|
|
Дедо Мраз, пак пристигна кај нас! |
Со санка голема Во Сиднеј, се одржа традиционалниот годишен концерт за децата кои го изучуваат македонскиот јазик во училиштата во Нов Јужен Велс. Пред полна сала посетители, учениците пееја,играа и покажаа дел од знаењето што го научија на часовите по македонски јазик во текот на годината. Масовно посетениот настан и оваа година го организираше Македонскиот просветно училишен одбор за НЈВ, а на него настапија училиштата во кои се изучува македонскиот јазик. Присутните ги поздрави Г-от Алекс Де Принцио, преставник на Федерацијата и на Министерството за образование. Г-от Де Принцио истакна дека овој и сите настани што ги организира МПУО се само дел од работата на неговите членови. „Уште повеќе работа и подготовки, истражувања, предавања, лобирања за јазикот, размена на искусва и многу други невидливи работи вршат учителките . Затоа наставата по македонски јазик во НЈВ и МПУО е пример како треба да се организираат училиштата“, истакна Г-от Алекс Де Принцио. Гостин - мотивациски спикер на концертот беше младата професорка Мелиса Митревска. Мелиса македонскиот јазик го изучуваше во Основното училиште во Карлтон, во редовната настава. Таа денеска е професорка по англиски јазик и историја. Едно патување во Македонија и го измени животот. Бидејќи веќе го зборуваше македонскиот јазик, а животот во Македонија многу и се допадна, Мелиса одлучи да остане таму и таму да работи. Во Скопје се вработи, најпрво, како професорка во гимназијата „НОВА“, а потоа беше и директорка на училиштето. Мелиса остана во Македонија десетина години. Зборувајќи за значењето да се изучувањето на македонскиот јазик, таа истакна дека тоа е многу важно за когнитивниот развој на децата. Изучувањето на јазикот ги прави децата паметни, прилагодливи и им овозможува широк спектар на академски вредности. „Едноставно, децата, за нивно добро треба да се носат на часовите по македонски јазик“, истакна Мелиса. На ученичката Илина Трифуновска ѝ беше врачена Наградата за одличен успех во изучувањето на македонскиот јазик, од Министерот за образование на НЈВ. Оваа година на Конкурсот на СБС- Австралија за промоција на јазикот Признаници добија учениците: Ангелина Танаскоска, Давид Беговски, Софиа Бони, Давид Балтовски и Клаудија Огњановска. На концертот беа врачени и наградите за рецитирање на најдобрите рецитатори во 2016 година, како и пехарите за најбројните учесници од училиштата во НЈВ. Се разбира и Дедо Мраз беше воодушевен од сите дечиња и од нивната умешност да зборуваат и пејат на македонски јазик и затоа им подели на сите деца подароци. Македонскиот просветно училишен одбор за НЈВ, на сите Македонци им ја честита Новата 2017 година и Божиќните празници и им посакува многу љубов, радост, здравје и лична среќа. Ве очекуваме да ги донесете вашите внуци и деца следната година на настава по македонски јазик. Жаклина Михајлова-Учителката Фотографии: Бил Ефтимоски |