уметнички квалитети на артистот Антони Квин, беше еден од интернационалните и меѓу најславните личности на грчката пропагандна машинерија во дваесеттиот век. Веројатно неговиот лик во романот на Казанѕакис, а тоа го направи Паскал Гилевски со своите високи литературни квалитети во преводот на македонски јазик на оваа значајна книга, особено во филмот „Зорба“, ќе остане вечен во сеќавањата на голем број читатели и вљубеници на филмот во светот. Меѓутоа, дали „Гркот“ Зорба е вистински Грк? Прашање што многумина го поставуваат и ги тера на сомнение и дилеми. Овој пат ќе нагласиме дека Алек (Александар) Џигеров има голем придонес во осветлувањето на ликот на Зорба (Чорба), како и бројни пишани докази и аргументи дека Зорба не бил Грк, туку бил Македонец. Продолжува
|