|
|
Печалбарскиот копнеж на Сандра и Јосиф Ничевски од Торонто (33) |
ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ Често се вели дека печалбарството за Љубојно, а и за цела Преспа е и среќа и судбина. Тоа е река што не сопира и процес кој продолжува со векови. А судбината била сурова и, меѓу другите ги однела на печалба Јосиф и Сандра (Грежловска) Ничевски, кој најпрвин заминале во Вулунгонг, Австралија, а потоа во Торонто. Тие живееја педесетина години во Канада, каде имаа времен дом, но како вечен сон Македонија ги врати за на век. Иселениците Јосиф и Сандра Ничевски потекнуваат од убавото и печалбарско преспанско село Љубојно. Нив ги задоил печалбарскиот леб, бидејќи нивните татковци, заедно со една поголема група Македонци од Долна Преспа, биле меѓу првите печалбари во Соединетите Американски Држави, традиција што се пренесува од колено на колено, така што и Јосиф и Сандра заминале на печалба најпрвин пет години да живеат и работат во Вулунгонг, Австралија. Од таму понеле многу добри спомени, оти, како што велеа, таму им било како во Преспа: долу море и плажа, како крај Перспанското Езеро, горе планина и високи дрвја, зеленило и убавина, како на Пелистер. Од 1969 година се загнездиле во Торното, заминале во втората печалбарска земја, но Македонија не ја заборавија. Родното место на Сандра и Јосиф Ничевски - Љубојно се наоѓа во пазувите на Баба Планина, недалеку од Преспанското Езеро, на македонска земја, а само неколку километри северно од границата жто ја дели етничка Македонија. Тоа е типично македонско, преспанско, печалбарско место од кое, како и од голем број села под Пелистер и од кај Преспанското Езеро многумина заминале од своите родни дедовски огништа и се задомиле на сите континенти во светот. Љубојно, своето име го добило од зборот љубов. Така вели легендата. Поточно, многу одамна се вљубиле момче и девојка. Тие живееле во две соседни населби на повисоките предели на селскиот атар, но поради лошите соседски односи на жителите на населбите, не смееле да се земат. Меѓутоа, љубовта била многу посилна и тие се зеле и побегнале во рамничарскиот дел - во близината на Стара Река каде и останале среќно да живеат. Подоцна во близина на местото на вљубените се доселиле и други семејства. Во чест на вљубените младенци местото го нарекле Љубојно.
Ова е само легенда за Љубојно – љубовта на Сандра и Јосиф Ничевски, која ја прераскажуваат постарите љубанчани. Но, таа легенда се потврдува со фактот што Љубојно, односно жителите на овој питом преспански и македонски крај имаат љубов; љубов кон родниот крај, кон Татковината, природата, љубов кон убавото и кон се‘ она што значи напредок, иднина... Според кажувањата на постарите, таму секогаш живееле вредни и честити Македонци, христијани кои фанатички ја бранеле и ја чувале верата и нацијата. А и сега тие тоа го изразуваат особено на илинденското празнување, кое се одржува секоја година токму на Илинден, на празникот над празниците. Карактеристично за Љубојно е тоа што таму на 8 и 9 септември 1943 година била формирана првата слободна територија во Преспа, за потоа да започне првото училиште во Преспа на македонски јазик Веднаш по Втората светска војна и ослободувањето, Љубојно прилегаше на градска населба; имаше Дом на културата, кино сала, парк, осумгодишно училиште, библиотека, потоа бројни трговски и занаетчиски дуќани. Таму активни беа 14 чевларски работилници, 8 дуќани за широка потрошувачка и текстил, 5 кафеани, 6 дрводелски работилници, две фурни за леб, 4 шивачки работилници, 8 воденици, две ковачници, берберница и др.. Сето тоа зборува за напредокот на Љубојно во минатото, Инаку, најкарактеристично за Љубојно е тоа што заедно со селата од Долна Преспа - Долно Дупени, Наколец, Брајчино, Штрбово, Крани и Сливница од секогаш било расадник на високообразовни кадри, кои работат како педагози, професори, доктори, новинари, инженери, писатели, правници и други професии. Тие придонесуваат за подобро и посреќно утре за човечкиот род во Македонија и во дијаспората. Сите тие учени кадри го стекнале своето образование најнапред во централното осумгодишното основно училиште „Димитар Влахов“, во Љубојно. Училиштето било изградено во втората половина на ХIХ век, кое било малечко и со две училници. Потоа, во 1907 година е изградено денешното старо училиште, кое му пркоси на времето. Првата настава на свој мајчин народен македонски јазик започнала во 1908 година, за во 2008 година да се прослават сто години од неговото постоење. А во ова училиште само од Љубојно го добиле своето образование. педесетина лекари, дваесеттина правници, дваесеттина професори, дваесеттина инженери, десетина писатели и поети и многу други интелектуалци.
Затоа со право се вели дека Љубојно во кое има девет македонски православни цркви и три параклици е најпривлечно, највесело и најпосетено на Илинден, на најголемиот празник од сите празници во Македонија. Тогаш тоа е центар за илинденските празнувања во Преспа. Во тие празнични денови, сите патишта водат кон Долна Преспа, кон Љубојно, каде се собираат голем број иселеници, преспанци што живеат низ Македонија и други балкански земји, гости и иселеници од другите села, туристи и повратници од Преспа, Битолско, од егејскиот дел на Македонија и многу други краишта. На Илинден се пее и пие, се играат македонски ора на “Полена“ во центарот на Љубојно, отворени се сите домови и се слави и дење и ноќе. Меѓу нив со години на Илинден доѓале и селениците Сандра и Јосиф Ничевски. Тие беа доблесни Македонци кои беа познати и признати во новата средина, но тие постојано зборуваа дека се силно врзани со родната земја Македонија и со нивната втора татковина Канада. Се чувствуваа како да се растргнати меѓу овие две татковини, бидејќи речиси секоја година одеја во Македонија и се враќаа во Канада, каде како пензионери ги поминуваа старечките денови. Сандра и Јосиф Ничевски, родителите на авторот на овие редови имаа активен живот во македонската колонија во метрополата Торонто. Така, покрај другото, тие беа членови на МПЦ „Свети Климент Охридски“ од Торонто и на „Свети Илија“ од Мисисага, на Црковниот хор, на „Обединети Македонци“, како и на Здружението на борците на НОВ во Македонија кои живеат во Канада, а кое својата активност ја развива во рамките на Канадската кралска лига на ветераните. И како членови на овие асоцијации, тие неколкупати биле во состав на Илинденските и други делегации на прославите на големите јубилеи на македонскиот народ. Пензионерите Јосиф и Сандра Ничевски, кои живееја во потесното подрачје на Торонто, познати беа меѓу Македонците, пред сè, поради нивната трудољубовист, честитост, искреност и љубов кон сè што е македонско. Исто така, тие пројавиле значајна активност во животот и работата во новата средина. Така, Јосиф (1920-2011) беше еден од првите членови на Црковниот хор и пројавуваше силна љубов кон црковното пеење. Во оваа интересна македонска значајна хорска асоцијација собрани се дваесетина активисти, ентузијасти и почитувачи на песната. Хорот со успех работи во составот на МПЦ „Свети Климент Охридски“, а настапил на бројни свечености и манифестации што се одржуваат во македонските колонии во САД и Канада. Нивните настапи постојано се проследени со внимание од посетителите кои ги наградуваат со бурни апалаузи. Сандра (1920-1998), пак, беше благородна старица со бела коса, разговорлива, бистра и со големи мајчински чувства и со љубов кон својот род. Таа особено беше активна во Женската секција, во почетокот во рамките на „Свеви Климент“, а потоа и во Женската секција на „Свети Илија“. А заедничка карактеристика за овие иселеници беше тоа што тие беа вљубеници во македонските обичаи и традиции донесени од Македонија во новата средина. Тие беа побожни и имаа силни чувства и почит кон верските обичаи, црковното живеење и воопшто кон македонската христијанска вера. Во целото нивно живеење во новата средина секогаш сбеа подготени и меѓу првите помагаа во црковните и националните активности. Дури Јосиф два мандатни рокови бил член на управата на „Свети Климент“, а ја платил таканаречената „Златна лопата“ од поставувањето на камен-темелникот на „Свети Илија“.
Баба Цана, како многумина ја викаа Сандра, знаеше да каже дека тие се на половина пат, ни во Канада, ни во Македонија. Кога биле во Канада, мислиме им биле за семејството во Македонија, а кога биле во Македонија, мислите им се враќале назад. Таа велеше дека со телото се во демократска Канада, а со мислите кај своите во Љубојно, Скопје, Охрид, Битола... Меѓутоа, секоја средба со Татковината, нивните најбилиски, пријателите, со родното место како да им даваше нови сили за живот, а нив тоа навистина им беше потребно во туѓина. Многу им беше мило и особено беа горди што им се исполни вековната желба да имаат своја самостојна македонска држава. Затоа, можеби тоа беше причината за нивниот печалбарски копнеж да живеат во Канада и како нивните родители да остават вечен дом за поколенијата во родното Љубојно, во Македонија. Продолжува
|