|
|
Аргентина – чудесната земја за прошетки, убави денови, разонода... (3) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – АРГЕНТИНА Во Буенос Аирес човек не може да биде незаинтересиран и рамнодушен. Градот привлекува и освојува со карактеристичните градби и стилови, со таа колку разноликост, толку убава нишка која го сврзува минатото и сегашноста, со многуте споменици, со долгите авении, паркови, плоштади, кејови ресторани и кафулиња, со еден збор: динамика која домородното население го спојува со многубројните туристи. А, туристи во Аргентина има од цел свет. Во оваа глобализација, особено категоријата на оние кои можат да ги „растегнат нозете“ по светот од Северна Америка, Аргентина е вистинското место за прошетки, убави денови, разонода... Во оваа пригода треба да кажеме дека пред нашето патување во Аргентина имавме контакти со едно македонско семејство во Буенос Аирес. Затоа, еден ден во хотелот не посетија тие наши далечни роднини - аргентински Македонци по потекло од Преспа. Тие заминале за Аргентина уште пред Втората светска војна, но не ги заборавиле дедовските корени. За жал, никогаш дотогаш не се вратиле во Македонија, меѓутоа, во себе ја задржале питомата Преспа и сино–сребреното езеро. Долго разговаравме за Македонија, за нивните роднини, за нивниот имот во Преспа, за нивното минато и сегашност, за сè она што нив ги интересираше. Средбата и разговорот беа трогателни. Им потекоа солзи кога им кажувавме за Преспа, за сегашноста за вистината за Македонија и македонскиот народ од Преспа ширум светот. Тие беа љубезни, културни, тивки по природа и воспитани Аргентинци. Кога ги прашав за македонскиот народ во таа далечна земја, нè информираа дека во Аргентина има малку Македонци. Поголемиот број од нив биле заминати од родната земја пред многу децении и се интегрирале во новото општество.
Така, многумина од нив, гурбетџиски од различни поводи и причини кинисале на патот на непознатото од Преспа, Богданци, Прилеп, Битола, Лерин и други места во Македонија за да направат македонско гнездо на другата страна на Земјината топка – во Аргентина. Но, иако тие векуваат во оваа далечна земја, повеќето и не се одродиле, не заборавиле од каде се. Тие со гордост зборуваат за своето потекло, за своите македонски корени и прават сето тоа да биде пренесено, да биде аманет на оставнината на нивните потомци во овие јужно американски простори. Инаку, како што бевме информирани од нашите домаќини, Аргентина е осма земја по големина на мапата на континентите, а триесетта според нејзините четириесетина милиони жители. Таа е распослана во својата долгнавеста линија, до глечерите на југот од Јужна Америка, а низ Патагонија се испреплетуваат најразлични временски и климатски зони, четири жетви, како и многу уникатна флора и фауна. Аргентина ја заградува планинскиот венец на Андите и водените пространства на Атлантскиот Океан. Многуте планини и реки и рамнини, како и Патагонија, ја прават оваа земја богата со суровини, со руди, земјоделски производи и е привлечна дестинација за светските глобалисти. Кога човек ја има можноста да ужива во убавините, тогаш се користи секој миг за да се види и доживее што повеќе, за да се запамети и понесе со себе што побогато сознание и трајни впечатоци. Не можевме да останеме рамнодушни на динамичниот живот, на многуте културни настани, на фудбалските еуфории, на тоа кога крај океанскиот брег млади и стари, играат танго и се забавуваат во ритмот на латино - звуците. Тоа е, всушност, чудесна сторија на традицијата на отворено.
Кога се зборува за природните убавини на Аргентина треба да се каже дека дел од природната граница меѓу Бразил и Аргентина, во нејзините северни поднебја, ја исцртуваат едни од највеличествените, најполноводните, најатрактивните водопади на планетата - волшебните водопади Игуасу. Кога човек ќе застане пред тоа чудо на водената симфонија, едноставно, ќе занеме и ќе биде понесен од магичната моќ на мајката природа. Дури 275 водопади се испреплетени низ џунглата во која има десетици животински и со илјадници растителни видови кои се карактеристични за овој дел од континентот. Реки од луѓе од сите меридијани доаѓаат за да уживаат во оваа уникатна убавина. Притоа, не може да се опише чувството кога ке се застане на платформата, а од спротива на само десетици метри, секоја секунда се струполуваат милиони литри водена маса. Најатрактивен е водопадот со име „Грлото на ѓаволот“! Кој му го дал името не погрешил. Токму така може да се нарече таа водена мистика која се распостила пред очите на посетителот. Кога се стои и додека се гледа како удолу во воденото вулканско грло врие, се чини дека човек е во поинакви времиња. Мар дел Плата, пак, е туристички бисер каде среде лето нормално е да врие како во кошница. Распослано на брот на Атлантскиот Океан ова монденско одморалиште заслужува да биде меморирано во некои наши сеќавања на незаборавот, бидејќи, навистина, е доста специфичен и латино-американски несекојдневен, карактеристичен град по многу нешта. Од рано утро со часови одевме низ долгите песокливи плажи кои се недогледни, и веќе не се чудевме кога пред нашите нозе големите бранови од океанот исфрлуваа на брегот фоки, морски лавови, риби или малечки ајкули. На крајот од аргентинското лето и европската зима, ние заминуваме од оваа голема, интересна и убава земја. Авио „друмовите“ не водеа кон Виена, а оттаму кон нашата Македонија. За време на долгиот лет по повеќедневниот престој во Аргентина, ги прелистувавме впечатоците за прекрасно поминатото време, за доживувањата, посетите, тангото и откривањето на цели непознати страници од чудесната аргентинска земја. Крај
|