|
|
Петрополис – Центарот на Империјата и богатството |
Вториот император Дон Педро Втори бил надарен со способност, мудрост и со широко срце. Ја зел власта во свои раце на возраст од 15 години и владеел цели 49 години, сѐ до укинувањето на робовладетелството. Тоа бил период на економски растеж на земјата, развој на производството за кафе, памук и шеќер. Животот во кралскиот двор се одвивал по рецептот на европските земји, а Дон Педро Втори бил чест гостин на Европа. Така, при една негова посета на Европа, како последица од неговото лошо здравје, принцезата Изабела ги ослободила робовите без да им плати на сопствениците на плантажите. Меѓутоа, како што рекол некој од очевидците, кој бил и потписник на тој документ, „Нејзиното Височество спаси една раса, но ќе го загуби престолот“. Така и се случило. На 15 ноември 1889 година монархијата била отфрлена и Бразил се прогласил за република. Имавме можност да се запознаеме со овие податоци и настани од минатото при посетата на градот Петрополис, 80-тина километри северозападно од Рио, каде се наоѓа и Музејот на Империјата. Всушност, сегашниот музеј бил Кралската палата на Дон Педро Втори во период од десетина години, односно тоа била летна резиденција на императорот од каде тој ја водел државата. Таа прекрасна зградата е во неокласичен стил, со пространи паркови наоколу, исполнети со разновидни дрвја и цвеќиња и други егзотични растенија. Во таа оаза на слободата на духот, како што рече преведувачката Глауција, симпатична мулатка, императорот поминувал шест месеци во годината во летната резиденција во Петрополис. Денес музејот има вредна колекција на документи од кои може да се проучува историјата на Бразил во XIX век. Посебен простор заземаат предметите и вредностите кои говорат за многу богатото минатото, но и за сегашноста на земјата, што е составена од 22 сојузни републики, 4 федерални територии и еден федерален округ - Рио де Жанеиро.
Со самото пристигнување на дивите простори на Бразил, Португалците биле вчудовидени од убавината што го опкружувала тогашниот град Рио. Всушност, по слегувањето од бродовите се среќавале со бескрајни падини со бел песок, зеленило и појас на шуми меѓу граничните врвови што се издигаат над кристално чистата вода. Меѓутоа, новодојденците биле непожелни и требало да бидат подалеку од брегот на океанот. Тамоуосите, староседелски индијански племиња кои живееле и го користеле тој рај, не ги сакале новодојденците, ниту, пак, оние кои пристигнувале во наредните години. Тие, веројатно, биле свесни дека белиот човек нема никогаш да престане да доаѓа во нивната земја. Во тоа биле и во право. Тамоуосите знаеле дека тие простори на кои се протегал Рио де Жанеиро и заливот што го поврзува не биле река, туку само залив (гуанабара), што на нивниот јазик значи „заштитник, знаме на морето“. И кога првите Португалци се доселиле кај заливот, староседелците и од љубов и од омраза ги нарекла „кариоки“ што на нивниот јазик значи „куќа на белиот човек“. Денес, по повеќе од 500 години, во Рио непрекинато доаѓаат посетители од целиот свет. И сѐ уште се вчудовидени од неговата убавина. Кога ќе се пристигне на интернационалниот аеродром во Рио, првиот поглед на градот е од кај заливот - Порта (гуанабара) кој останал со истите раскошни планини, шуми, песок и вода како пред 500 години, од времето на Америго Веспучи. Инаку, административен центар на Бразил, пак, е метрополата Бразилија која е сместен во рамнината Планалто и има околу 2, 5 милиони жители и е на листата на Светското наследство на УНЕСКО. Престолнината Бразилија е седиште на трите гранки на Бразилската власт. Исто така, таа е и седиште на многу бразилски компании, банки и други административни установи. Тој е планиран град во кој сместувањето на резиденцијалните градби се на широки урбани простори, со големи улици поделени на сектори, што поттикнало дебата околу животот во големи градови во XX век. Градот е планиран и развиен во 1956 година, а во 1960 година и официјално станал бразилска престолнина. Гледан одозгора формата на градот наликува на авион или пеперутка.Бразилија е изградена со цел да биде бразилска престолнина. Идејата била да се префрли главниот град од јужниот морски дел во централниот дел на Бразил. Пред тоа главен град на Бразил бил Рио де Жанеиро, а пред него Салвадор.
За составот на населението во Бразил постојат голем број податоци. За потомците на Бразил, чии предци се припадници на разни раси, постојат повеќе имиња, а најчесто е името мелези. Децата на еден бел и еден Афро-американец родител се викаат мулати, децата, пак, од брак на белец и американски Индијанец - местаци, а потомците од мешани бракови меѓу американски Индијанци и Афроамериканци - замбоси. Во земјите на Латинска Америка често било мешањето меѓу различните групи народи и се формирал мозаик на луѓе потомци на разни раси. Најголемата група ја сочинуваат мелезите (местаците, потоа мулатите и замбосите), а од нив најбројни се местаците. Португалските освојувачи кои станале господари, освојувајќи големи територии од новиот свет, со себе не ги повеле своите жени, а тоа се однесува и за подоцнежните португалски доселеници. Тие се женеле со Индијанки во времето на колонијалното владеење од XVI до XVII век. Португалците не им дозволувале на другите Европејци да се доселуваат во Бразил. Затоа местаците се од чисто португалско-индијанско потекло. Склучувањето бракови меѓу Португалец и Индијанка имало за последица и некоја општествена толерантност, каква што немало меѓу англосаксонците кои го населиле најголемиот дел од северно - американскиот континент. Продолжува
|