|
|
Чествување на свети Методиј во Германија- столбот на Европската Унија (1) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – ГЕРМАНИЈА Беше утро кога авионот од Скопје се крена во висините и се насочи кон северозапад, кон Франкфурт на Мајна, метрополата со еден од најголемите аеродроми во светот. Но, Фракфурт е познат по тоа што е стар царски град во кој се крунисани германските цареви и кралеви; тоа е место каде заседавал првиот германски парламент; град на познатиот поет Гете; град на стари цркви и модерни зданија; град на банки и осигурителни компании; светски центар за одржување на саеми и други манифестации; меѓународен бизнис центар.. Во Франкфурт пристигнавме во попладневните часови, за потоа да го продолжиме патувањето кон Штутгарт, кон Елванген, кај местото, или поточно затворот, во кој темнуваше сесловенскиот и македонски просветител, духовник и учител свети Методиј Солунски – Моравски. Човекот кој ги насочи сите универзални вредности на духовниот, образовниот и културниот живот на општословенскиот народ. Во предвечерието го напуштивме Франкфурт и со автобус појдовме за Штутгарт, а оттаму за Елванген, каде се одржуваше чествувањето од смртта на сесловенскиот и македонски просветител, христијански мисионер и рамноапостол свети Методиј, во чија чест и се одржа манифестацијата „Македонија во чест на свети Методиј“. На чествувањето присуствуваше државна и црковна делегација од Македонија. Патувањето коешто траеше околу четири часа беше пријатно во удобниот автобус, во кој, бидејќи сите бевме паници од Македонија, се пееше, се пиеше и се веселеше. Поминувавме низ голем број населени места на кои со својот еколошки изглед треба да им позавидат многу нации во светот. Целиот пат помина за миг, како да беше на филмска лента.
При нашата посета на земјите од Европската унија, бевме Делегација во состав архиепископот г.г. Михаил, поглавар на Македонската православна црква; митро-политот Кирил, полошко–кумановски архијереј, митрополитот Горазд, европски архијереј и авторот на овие редови, во својство на потпретседател на Комисијата за односи со верските заедници на Република Македонија Во доцните вечерни часови стасавме во градот Елванген што се наоѓа во областа Баден-Виртенберг. Таму се наоѓа местото каде свети Методиј Солунски бил заточеник на тогашните услови и прилики. Инаку, Елванген има околу 15.000 жители и е сместен на околу 110 километри југоисточно од Штутгарт. Градот се споменува уште во VII век, додека во IX век е седиште на над-бискупијата, епископијата и црковниот суд. Елванген е општински центар на 11 поблиски села и мали гратчиња. Градот започнал да се развива околу манастирскиот комплекс кој во средниот век претставувал жариште на христијанството. Елванген е распространет на една блага висорамнина, со бујна вегетација, шуми, родни полиња и лозја. Тој е препознатлив и по прекрасното вино и пиво. Се смета дека граѓаните на Елванген се многу вредни и дека меѓу првите во Германија започнале да го произведуваат пивото. Исто така, е познат и по индустријата за батерии „Варта“ - која го снабдува целиот свет со батерии од секаков вид.
При нашата посета бевме информирани дека црковниот суд во градот Елванген функционирал уште во средниот век и по традиција и во денешно време тој суд е сместен во ова мало гратче. Исто така, за жителите на Елванген посебно е изразено присуството на ликот на свети Методиј и неговото име во народните верувања. Покрај свети Бенедикт, свети Методиј е прогласен за нивни заштитник и патрон. Во Елванген е сместен манастирскиот комплекс каде поради ширење ерес Регензбурскиот црковен суд го осудил свети Методиј на три години затвор. Меѓутоа, во вековите што доаѓале, трудот и заложбата на свети Методиј да се шири христијанството, покрај на трите мртви јазици (хебрејски, грчки и латински), и на словенски, бил признат и применет од нивна страна во ширењето на христијанството на германски јазик. Поради тоа, во народните верувања се среќаваат легенди, како, на пример, дека свети Методиј градот го спасил од големи поплави, невремиња и заразни болести. Имало случаи со поклоненија и молепства кон свети Методиј да им се излечат болестите на мали деца или да им „се отвори среќата на младоженците и да добијат пород“. Затоа на денот на свети Методиј граѓаните од Елванген не работат. Во непосредна близина на манастирскиот комплекс во Елванген се наоѓа Методиевиот плоштад. До него води Методиевата улица која ја поврзува зградата со Методиевата темница. Малечката тесна уличка е имену-вана како „Методиева темница“. Се верува дека свети Методиј преку ден со часови бил испитуван во манастирскиот комплекс, додека ноќно време бил одведуван во посебна визба, заради безбедност, каде ги минувал затворските маки. Како резултат на политиката кон сесловенскиот просветител, во црквата „Свети Војт“ на витражна слика е претставен свети Методиј со своите ученици, како ги поучува и воведува во христијанството. Карактеристично за жителите на Елванген е тоа што тие многу внимание посветуваат на заштитата и уредувањето на животната средина, на древната алпска архитектура. Во разговор со нив дознавме дека се гордеат со името Германи и дека се директни потомци на Германите. Имаат раскошна носија, мелодичен фолклор, исполнет со песни и типични алпски ора и танци. Инаку, за време чествувањето на свети Методиј, во Католичката црква што се наоѓа во самиот центар на Елванген се одржа богослужба. По службата поворката од неколку стотини луѓе се упати пред спомен-плочата на местото каде бил затворен свети Методиј Солунски во период од три години. Таму се изврши осветување на плочата, посветена на свети Методиј, на која пишува: „Почит и вечна благодарност кон нашиот просветител и христијански мисионер, рамноапостол свети Методиј“. Со тоа Маке-донија и македонскиот народ каде и да е во светот изрази вечна благодарност кон човекот кој ја заорал првата бразда во ширењето на христијанството и просветлувањето на целиот словенски род, оттргнувајќи го од многувековниот духовен мрак. Продолжува
|