|
|
Вечните врски меѓу Украина и Македонија |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – УКРАИНА (3) Македонија и Украина имаат многу заеднички нешта. Двете земји се наоѓаат на стратегиски простори и имаат богато културно-историско наследство интересно и за соседите. Освен тоа, двете земји имаат богата почва за земјоделство, овоштарство и сточарство што во минатото било исклучително значајно за завојувачите. Двете земји биле предмет на распарчување, туѓа доминација, а и на денационализација на нивните народи. И обете стекнале државност со заминувањето на социјалистичката револуција и пренесувањето на суверенитетот на федерацијата: СССР и СФРЈ, од кои, по осамостојувањето, си ја вратија самостојноста и сувереноста. Исто така, Република Македонија со години беше присутна во Украина (сега со намалена динамика) во градежништвото и туризмот, а Украина во Македонија, главно, со челикот за Скопската железарница. Меѓутоа, се чини дека и двете држави имаат слични непријатности: економско-политички блокади и црковно-верски оспорувања, главно, од старите кругови во престолнините на претходните федерации, Москва и Белград. Прашањето, пак, во однос на црквите, се должи на традицијата и толкувањето која е „мајка“, а која „ќерка“ црква. Факт е дека директните врски биле Охрид - Киев, почнувајќи од IX век кога од Охридскиот универзитет почнал протокот на идеи, писмо и култура на североисток, исток и север. Според академик Владимир Мошин, киевскиот кнез Владимир во 987 година, „прв испратил пратеништво кај Самуил во Охрид со предлог за сојуз и молби за организирање на христијанска црква со словенска богослужба“. Како резултат на тоа од Охрид во Киев бил испратен епископот Леон на функцијата митрополит на Киевска Русија. Тој таму заминал со многубројни мисионери - свештеници и ѓакони - со голем број богослужбени книги кои се основа за преписи и за создавање своја книжнина. Откако се покрстил блажениот Владимир, како што е запишано во рускиот летопис на новогородските владици од 991 година, продолжило просветителското ширење на Светото писмо на третиот црковен јазик во Европа излезен од Македонија, старославјанскиот, односно старомакедонскиот јазик, што бил разбирлив наспроти дотогаш елинскиот и латинскиот кои биле неразбирливи. Така Киев, што ќе рече Украина, станал нов, културен зрачник, пандан на Охрид како „православен Ерусалим“, односно Киев како „втор Охрид“, а врските, со повратен стремеж, траат во сите следни векови. Особено биле изразени во XVIII и XIX век, по Илинденското востание во 1903 година, по Втората светска војна и особено во Новиот милениум. Според историските податоци се знае дека охридските архиепископи, односно патријарси, се институирале со името на Јустинијана Прима од 535 година. Затоа уште повозвишено е значењето на македонската културно-духовна престолнина. „Јустинијана Прима“ со едикт на Јустинијан Први, роден во селото Таор кај Скопје, била прогласена за прва по ранг црква која го опфаќала просторот и на пропаднатото Западно Римско Царство. Тој примат траел 10 години, по што „Јустинијана Прима“ била прогласена за еднаква на Рим и Константинопол „за сите времиња“, што никогаш не е отповикано. Од Охридската архиепископија во 1219 година неканонски се отцепи Смедеревската епархија, која прераснала во денешната Српска православна црква. Аналогно на тоа прераснување се случи и со Руската православна црква. Поради тоа сега постојат обиди за присвојување на двата „Охрида“ или „двата православни Ерусалима“, со сето културно, историско, уметничко и книжно наследство од страна на Руската и Српската православна црква. Се чини дека од сите средби во Киев највозбудлива беше средбата со патријархот киевски и украински, неговата светост г. г. Филарет, човекот кој со својот изглед, харизма и православен дух остава впечаток кај соговорникот. Приемот се одржа во неговата резиденција, при што, на негово барање, разговорот го водевме на украински и македонски јазик. Со тоа ги потврдивме и проширивме охридско-киевските врски од пред десет века. Патријархот г. г. Филарет зборуваше за состојбата на Украинската православна црква и проблемите што ги имаат со Руската православна црква. Притоа, изрази подготвеност да воспостави христијански, православни контакти со Македонската православна црква и да прими нејзини свештени лица кои со украинските владици би сослужувале во некоја украинска црква, што ќе претставува де факто признавање на двете цркви во Република Македонија и Украина.
За време на срдечната средба, на патријархот киевски и украински г. г. Филарет му подаривме литература која го рaсветлува историскиот развој на Македонската православна црква и на македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД. Тој изрази голем интерес за македонските црковни општини во дијаспората, бидејќи, како што рече, и Украинците имаат неколку милионско иселеништво во САД и во Канада. А, тие преселници од Украина, кои припаѓаа на Римокатоличката црква, особено во Канада, имаат иста или слична судбина како и Македонците, и добро се организирани во дијаспората. На тие простори Македонците и Украинците си нашле заедничка љубов и христијанско зближување преку нивните цркви, црковни општини, културно-уметничките друштва и други асоцијации, кои имаат заедничка цел - да бидат поблиски како многу сродни православни народи. Така, втората по големина христијанска црква во Украина е Католичката црква. Таа ги обединува верниците со римокатоличка вероисповед и верниците со источно-православен обред кои припаѓаат на Католичката, односно Унијатската црква. Унијатството во Украина, слично како во Македонија се појавило како резултат на општествените, економско-политичките, социјалните, културните, црковните, образовните и други (не)прилики. Притоа, и Украинците и Македонците често се обраќале до римските папи за покровителство преку прифаќање на црковна јурисдикција на Римокатоличката црква, наместо Цариградската патријаршија. А унијатството во Украина и во Македонија датира од почетокот на XIX век. Така, прва унијатска црква во Македонија е формирана во Кукуш во 1859 година, во која членувале голем број видни македонски преродбеници, меѓу кои Константин Миладинов, Рајко Жинзифов, Партение Зографски и други. Тоа, всушност, било движење за еманципација и ослободување од елинизмот (грцизмот), односно црковно-просветно движење против грцизмот што во тој период имал широки размери во Македонија. Слична е судбината и на Украинците. Во тоа се уверивме при неколкуте посети на Украинската католичка црква „Света Богородица“ во Торонто. Таму од надлежниот католички бискуп бевме информирани за судбината на Украинската црква и украинските доселеници на тие канадски демократски простори. Притоа, се запознавме со огромниот напредок што Украинците го имаат на национално, црковно, духовно, образовно и културно поле во новите средини во Канада, за што се благодарни и горди што припаѓаат на Римокатоличката црква. Овие значајни историски факти се утврдување на традиционалните односи, кои се уште една голема причина повеќе да продолжат да го одржуваат долготрајното заемно пријателство за двете напатени држави - Македонија и Украина. Крај
|