|
|
Атанас Близнаков – најголемиот донатор од македонското иселеништво (2) |
ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА - РОДНАТА ЗЕМЈА НА БЛИЗНАКОВ Атанас Близнаков е роден во егејскиот дел на Македонија, во селото Д’мбени, Костурско. Тој се родил во македонската земја која уште во античките времиња се означувала една мала покраина во непосредна близина на Пела – столицата на античкото македонско царство. Таа ја опфаќала земјата меѓу денешното исушено Пазарско Езеро и долниот тек на Вардар. Но, со проширувањето на границата на македонското царство постепено пораснала и областа означена со името Македонија, која античките Македонци ја делеле на Горна и Долна Македонија, пред сé, поради географските карактеристики на просторот. Меѓутоа, таквата поделба на Македонија имала политичко, културно, воено и административно значење. Македонија како географски регион го зафаќа средишниот дел на Балканскиот Полуостров, просторот што е заграден на север со планините Шар Планина, Скопска Црна Гора, Козјак, Осогово и Рила, а на југ со реката Бистрица и брегот на Егејското Море до утоката на реката Места. Бигла и вододелниците намладонабраните планини Кораб, Јабланица, Грамос и Пинд ја заградуваат Македонија од запад, а од исток реката Места и западните делови на Родопите. Во овие граници Македонија зафаќа простор од 67.741,2 квадратни километри. Егејска Македонија е земја на донаторот Атанас Близнаков. Таа е земја на премрежја, но и земја на убавини, земја на мистерии каде што силните луѓе преживеале војни, глад, освојувачи, навреди, империи, притоа зачувувајќи ја волшебноста на своето име. Од величествените времиња на Филип и Александар Македонски, преку римските и византиските владеења и преку големите миграции на Словените на југ, Македонија била раскрсница на цивилизации, култури, религии, јазици и на народи. Низ овој долг и богат временски период само два народа го избрале името на оваа земја за нераздвоен дел на својот идентитет – древните Македонци и Македонците денес, а тоа претставува силна врска која датира од пред милениум, укажувајќи на посветувањето на овие народи на својата земја. Долна Македонија, за разлика од Горна Македонија е претежно рамничарска земја. Долна Македонија на југ ја ограничуваат водите на Егејско Море, на југозапад водите на Термајскиот Залив и Перијанските Планини, на запад планините Вермион, Верас и Пајко, на север планинските масиви на Балкан, а на исток ридестата разделница меѓу долините на Вардар и Струма. Вардар ја дели Долна Македонија на источна и западна.
Западната половина на Долна Македонија физички и географски е карактеристична по централната рамнина создадена од наносите на Вардар, Бистрица, Лудијас и Галикос. Оваа плодна земја (со површина од околу 1.500 квадратни километри) најуг ја ограничуваат водите на Термајскиот Залив, на југозапад планините на Перија, на запад планината Вермион, на север планината Пајко, а на исток Вардар. Денес Егејска Македонија опфаќа голем дел од Долна Македонија. Од вкупната површина на Македонија, егејскиот дел на Македонија зафаќа 34,153 квадратни километри, половина од цела Македонија. На север се граничи со Вардарска и Пиринска Македонија, каде што се денешните граници на Грција спрема север, на запад со Албанија и Епир, од кои ја делат планините Иван и Пинд. На југ граничната линија достига до Тесалија, од која се разделува со планините Камвунија, Пиерија и Олимп и се мие од Егејското Море, а на исток до реката Места. Карактеристиките на релјефот на Егејска Македонија се состои во тоа што планините ја делат земјата на многубројни мали и големи низини и котлини, со голем број реки и езера. Според денешната администрација на Грција, Егејска Македонија е поделена на следните окрузи: Костурски, Кожански, Лерински, Воденски, Кукушки, Солунски, Серски, Драмски, Кавалски и Халкидски округ. Националниот состав на населението во егејскиот дел има претрпено големи етнички измени, особено по Балканските војни и по поделбата на Македонија. До Балканските војни македонското население во Егејска Македонија било најбројно. Македонците под грчка власт биле и сé уште се подложени на асимилаторски тортури и присилна емиграција, со единствена цел да се измени етничкиот состав на Македонија. Меѓутоа, Македонците не само што постоеле, постојат, туку и ќе постојат, зашто не е лесно да се искорени еден народ таму каде што живеел со векови и покрај сите мерки на насилство и денационализација.
На Македонците им давале најразлични национални имиња, настојувајќи негативно да се влијае врз нивната свест, нарекувајќи ги: Словени, Каури, Рисјани, македонски Словени, Македослави, Славомакедонци, Бугари, бугарски Словени, македонски Бугари, Срби, Јужносрбијанци, Грци, македонски Грци, гркомани, бугарофони, славофони. Но како и да биле нарекувани, тие биле и си останаа Македонци, а сите имиња со кои Македонците се нарекувале поради историските, општествените и политичките услови, можат и треба да се апстрахираат, бидејќи тоа се само многу имиња за еден ист поим, кој означува еден напатен, разделен и со трагична судбина македонски народ, којшто може да се сретне насекаде по светот. Македонскиот народ, според своите карактеристики и обичаи, јазично и етнички ѝ е туѓ на Грција. Од тие причини грчката буржоазија од првиот момент, кога ја проширила својата власт над Егејска Македонија, изградила политика на физичко истребување на македонскиот народ и менување на етнолошкиот состав во своја корист. Тоа го прифатила како основно средство, уште повеќе што обилните материјални средства, дотогаш вложувани преку Патријаршијата и училиштата во Македонија не го дале очекуваниот резултат. Грчката буржоазија, со намера да го избрише секој белег што потсетува на македонскиот карактер на Егејска Македонија, во ноември 1926 година донела закон за замена со грчки имиња на селата и градовите, називите на планините, полињата, топонимите, реките итн. Тој закон е објавен во службен весник на грчката влада ,,Ефимеристис кивернисеос” бр. 332 од 21 ноември 1926 година, а во истиот весник бр. 346 се објавени новите грчки имиња. Во Егејска Македонија, северозападно од Костур се наоѓа селото Д’мбени, родното место на Атанас Близнаков, каде што тој како дете поминал пријатни и тажни времиња. Таму денес владее национално и политичко ропство. Грчките националисти и шовинисти прават големи усилби да го обезличат македонскиот национален дух и да го уништат и длабоко да го закопаат богатото историско и културно минато на македонскиот народ од Егејска Македонија. Егејска Македонија И Грција нека нé затвора бесно, И нека! ќе паднат пак прангите тешки, Лазар Поп Трајков Продолжува
|