|
|
Почетоците на духовното живеење во Викторија (24) |
ОД ЖИВОТОТ И АКТИВНОСТИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА Во Мелбурн, во тој убав, привлечен и најзначаен административен, политички, културен, спортски и главен град на државата Викторија, Македонците од Леринско, Костурско, Воденско, Битолско, Преспанско, Прилепско и Охридско ае најбројни. Добро организирани и така бројни во далечниот Мелбурн, тие имаат важна улога во општественото и во културното живеење и се многу значаен дел на тој многунационален мултикултурен мозаик на Австралија. Во текот на нашиот престој во Мелбурн ги посетивме македонските православни цркви и манастири, македонските друштва и бријни други асоцијации. Тие сите се еден вид национален темелник што ги поттикнуваат Македонците да се зближат, да постигнуваат подобри резултати на сите полиња од животот, а во исто време и да се афирмираат себе си и македонската вистина во новата средина. Често се вели дека таму каде што живее еден народ, без разлика дали тоа е на дедовскиот праг, покрај вековното огниште, или на друго избрано место на далечните простори, неминовно е тој народ да создава своја сопствена историја, култура, воспитанија, образование и други процеси што утре ќе сведочат за неговото постоење. Таков е случајот и со Македонците од сите делови на Македонија кои ја избрале Австралија за нивна втора татковина, каде нивниот развој е видлив на сите полиња.
Македонската заедница во Австралија во изминатите деведесетина години на петтиот континент успеала да си создаде и да си организира своја специфична шема во политиката, економијата, религијата, информирањето, во начинот на живеење и големиот просперитет. Таму, во тој дел на Јужната хемисфера Македонците го почувствуваа благодетот на австралиската демократија, на слободата на трудот, на придобивките од автралиската мултикултура и брзо се итегрираат уште со нивното доаѓање во текот на минатиот век. Ваквите поволни услови во Австралија вродија со плод да се формира Македонско-австралискиот народен сојуз (МАНС), кој во тие повоени немирни времиња имал улога да се одржи единството на Македонците собрани околу своите Сојузи и Друштва со национален карактер. Подоцна, во созреани услови, улогата на МАНС била да ги сплоти доселениците во македонски православни општини и културни центри. Треба да се нагласи дека Македонско австралискиот народен сојуз со помош на локалните Сојузи и Друштва, слично како во САД и Канада, покрена хуманитарни акции за помош на Македонија, како што беше изградбата на Болницата во Скопје и поддршката на борците за демократија на ДАГ (Демократска армија на Грција). Исто така, беа покренати и голем број други хуманитарни, културни, економски и политички акции, со цел да се помогне на македонскиот народ веднаш по Втората светска војна. Инаку Македонскиот австралискиот сојуз беше организиран по примерот на Македонскиот американски народен сојуз во САД (МАНС) и Македонскиот канадски народен сојуз (МКНС), што беа формирани на Првата конференција, што се одржа во Толидо, Охајо, на 22 и 23 март 1930 година. На конференцијата била усвоена Резолуција со која сите македонски независни прогресивни групи се обврзале да ја координираат својата дејност меѓу себе и да создадат услови за што поуспешно ширење на своите идеи меѓу македонските доселеници. Прогресивните групи за свој сојузник ја прифатиле само работничката класа со која биле готови преку единствениот револуционерен фронт, да се борат против фашизмот и империјализмот. Целта на македонските независни прогресивни групи била да ги обедини Македонците заведени од МПО и да развие политичка активност сред македонските доселеници. А, една од големите желби и барања на овие групи била да се создаде балканска федерација, во која ќе бидат гарантирани широки национални, политички и социјални права и слободи на балканските народи, вклучувајќи го и македонскиот народ од трите дела на Македонија. Во реализацијата на ваквата политика новиот Македонски народен сојуз (МНС) сметал на содејство и поткрепа од сите прогресивни сили и луѓе во светот, ососбено од оние на Балканот. Инаку, името Македонски народен сојуз (МНС) го добил со обединувањето на прогресивните групи во сојуз на Првиот конгрес, одржан во Гери, Индијана, од 24 до 26 април 1931 година. Потоа, по Четвртиот конгрес на МНС што се одржал во Детроит, Мичиген, во 1934 година, од единствениот МНС биле создадени две организации: Македонско-американски народен сојуз во САД (МАНС) и Македонско-канадски народен сојуз (МКНС) во Канада. Членовите на МАНС и МКНС се залагале са поголемо заедништво меѓу прогресивните сили на сите балкански народи. Кај нив се разгорел пламенот посебно за поддршка на Народноослободителната борба на македонскиот народ и на Граѓанската војна во Шпанија. Така, една од позабележителните акции на МАНС и МКНС бил, секако, “Меморандумот за решавање на македонското прашање”, што на 11 февруари 1945 година Националниот комитет го упатил до американското Министерство за надворешни работи, до меѓународната јавност, до бројни институции и до македонското иселеништво. Меѓутоа, по 1947 година во САД започнала кампањата против прогресивните организаци и симпатизерите на левицата, кога започнала и студената војна. Многу организации во тој период биле прогласени за субверзивни. Таква етикета му била прилепена и на МАНС, кој бил прогласен за “пресвртничка организација”. Потоа, во 1949 година, кога, стапила во сила одлуката на државниот обвинител на САД, според која натамошното дејствување на Македонско-американскиот народен сојуз згаснала засекогаш. Работата на МАНС се прошири во Австралија по Втората светска војна. Така, на 25 август 1946 година и званично е прифатена идејата за формирање на општ Сојуз за цела Австралија под името Македонски австралиски сојуз (МАНС). Меѓутоа, идејата за формирање на МАНС, всушност била дадена на првата Македонска конференција, што се одржала во Перт, на иницијатива на членовите на „Единство“ во 1940 година. Значаен датум за ова прогресивна македонска организација е март 1947 година кога во Мелбурн се организира Првата сојузна конференција на МАНС. Во тоа време имаше бројно иселеништво од Беломорска Македонија и дел од прогонетите во источно европските земји, кои ја напуштија својата родна земја како борци на ДАГ, како деца прогонети (бегалци) и дел од нивните семејства, а кои се прибрале кај свои роднини и пријатели во новата татковина демогратска Австралија. Веднаш по Втората светска војна, Македонската заедница го формира Македонскио австралискиот народен сојуз. Всушност, оваа најголема македонска организација ќе произлезе од македонските организации и тоа: „Слобода“ од Менџимап, „Единство“ од Перт, „Нова Македонија“ од Џералтон, „Александар Велики“ од Аделаид, „Весела Македонија“ од Сиднеј, „Слобода„ од Крабес Крик и неколку други организации формирани во Волонгонг, Њукасл, во Порт Кембла, во Квинбијан и други градови ширум Австралија. Меѓутоа, од пресудна улога за својот национален опстанок, Македонската заедница во Австралија го гледаше во напредокот на духовно поле, односно во формирање македонски православни цркви, кои ќе се поврзат со напредокот во матичната земја Република Македонија. Затоа формирањето на првата Македонска православна општина во Мелбурн во 1956 година и завршетокот на градбата на црквата „Свети Ѓорѓи“ во 1960 година не значат само победа на Македонската заедница во Викторија, туку и поттик за другите македонски центри да си организираат свој самостоен црковен живот. Македонците во Австралија, а со тоа и во целата македонска дијаспора биле свесни дека само преку свои духовно национални центри можат да го сочуваат својот интегритет, а со тоа и да ги продолжат македонски верски обреди, овичаи, национални и други културни вредности донесени од дедовската земја - Македонија. Меѓутоа, тоа не го гледале во новоформираната бугарска православна црква „Свети Кирил и Методиј“ во Мелбурн, туку во формирање на своја македонска православна општина. Така, на Македонската заедница во своето долгогодишно постоење и‘ се даде можност во 50-те години на минатиот век да си оформи свој црковен живот. Со тоа Македонците во Викторија сакаа да ја изразат љубовта кон новата татковина, а во прв ред кон својата родна земја. Да докажат и покажат дека не го зборавиле својот роден крај, дека преку духовното живеење, со песна и ора, со приказни и легенди, обичај и веселби ќе го прошират националното и духовното живеење на новите простори во демократска Австралија. Продолжува
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
|