|
|
„Св. Климент Охридски“ во Кинг Леик – прв македонски манастир во дијаспората (26) |
ОД ЖИВОТОТ И АКТИВНОСТИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА Нашата посета на петтиот континент беше во декември кога во Македонија беше зима, а во Австралија имавме прекрасни топли и сунчани моменти на убавите плажи во Мелбурн. Посетата ни‘ се совпадна со празнувањата на свети Климент Охридски – Чудотворецот. Затоа посетата ја искористивме да се запознаеме и со други знаменити работи на Македонците во Австралија. Така, наша цел беше да го посетиме манастирот „Свети Климент Охридски“ – првиот македонски манастир во дијаспората. Заедно со нашите пријатели на семејството на Андреа Бранов од селото Буф, Леринско, се упативме кон тоа свето македонско катче, кое се наоѓа во непосредна близина на Националниот парк на државата Викторија, на околу осумдесет километри од Мелбурн, во месноста „Кинг Лејк“ (Кралско Езеро). Таму разговаравме за чудата на свети Климент во Охридско-преспанскиот регион, за што и е наречен Чудотворец, за карактеристиките на црквите во Охрид. Но посебно ги запознам моите пријатели за животот и делото на свети Климент Охридски (840 - 27 јули 916, Охрид). Притоа нагласив дркс тој е голем македонски светец и еден од учениците на солунските браќа светите Кирил и Методиј кој учествувал во извршувањето на Моравската мисија. Според пишаните документи, по смртта на свети Методиj бил истеран од Панонија од Германците и побарал спас во тогашна Бугарија. По барање на бугарскиот цар Борис I оди во Охрид, (административно регионот во тогашното царство бил познат како Кутмичевица) каде во 886 година ја формира Охридската книжевна школа или попозната како „Прв словенски (македонски) универзитет“, каде свое образование добиле 3.500 ученици. Тој е познат македонски и словенски учител, а најповеќе е познат по градот Охрид. Свети Климент бил и првиот епископ словенски (македонски) со титула Епископ Велички. Затоа, во чест на светецот, во Македонија и Бугарија многу училишта, улици и државни институции го носат неговото име. Најголемата црква во Скопје (соборниот храм) го носи името на свети Климент, универзитетот во Битола, Националната и универзитетска библиотека на Македонија и голем број македонски православни цркви во Македонија и во прекуокеанските земји САД, Канада, Австралија и Европската Унија. Најголемиот дел од моштите се чуваат во Македонија на Плаошник. Покрај тие на Плаошник има мошти на свети Климент во Бигорскиот Манастир, Во Митрополијата во Битола, Во Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, во црквата „Свети Климент Охридски“ воСкопје, во Поречкиот Манастир, во црквата на Светите Седмочисленици во Софија (Бугарија), има дел од моштите со големина на нокт и во Пловдив. Неговиот череп се чува во манастирот „Свети Јован Претеча“ кај Бер, Егејска Македонија. Во 70 тите години, честица од моштите е однесена и во Рим. Манастирот „Свети Климент Охридски“ е сместен во еден прекрасен дел од пространата Австралија, на убаво место за одмор и рекреација. Таму на влезот наидовме на порта од каде се отвора парче македонска земја на која е распослано големо зелено пространство од падинки и шуми, на површина од десетина хектари. Од левата страна на патот, недалеку од влезот, се наоѓа зградата на манастирот „Свети Климент Охридски“. Овој прв македонски манастир во Австралија и во светот бил осветен на 29 јануари 1978 година од првиот поглавар на Македонската православна црква архиепископот охридски и македонски г.г. Доситеј, во сослужение на тогашниот надлежен архијереј митрополитот Кирил и повеќе македонски свештеници во Австралија. Тоа е простор и за други активности во природа. Се чини дека, покрај традиционалниот пикник што по повод празникот свети Климент се одржува во декември, најголема манифестација била „Денови на македонската култура“, што беше организирана во декември 1985 година. Од пишаните документи бевме информирани дека на таа многу значајна манифестација што се одржала под покровителство на владите на државата Викторија и на Република Македонија, се собрале повеќе од дваесет илјади посетители. Тоа претставувало голем придонес за македонската култура и за мултикултурата на Австралија, пред сè, за зачувувањето на културните и другите постигнувања од областа на фолклорот, песната, религијата и обичаите на македонските доселеници. Нашата посета на ова свето македонско катче на петтиот континент беше токму на патрониот ден на свети Климент Охридски, кога и присуствувавме на големиот македонски пикник. Таму вриеше како во кошница. Се чувствувавме како да сме во Охрид, на Плаошник или на другата страна на Охридското Езеро, во Свети Наум, кога го посетивме тој македонски храм. Во манастирот влегоа повеќе илјади посетители и запалија свеќи поради што беше невозможно долго да се издржи во храмот. Видовме многу подароци, дарувања и донации од страна на верниците, а македонскиот народ на тие простори е вистински верник и поклоник на Македонската православна црква која, далеку од својата родна земја го збрала под крилата, духовно го збогатила и му го одржала идентитет на Македонецот. А манастирот „Свети Климент Охридски“ е дело претежно на Македонци од егејскиот дел на Македонија кои, за жал, се онеправдани во своите родни места на дедовската земја. Меѓутоа, за среќа, во Австралија ги уживаат сите национални и социјални слободи. Тоа ги поттикна да изградат македонски манастир за да ги потсетува на Македонија.Затоа, Македонците велат дека ако Австралија е нивни завет, тогаш Македонија е нивна неизлечива рана и непреболена болка. Беше навечер кога се упативме кон Мелбурн. Времето беше убаво, и со автомобилот се движевме покрај голем дел од богатиот и простран фарми. Го оставивме манастирот „Свети Климент Охридски“, од каде понесовме убави спомени за животот и делата на македонските доселеници и нивните поколенија во тој дек на Викторија. За жал во огнената стихија која беснеше во тој дел на Австралија, во февруари 2009 година, до темели изгоре македонскиот манастир „Свети Климент Охридски“. Според кажувањата едвај куртулило едно семејство кое живеело во манастирската куќа. За да ги спасат двете деца, родителите ги прекриле со водени ќебиња и едвај успеале да ги изнесат од огнените јазици, кои поради силниот ветер се ширеле со огромна брзина. Пожарот уништил над 750 домови и повеќе од 380.000 хектари шума која ја претворил во пепел, а посеал страв и паника во Австралија. Најзафатена била државата Викторија, каде што живеат околу 100 илјади Македонци, од кои голем број ги изгубија своите домови. Прито, управата на „Свети Ѓорѓи и Пресвета Богородица“ заедно со членовите на Македонската заедница во Австралија направија се' преку донации да се обнови храмот на „Свети Климент Охридски”. Денес манастирот„Свети Климент Охридски” , заедно со црквата „Св. Ѓорѓи и Света Богородица“ се под јуриздикција на Сиднејско- австралиската епархија на Македонската православна црква што ја раководи митрополитот Тимотеј. Мегутоа, за ќал, со судските спорови, недоразбирањата, со нехристијанските релации на верниците и црковниот клер во изминатите години се причинети несогледливи штети врз духовно-националното движење и финансиското опстојување на македонските православни цркви во Австралија и на Македонците во целина.
Продолжува
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
|