|
|
Дел од историскиот развој на македонското иселеништво (19) |
„ИЛИНДЕН 1903-2003 И МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ“ Македонците во иселеништвото (дијаспората) имаат долга историја која датира од втората половина на XIX век и со различен интензитет трае сè до денес. Развојниот пат на македонското иселеништво во изминатиот период во основа се совпаѓа со развојот на настаните на Балканот и уште повеќе од тоа како се движеле настаните околу Македонија. Како резултат на тоа преселничките печалбарски движења на Македонците и нивниот интензитет биле условени, пред сè, од тешките економски услови за живеење и работа, а во помал број случаи и од причини што имале национално-политички карактер. Тешките и лоши, често и невозможни услови за живеење и постојаната борба за опстанок, присилиле голем број Македонци да се определат, покрај другото за печалбарство (во почетокот), а подоцна и за иселеништво (во најново време). Всушност иселувањето било диктирано од жестокоста на искушенијата низ кои минувал македонскиот народ во борбата за својот опстанок на просторот на кој постоела и се развивала државата на Филип Втори Македонски и неговиот син, големиот македонски цар Александар Трети Македонски. Распаѓањето на Отоманското Царство и формирањето на балканските држави, пак, биле повод и причина за приграбување и освојување на територијата на Македонија и за нивно асимилирање како народ, во рамките на бугарската, српската, елинската и албанската држава, под насилничкиот патрон на Големите сили и нивните глобални интереси за доминација на Балканот. За Македонците од сите делови на Македонија Илинден и Крушевската Република се едни од најславнате страници во нивната историја. Затоа, Илинден во дијаспората најсилно се доживува во текот на илинденските иселенички празнувања. Во тој период најголемо внимание привлекуваат Илинденските пикници, како најмасовни манифестации на иселениците. Илинден е празникот кога македонските иселеници од етничка Македонија одржуваат бројни црковни осветувања, полагање камен - темелници на нови духовни храмови и одржување на национални, културни, црковни, спортски и други манифестации. Овие празнувања, особено во Австралија, САД, Канада и Европската Унија (Европа), се одржуваат повеќе од седум децении, што значи дека тие се веќе традиционални - вековни. Одржувањето на овие црковно-национални, културни, спортски и друг вид активности кај Македонците ширум светот се, пред сеʼ, афирмација и потврда за нивното потекло, како и за афирмација на македонската вистина и Македонија. Тешко е да се прецизира времето, кога Македонците почнапе да одат на печапба во прекуокеанските земји, САД, Канада, Австралија и Аргентина. Меѓутоа, се знае дека првите печалбари од Македонија пристигнале на северноамериканскиот континент во 1885 година, а првата поголема група, претежно од селото Буф, Леринско, во 1898 година. Во истата година пристигнапа и една помала група од Долна Преспа и од Битолско. Во Австралија првите Македонци - печалбари пристигнале по Првата светска војна, а првите групи во 1924 година. Печалбарството, односно преселувањото од Македонија во прекуокеанските и европските земји било карактеристично за традиционално иселеничките краишта: Леринско, Битолско, Преспанско, Костурско, Охридско, Воденско, Прилепско, Струшко, Солунско, Тетовско и други делови на Македонија. Иселеничките движења во овие краишта се засилиле по Илинденското востание во 1903 година, а иселувањето особено било изразено по Балканските и по Првата светска војна, кои наместо слобода од петвековното ропство, на Македонците им донеле тројна поделба, угнетување, асимилација, денационализација и физичко истребување, што ги спроведувале порано ослободените земји: Бугарија, Кралска Југославија, Грција и Албанија. Бранот на иселување од сите делови на Македонија, исто така, бил интензивен меѓу двете светски војни, а особено по светската криза. Иселувањето се засилило по Втората светска војна, а особено по поразот на Демократската армија во Грција, на чија страна застана масовно и македонското население од егејскиот дел на Македонија, со надеж дека конечно ќе ги добие своите национални и социјални права. Поради репресиите и другите смислени притисоци на грчките власти врз македонското население, во овој период огромен број Македонци и други националности биле присилно принудени на преселување и морале да ги напуштат своите родни места. Ваквите појави биле особено изразени во Леринско-костурскиот крај, каде што постоеле по десетици агенции кои се „грижеле" за иселување на македонското население од нивната родна Македонија. Историската неправда, а со тоа и иселеничката голгота, особено од беломорскиот дел на Македонија е голем предизвик да се фрли светлина на страдањата и борбата на македонскиот народ за одбрана на нивниот национален идентитет, верата, културата, традициите и обичаите, кои извираат од неговите библиски корени. Тој историски факт може да се најде и најсилно да се почувствува кај Македонците во дијаспората, кои како припадници на една од најстарите цивилизации во Европа, во битката за одбрана на националната кауза, морале да минат низ големи искушенија и страдања и да се потврдат како успешни градители на новиот свет. Со создавањето на македонска држава (Народна Република Македонија) во 1944 година, по Втората светска војна, и со прогласувањето на нејзината самостојност и независност во 1991 година, состојбата во дијаспората рапидно се измени. Круната на тој историски вознес беше обновата на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, чија улога на обединувачки фактор на Македонците дојде до израз и во етничка Македонија и кај Македонците во иселеништвото. За иселеништвото карактеристичен е периодот по 1960 година, кога со отворањето на СФР Југославија кон светот и со вклучувањето во меѓународната поделба на трудот, паралелно со преселбата на аграрното население во градовите и со либерализацијата на политиката за одење на работа во други земји, дојде до иселување на поголем број работници и интелектуалци од Република Македонија на северноамериканскиот континент. Преселенички движења кон САД и Канда, Австралија и Нов Зеланд и во други светски центри се присутни и денес, меѓутоа нивниот интензитет е различен, зависно од економско-политичкиот момент во Македонија, на Балканот и во светот. Затоа, со право се вели дека миграциските текови на територијата на Македонија се развивале и менувале низ историските периоди. По распадот на Југославија, иселеничките движења од Македонија се разликуваат значително од традиционалните облици на миграција. Најкарактеристични примери се eмиграцијата на висококвалификувани и образовани лица или како што често се вели „одлив на мозоци“, како и иселеничките текови и трендови предизвикани од воведувањето и либерализацијата на визниот режим во Европската Унија и зголемената мобилност на населението предизвикана од ефектите на глобализацијата. Исто така, голем број Македонци и денес се „жртви“ на привремените преселнички движења. Имено, со влегувањето на Бугарија во Европската Унија и слободната размена на трудот, голем број Македонци и други граѓани од Република Македонија земаа бугарски патни исправи, за да можат да работат во Европската Унија. Меѓутоа, властите на Бугарија го искористија „погодниот момент“ и им дадоја бугарски патни исправи на огромен број Македонци, македонски Албанци, Срби, Роми и други, за жал, под услов тие да потпишат дека тие, нивните родители и нивните дедовци биле „прави“ Бугари. Исто така, треба да се одбележи дека во почетокот на одењето на печалба во прекуокеанските земји, особено во осумдесетите години на минатиот век, значителен број од иселениците се враќаа во родната земја, градеа нови куќи, купуваа недвижен имот и ги школуваа своите деца на вишите и високите школи во Република Македонија. Прекуокеанските и европските земји за малкумина биле можност за привремено вработување и престој од неколку години. Тоа помалку, или воопшто не е случај со иселениците од Егејска Македонија. Нивното иселување има траен карактер. Меѓутоа, одреден број иселеници и жители од егејскиот дел на Македонија ги испраќаа своите деца на школување, особено на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" и на други факултети и институти во Република Македонија. Дел од активностите на Македонците во Австралија Интересно е да се спомене дека покрај овие иселенички движења, постои и обратен миграциски процес, односно враќање на иселениците во дедовската земјата Македонија. Иако бројот на иселениците повратници е мал со оној број на отселените граѓани од Република Македонија, сепак, и враќањето и инвестирањето во родната земја го поттикнува интересот за понатамошни истражувања. Големината, динамиката и карактерот на преселничките движења од почетокот па до денес, се различни и по форма и по содржина и соодветствуваат на фактите на општествено-економскиот и политичкиот развој на Македонија, како и на промените во миграциските политики на земјите на доселувањето. Продолжува
|