|
|
Во МПЦ „Света Богородица“ во Детроит (7) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ Често пати се вели дека Америка е земјата на бизнисот и религијата. Тоа се потврдува со фактот што на тие богати простори век векуваат еден крај друг многубројни народи и нации од сите расни групи со различни религии и од сите континенти во светот. Меѓу нив, значајно место имаат и Македонците, кои ги уживаат сите права и слободи за развивање на своите национални чувства, на својата култура, религија и на сè она што што го донеле и го чуваат од етничка Македонија и ја карактеризира нивната самостојност и самобитност. Во минатото Македонците на северноамериканскиот континент биле во поподредена положба во споредба со емиграцијата на соседните земји на Балканот. Затоа биле постојана цел на туѓите пропаганди. Соседните земји, со своите освојувачки и асимилаторски апетити, настојувале со сите сили и перфидни средства, да ги придобијат и да се наметнат на неорганизираните Македонци, со цел да ја деформираат и да ја потиснат нивната национална свест. Така заразени од туѓите пропаганди, за жал, како религиозни луѓе некои се приклучиле кон (про)бугарски, (про)српски, (про)грчки православни цркви и други организации и клубови. Меѓутоа, положбата рапидно се смени по конституирањето на Република Македонија и особено по обновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Како резултат на тие придобивки, Македонците во Соединетите Американски Држави формираа многу македонски православни цркви, манастири, црковни општини македонски друштва, клубови и различни асоцијации, отворија радија и ТВ-програми, започнаа да печатат весници, списанија и други информативни гласила на македонски јазик. Тоа придонело во новите средини тие да се претстават како засебна нација, со своја држава, со длабоки корени, со национална црква и со сите други атрибути на еден народ во светот. Македонските иселеници застанаа на страната на вистината, со цел да го афирмираат македонскиот народ и Република Македонија.
Америка отсекогаш била „ветената земја” за Европејците, односно народите од оваа страна на океанот. Тие се населувале на тој богат и по многу нешта карактеристичен континент од почетокот на освојувањето до денешни дни. Процесот на доселување непрекинато трае и, веројатно, ќе продолжи и во иднина. Во овој долг период на доселување, ако Њујорк станал центарот за Евреите и Италијанците, Лос Анџелес за Кинезите, Чикаго за многу народи и нации, тогаш Детроит е средиштето на Македонците од сите делови на Македонија. Детроит е центарот на автомобилската индустрија и на други важни компании, затоа и станал „мека” за Македонците. Најголем број нашинци нашле сигурна егзистенција токму во автомобилските компании, а одреден број, особено доселениците од Тетовско отвориле фурни, ресторани, слаткарници, дуќани и средни индустриски капацитети, во кои работат голем број доселеници од Македонија и пошироко од Балканот. Нашето патување од Чикаго го продолживме за Детроит со летот кој траеше околу еден час. Беше пладне кога авионот се вивна во висините и леташе од североисточната страна, долж брегот на езерото Мичиген, во кое како во море пловат бродови, јахти, лаѓи... Во далечината се забележуваше градот Милвоки во државата Висконсин, кога авионот сврте кон исток, а потоа преку езерото и копнениот дел на државата Мичиген се најдовме над центарот на автомобилската индустрија - Детроит. Детроит е велеград на езерото Ири - една од петте метрополи во Соединетите Американски Држави и седиште на автомобилските компании „Форд”, „Крајслер” и „Џенерал моторс”. Тоа е град на авионската и електронската индустрија, кој уште во 1796 година го формирале Французите. Исто така, Детроит е еден од големите центри на афроамериканското население, како и значаен културен, административен и спортски центар на тие американски простори. Меѓутоа, за нас најзначајно е тоа што Детроит е средиштето на најбројната македонска колонија во Соединетите Американски Држави, во која првите печалбари од егејскиот дел на Македонија, од Преспа, Битолско и други места се доселиле уште при крајот на ВИИИ век. Денес во метрополата живеат четириесетина илјади Македонци и тоа претежно од Преспанско, Тетовско и Битолско. Затоа, со право се вели дека Вратница - Тетовско и Љубојно - Преспанско се преселиле во Детроит, а нив, за жал, ги има повеќе таму отколку во Македонија (околу 300 семејства од Вратница, а околу 120 семејства од Љубојно).
На покана на црковната управа, делегацијата од Македонија на чело со митрополитот Кирил, кој имаше посебно место во црковно-националното живеење на Македонците во Детроит, ја посетивме Македонската православна црква „Света Богородица”. Таму се сретнавме со доста нашинци кои најдоа слободно време да дојдат и да слушнат за поголем број прашања и проблеми од „стариот крај”, како што често велат за Македонија. Се отвори дискусија, при што присутните посебно се интересираа за состојбите во Македонската православна црква, за состојба во Република Македонија и за животот и настаните особено во Тетовско. При нашата посета на Детроит бевме информирани дека постоела иницијатива за формирање и изградба на македонска православна црква меѓу Македонците од Детроит уште од поодамна. Меѓутоа, таа желба се исполнила дури во 1975 година кога Македонската православна црква „Света Богородица” била примена во крилото на Светиклиментовата црква и потпаднала под нејзина јурисдикција и кога митрополитот Кирил отслужил прва архијерејска литургија на македонски јазик. Бевме запознати со активностите на овој многу значаен духовно-културен македонски центар, во чиј состав работи Културно-уметничкото друштво „Танец”, во кое членуваат педесетина млади момчиња и девојчиња, претежно родени во Соединетите Американски Држави, а кои се вљубеници во македонскиот фолклор. Овие млади Американци од македонско потекло редовно учествуваат на голем број манифестации што се одржуваат во Соединетите Американски Држави и во Канада, особено на црковно-народните собири што се организираат на тие простори. Женската секција е десна рака на управата на црквата. Посебно место има училиште на македонски јазик. Денес стариот објект на црквата е продаден а изградена е нова црква која претставува соборен храм и најголем објект на Македонската православна црква во Соединетите Американски Држави. До храмот се изградени големи сали и други простории што претставуваат убав македонски архитектонски комплекс. Местото е осветено на 25 септември 1995 година, а црквата е осветена на 21 септември 2002 година. Од посебно значење за македонската заедница во Детроит беше, секако, Катедрата по македонски јазик што со успех работеше на Универзитетот „Ен Арбор”. Македонскиот јазик како признат, познат и рамноправен со другите светски јазици, започна да се изучува во Детроит од септември 1991 година. На првиот курс беа запишани десет студенти, од кои пет Американци од немакедонско потекло. Средства за одржување на Катедрата, покрај образовните установи, обезбедуваше и Македонската православна црква „Света Богородица” од Детроит Продолжува
|