|
|
Новата слика на метрополата Букурешт |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – РОМАНИЈА (2) Престојот во Букурешт го искористивме да се запознаеме со некои особености на овој убав, со многу карактеристики велеград на контрасти. Букурешт е главен град на Романија. Неговото име уште со формирањето во 1459 година е тесно поврзано со името на веројатниот принц Букур, кој можеби бил рибар или овчар, во зависност од легендата. Меѓутоа, денес во Романија велат дека името на главниот град е поврзано со романскиот збор „букурие“ што значи „задоволство, радост, милост“. Градот лежи на реката Димбовица уште од своето формирање до денес и е распространет во низинскиот дел на Влашко. Тој постојано растел и се развивал и во текот на подолг период претставува значаен центар за Романија и на Балканот. Неговиот напредок се гледа и во тоа што, на пример, Букурешт имал осветлување на газија уште од 1861 година, пред Париз и Берлин, зад кои тој денес заостанува. Шест години подоцна, градот добил улично осветлување со помош на фабриката за јаглен во Филарет. Истата година за првпат започнал транспортот со трамваи влечени од коњи, за денес по тие улици да се движат покрај тролејбусите и најсовремени колони возила. Тој бил центар на културата, политиката, економијата и севкупното живеење на Романците во минатото. Во 1864 година е формиран универзитетот, а денес е универ-зитетски центар во кој студираат голем број студенти од Балканот, меѓу кои и неколку од Македонија. Букурешт бил престолнина на нивните владици од XIV век, а престол-нина на Романија од 1861 година, за денес да биде и центар на романската индустрија, политика, култура... Центарот на градот ја отсликува вистината за него и за државата во еден подолг период. Се шетавме по познатата улица „Липскани“ која има големо значење. Видовме и стара и нова архитектура која го отсликува минатото и сегашноста, поради што Букурешт во Европа се нарекува „Мал Париз“. Таму ги видовме архитектонските остварувања од минатото кои ја збогатуваат сликата на сегашноста, меѓу кои Националната банка, Музејот на романската литература, Романската академија, Палатата на правдата, Железничката станица, Палатата на парламентот и други архитектонски градби, кои, главно, се изградени во XIX век и на почетокот на XX век. За жал, голем број од овие споменици биле оштетени во земјотресот во 1977 година, но вредните раце на Романците ги обновиле.
Исто така, зачекоривме по улицата „Викторија“, каде и започна револуцијата во декември 1989 година. Се потсетивме на сите телевизиски преноси и на сè она што го видовме во тие ладни, но и карактеристични мигови на Романија и пошироко. Морници ни минуваа по телото кога на плоштадот до Сенатот ги свртевме старите спомени. Но, тоа брзо се заборава, зашто сега таму како да се избришани трагите од минатото. Букурешт е вистински „град градина“, а таквата традиција се негува многу одамна. Широките булевари се исполнети со бројни и различни дрвореди, а има и паркови, не само на периферијата, туку и во централниот дел на градот. Освен тоа, има езера и шуми, стари дворци и замоци. Така манастирот „Снагов“, кој потекнува од 1404 година е сместен на брегот на езерото Снагов и претста-вува пријатно катче за одмор и рекреација на жителите на Букурешт. Таму има и други, повеќе или помалку познати, манастири и дворци што го опкружуваат овој град. Во текот на нашиот престој го посетивме и манастирот познат како „Циганешти“. Тој е лоциран на западната страна на Букурешт во еден живописен предел. Веројатно манастирот своето име го добил по населбата што го опкружува. Тој е женски духовен центар и еден од најактивните живи манастири во Романија. Всушност, манастирот претставува една скромна текстилна фабрика во која калуѓерките ткаат разни платна, везови, тантели и други фабрикати кои се надалеку познати. Ги видовме производите на вредните раце на калуѓерките, кои љубезно ни го објаснија начинот на производството, познат не само во Романија, туку и пошироко во православниот свет.
Во Букурешт дознавме низа податоци, меѓу кои дека во Романија има 86% Романци, кои претежно припаѓаат на Романската православна црква. Околу два милиона се Унгарци, а останатите Германи, Евреи, Роми и други народи, меѓу кои, со поголеми осцилации, во зависност од состојбите на Балканот, во Романија живеат и повеќе стотици Македонци, кои денес се раселени во повеќе градови, многумина асимилирани и претворени во дел од романската вистина. Имавме среќа да се запознаеме со неколку современи „печалбари“ кои се претставници на фирми од Македонија. Во оваа два и пол милионска европска метропола во минатото се случувале и се случуваат бројни настани. Така, во Букурешт е потпишан еден од значајните договори за мир меѓу Русија и Турција - таканаречениот Букурешки договор за мир од 1912 година, со кој се потвр-дил поразот на Турција и со што завршила Руско-турската војна, која траела цели шест години. Ако Букурешкиот договор за некои балкански држави претставува „мировен договор“, за Македонија и за македонскиот народ тој е погубен. Имено, со овој договор од мај 1912 година, Романија ја добила Јужна Добруџа, Србија ја добила Вардарска Македонија, Егејска Македонија ѝ припаднала на Грција, а пиринскиот дел бил даден на Бугарија. Поделбата оставила големи лузни врз историскиот развој на Македонија и на македонскиот народ. Во 2013 година, беше одбележана 100-годишнината од поделбата на Македонија. Ако балканските војни во 1912 и 1913 година беа предвесник на ослободувањето на Македонија, тогаш Договорот од Букурешт, од 10 август 1913 година, ја одбележа нејзината трагична поделба меѓу Грција, Србија (поранешна Југославија) и Бугарија. Кога Договорот од Букурешт од 1913 година беше потпишан, Македонија зафаќаше површина од 66,474 километри квадратни од кои 25.713 километри квадратни (денешна Република Македонија) со околу 1,6 милиони македонски народ, беа доделени на Србија (поранешна Југославија). Грција го доби јужниот дел на Македонија од 33,953 километри квадратни, нешто повеќе од половината од Македонија, со население од околу 300.000 жители. Североисточниот дел на Македонија, кој опфаќа површина од 6,808 километри квадратни, со околу 200.000 македонско население, ѝ беше доделен на Бугарија. Нè обзеде тага кога застанавме пред зградата во која бил потпишан договорот за поделбата на Македонија. Со тој неправеден договор македонскиот народ бил распарчен, обесправен, фрлен пред вратите на пеколот за цел еден век да поднесува понижувања и страдања кои, можеби, биле Божја казна или Божја промисла македонскиот народ денес да има среќна иднина. И сè она што било лошо за него, да се претвори во добрина и Божји дар, зашто тој го заслужува тоа. Затоа семето македонско денес се шири во една голема полјана што се вика свет. Продолжува
|