|
|
Прогонети, негирани, непризнати, но - истрајни (22) |
ОД ЖИВОТОТ И АКТИВНОСТИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА Бројните организации и здруженија на црковно, културно-просветно, спортско и друго поле со своето дејствување го одразуваат единството на Македонците во Викторија, без оглед дали потекнуваат од Република Македонија, егејскиот, пиринскиот дел на Македонија или од Албанија и на тој начин непосредно придонесуваат за нивната меѓусебна синхрона активност и афирмација како посебна и компактна етничка целина. Преселничките движења на човекот од место во место, потоа од земја во земја, како и од континент на континент, веројатно е процес што произлегува од човековата природа за постојано движење, за запознавање и откривање нови земји, непознати простори, во потрага по нов живот и како и за задоволување на неговата вечна љубопитност. Тоа е особено изразено во минатото столетие, во новите миграциони процеси како последица од војните. Ваквите преселнички движења, во исто време, се и резултат на потрагата по животните егзистенцијални и други потреби, за наоѓање поголема животна сигурност и посреќна иднина. Покрај овие фактори постојат и многу други кои претставуваат постојана причина и повод за миграции и преселништва на луѓето, а тоа се, во прв ред, угнетувањето, војните, болестите, како и бројни политички, економски и други причини.. Меѓутоа, се чини преселничкиот бран сврзан со теророт и распарчувањето на Македонија е најголем кога во нејзините села и градови газдувале српските, бугарските, албански и грчките деспоти и крвници, со сите тешки злодела што и‘ ги нанеле на разделена Македонија. Тоа што било таму, се пренесло и во Австралија, та и таму на македонските доселеници не им се дава мир од туѓи пропаганди, кои непрестајно роварат среде иселеничките етнички заедници, особено кај Македонците од Беломорска Македонија. Непризнати и негирани, без никакви права и без свое национално име, голем број Македонци тргнале на долгиот пат, знаејќи дека е неизвесен и тежок и дека туѓината е пуста јабана. Меѓутоа, гордоста и желбата да се зачува името свое македонско битие е посилно од се‘, ги напуштиле своите родни огништа и се доселиле во демократска Австралија. Примерот со егејскиот дел од Македонија е еден од најцрните и најтаговен што го познава цивилизираниот свет и е трагична страница за историја на македонскиот народ и Македонија. Така, за време на Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција имаше масовен егзодус на околу 200.000, од кои 30.000 невини деца, меѓу нив многу поголем беше бројот на патриоти, недолжното население и храбрите борци кои беа прогонети од диктаторските режимочувари на Елада (Грција) и кои се раселени на сите страни на светот. Голем дел од нив свој животен пристан најдоа во Австралија. Само во Леринско за десетина години, од 1950 до 1960 година биле издадени околу 10.000 иселенички визи. Меѓутоа, тој број е многу поголем. Исто така, според официјалните бројки, според пописот на населението, од Републиката во 1971 година се иселиле 34.420 лица, што е нереално. Според грчки статистички извори по првото тромесечие на 1970 година од егејскиот дел на Македонија се иселиле 3.918 лица, а од нив само од Леринско 1.840. Но, за жал, вистината е многу поинаква. Може да се каже дека, покрај општата заедничка македонска народносна свест градена во текот на вековите на тлото на Македонија, а особено во времето на Илинденското востание за македонскиот јазик, заедничките обичаи, традиции и други белези, сепак, еден дел од македонското население од Беломорска Македонија како резултат на систематската пресија и влијанието на грчката верска и просветна пропаганда, за жал, има грчка национална свест. Многу иселеници од македонското население доаѓајќи од тој дел во новите средини, особено во Австралија во текот на времето се ослободуваа од тоа влијание, посебно оние што поминаа низ бурите на НОБ и Граѓанската војна. Меѓутоа, еден дел и натаму остана на грчката идеја. Друг дел од македонските иселеници од егејскиот дел на Македонија поради сосема практични причини ( лични, семејни, патни и други документи) не се експонира на македонската линија. Исклучително голема, силна и многузначајна е улогата и местото на македонската држава - Република Македонија како фактор на хомогенизација на националната свест. Фактот што таа не се простира на целата територија на етничка Македонија е голем хендикеп за формирањето на единствени македонски погледи на светот кај младите генерации, но сепак времето рани лекува, а надежта последна умира. Факт е дека македонските доселеници во Австралија постигнуваат се‘ позабележителни резултати во областа на културата, образованието, спортот и социјалниот живот воопшто. Нивните резултати на економски, образовен и културен план се‘ повеќе придонесуваат тие да не бидат третирани како граѓани од втор ред, туку како интегрален и важен дел во новата средина во Австралија. Тие стануваат познати и признати од домашниот фактор и од другите етнички групи. Голем е бројот на деловни луѓе, видни личности во образованието и општественото живеење се од македонско потекло во Австралија кои се познати и признати личности на петтиот континент и пошироко. Ваквиот напредок, пред се‘, придонесува за нивната општествена афирмација и поповолен третман во средините каде што живеат, однесувајќи се кон нив како кон посебна етничка заедница рамноправно со другите етнички групации во многунационалнот општество на англосаксонскиот свет во Австралија и Нов Зеланд. Декретно на Македонците од егејскиот дел на Македонија не им беше дозволено да се школуваат на својот мајчин јазик, а многу мал беше бројот на оние што завршија грчки училишта. Затоа, поголемиот број Македонци од Беломорска Македонија и други делови на Македонија дошле во новата средина во Австралија со ниско или никакво образовно ниво. Меѓутоа, кај нив се разгоре желбата не само да обезбедат основна егзистенција и да се создадат одредени материјални добра за семејството, туку тие посветуваат и големо внимание на образованието и личниот прогрес на тие демократски простори, каде што ги уживаат своите национални и социјални слободи. За разлика од тоа, во дедовката земја, тие се обесправени, врз нив се врши асимилација, денационализација и систематско прогонување. Како резултат на тоа, голем број од иселениците, особено го учат англискиот јазик со цел подобро да се вклучат во животот на новата средина, а своите деца ги испраќаат да се образуваат во англиски училишта, колеџи и универзитети. Ова е изразено кај последните неколку генерации, особено кај иселениците од поново време, што услови нови структурни промени и видлив развој на македонските доселенци во демократска Австралија. Продолжува
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
|