|
|
Во Мадрид – шпанската престолнина и финансиски центар на Пиринејскиот Полуостров (4) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – ШПАНИЈА Мадрид е престолнина на Шпанија. Во него, само во централното подрачје живеат над три милиони жители, додека, пак, тој со урбаниот дел и предградијата брои повеќе од 6 милиони жители. Затоа се смета дека Мадрид е трета најнаселена општина во Европската унија, по Париз и Лондон, а трет по големина по Лондон и Берлин. Градот се наоѓа на реката Мансанарес и во чиј состав се издвоени и проширени предградија и села. Тој како општина се граничи со автономните заедници на Кастилја и Леон и Кастилја - Ла Манча. Освен тоа што е главен град на Шпанија и седиште на Владата, тој е и престолнина на шпанскиот монарх, што го прави и политички центар на Шпанија. Поради своето економско производство, животниот стандард, како и големината на пазарот, Mадрид се смета за главен финансиски центар на Пиринејскиот Полуостров; домаќин е на седиштата на мнозинство од главните шпан-ски компании, како и седиштето на три од 100-те светски најголеми фирми. Освен тоа, Мадрид бил рангиран на 10-то место заедно со Хонгконг за најмоќните градови во светот, пресметани во топ 20 градови во 5 од 6 категории. Иако Мадрид поседува модерна инфраструктура, сепак, го задржал изгледот и чувството на многу од неговите историски градби, населби и улици и на традиционалното шпанско живеење. Во тоа се уверивме при нашата посета и прошетките со професионалните разгледувања на градот со отворен туристичкиот автобус. Во неговите обележја се вклучени огромната Кралска палата на Мадрид, Кралскиот театар со неговата обнова во 1850 година, во оперска куќа, паркот Буен Ретиро и величествената зграда на Националната библиотека. Исто така, во него се сместени: Шпанскиот историски архив, Археолошкиот музеј, како и три врвни уметнички музеи: музејот Прадо, во кој е сместена една од најдобрите уметнички колекции во светот, Националниот музеј и Музејот на современата уметност. Го пропатувавме Мадрид за неколку дена и посетивме и други споменици на културата, уметноста, архитектурата и религијата. Посебно доживување беше посетата на спортскиот стадион на Фудбалскиот клуб „Реал Мадрид“, каде вриеше како во кошница од посетители. Таму се запознавме со многу интересни кажувања од спортот, и спортското живеење во оваа престолнина на фудбалот и коридата. Исто така, го посетивме и универзитетскиот град на Мадрид, кој е во непосредна близина на стадионот.
Го напуштивме Мадрид во попладневните часови и се упативме кон Тенерифе, патувањето на Канарските Острови со џамбоџетот на Авиокомпанијата „Иберија“ траеше повеќе од два часа. Без ниту трепет од турбуленција, се движиме надолу кон синилата на океанот, ѕиркаме љубопитно од прозорците, додека под нас ги врвевме копнените пространства, а потоа се најдовме над водите на Атлантикот. Брзо слетавме во Тенерифе, кое е атрактивна дестинација како дел од некоја митска приказна. Пред нас се распослаа планини и рамнини, вулкански предели и камени стрмнини. Чист е воздухот од струите кои донесуваат пријатна клима во ова парче земја, чиниш изникнато од длабочините на океанот. Канарските Острови, всушност, се некаков, веројатно, африкански архипелаг, кој според сплетот на историските и други околности е под управа на Кралството Шпанија. Потопени во морето, овие острови се состојат од седум поголеми, два помали и неколку малечки острови. Сите се со вулканско потекло и се наоѓаат на стотина километри од брегот на африканскиот континент. Канарските Острови се автономна област. Имаат 2 милиона жители, а како главни градови што ја делат оваа улога на метропола се Санта Круз де Тенерифе и Лас Палмас де Гранд Канарија. Има многу што да се каже за овие острови. Од нивната почва, флора и фауна, до нивните цивилизациски траги и други посебности. Сепак, основната и носечка гранка е туризмот. Со самото тоа што годишно доаѓаат околу десетина милиони туристи од сите страни на светот, е доволен показател колку е привлечна оваа дестинација, каде реки од народ од сите меридијани, доаѓаат, престојуваат и заминуваат секој по својот пат. Канарските Острови како дел од шпанското кралство, припаѓаат на Европската унија, но, тие не се вклучени во царинската и даночната шема на старата европска дама. Пријатната клима, сончевината и условите на овие места, токму се создадени за да успеваат голем број егзотични растенија, или агропроизводи и овошја, кои со своите еколошки и други квалитети се барани на пазарите. Особено тоа важи за лимоните, портокалите, смоквите, кајсиите, праските и др. Со модерните сместувачки капацитети, со хотелските комплекси од највисока категорија и со вонпансионската богата понуда, Канарските Острови имаат за секого по нешто, за намерниците што доаѓаат на визита. Песочните плажи и чистата вода, бурниот ноќен живот, вкусната храна се доволна причина и повод да се помине подолг пат ама да се стаса до Островите. Ги прокрстаривме некои од островите, но се чини дека вулканот . Отидовме најблиску што можевме до дел од планинските врвови, се спуштивме надолу до морскиот брег, каде што брановите удираат високо и силно, за да се почувствува онаа исконска магија на Канарските Острови. Продолжува
|