|
|
Атанас Близнаков – најголемиот донатор од македонското иселеништво (4) |
КАРАКТЕРИСТИКИ НА РЕВОЛУЦИОНЕРНОТО Д’МБЕНИ Селото Д’мбени до Граѓанската војна во Грција било чисто македонска населба. Така, К’нчев го споменува со 1.650 жители, а Милоевиќ со 350 македонски куќи. Тоа во 1913 година се водело со 1.207 жители, во 1920 година со 944 жители, во 1928 година со 866, а во 1940 година во селото живееле 749 жители. Селото настрадало во Илинденското востание, кога речиси било наполно изгорено и повторно подигнато. Во Граѓанската војна целосно настрадало и се распаднало, па затоа во 1951 година селото имало само 19 жители. Поради тоа, што во меѓувреме тука биле населени Просвиги (православни Турци) и Грци колонисти од Епир, во 1961 година се регистрирани 450 жители по занимање претежно сточари, додека во 1971 година се води со 352 жители. Според административната припадност селото Д’мбени влегува во состав на реонот Корештата во кој во минатото имало 34 села расположени по источната и западната страна на реката Бистрица. Сите села во Корештата се исклучиво македонски, со исклучок на Сливени, од кое во немирните години неговото македонско население било со сила истерано, а на нивно место биле населени Албанци – муслимани. Македонското население од Корештата како и Д’мбени му припаѓаат на јазичната група естиовци, затоа што често го употребуваат зборот ести, наместо е, а во јазикот има и некои други особености. Во Костурско, во реонот на Корештата, е запазен звукот на јусовите, големиот и малиот, зачувани се во следните зборови: гренда, (греда), пенда (педа), пендесе (педесет), з’мб (заб), д’мб (даб), с’мбота (сабота) и други. Во селото Д’мбени се зачувани и старите (македонските) имиња на месеците: јануари – коложег, февруари – сечко, март – март, април – април, мај – мај, јуни - червеник, јули - жетвар, август – август, септември – митров, ноември – андричко, и декември – никул. Топонимите во и околу селото Д’мбени, како и во целиот атар на Корештата се чисто македонски и, по правило, со сите особености на месниот македонски говор како: Рудините, Леска, Кории, Ореите, Широк Пат, Маркова Нога, Пандарница, Локва, Попов Бунар и други. Д’мбени не само што беше големо македонско село, туку тоа имаше и свој селски атар што опфаќаше околу 46 квадратни колометри, а оддалеченоста од селото Габреш е 10 километри, додека Горно и Долно Дреновени е оддалечено 12 километри. На исток селото Шештево е оддалечено 20 км, а Апоскеп 17 км. На југоисток се сместени селата Сливени на 11 км и Жупаништа на 14 км, на југ граничи со селото Четирок кое е оддалечено 12 километри и Света Недела оддалечено 12 километри, на запад е расположено селото Косинец на 8 км, додека на северозапад е селото Смрдеш оддалечено 11 км. Д’мбени никогаш не го загубило словенскиот дух и белег, иако постојано потпаѓало под туѓинско ропство. Неговото население со векови го пренесувало борбениот дух и љубовта кон родната земја и дедовските огништа, кои со силна моќ постојано ги привлекувало тие намачени Македонци кои свиле гнездо насекаде по светот. Благодарение на нивните борбени традиции, населението од овој крај на Егејска Македонија им остана докрај верно на борбените револуционерни и патриотски позиции. Според својата револуционерна активност како во предилинденскиот период, така и во Илинденското востание, па и подоцна, Д’мбени секогаш се наоѓало во првите револуционерни редови, на кои им претходела, пред сé, борбата против грчката патријаршија. Во тие свои борби Д’мбени дало стотици борци, меѓу кои истакнато место заземаат: Апостол Димитров – Грежов, Лазар (Лазо) Поп Трајков, Лазар Москов, Лазо Трповски, Ташко Караџа и многу други.
Во текот на 1947 година повеќе од 138 борци од селото Д’мбени зеле активно учество во редовите на ДАГ (Демократската армија на Грција). Затоа, во 1948 година грчките монархисти ги почнале големите офанзиви против единиците на ДАГ за чистење на слободната територија на Вичо, Грамос и Малимади. Во тоа време дошле во Д’мбени неколку чети од грчката монархистичка војска, заедно со вооружени банди од селото Четирок. Откако го опљачкале, ги натовариле опљачканите предмети на добиток, а потоа почнале да го горат селото. За неколку часа целото село било запалено. Останале само две куќи и селската црква. По изгорувањето на селото, на 21 јуни 1948 година, поради многубројните ѕверства од грчките монархисти, населението останало во провизорните колиби во планината до есента 1948 година, во месноста Калето на планината Вињари. Со одлука, пак, на Привремената демократска влада во Грција, есента 1948 година, сите старци и деца до 15 години биле испратени во народнодемократските републики заради нивно спасување од студот и од борбите кои се воделе во непосредната околина. По капитулацијата на ДАГ, која повеќе од три години водела борби со грчката монархија, сите живи борци од селото Д’мбени кои зеле учество во борбите на ДАГ, емигрирале во народнодемократските земји, а емигрирало и населението кое активно учествувало во Граѓанската војна. Еве што Атанас Близнаков пишува за родното Д’мбени во монографијата за селото: ,,А денес ти наше родно село, ти се изгорено и избришано од земјата, изгорено и избришано од нашите вековни душмани, грчките шовинисти. Денес ти жалиш и тажиш за твоите мили чеда, и чекаш поповолно време, посветли денови! Грчките шовинисти, нашите најголеми душмани, не само што ги прогонија твоите мили чеда далеку од тебе, туку ги извадија и коските од гробовите на нашето племе, ги извадија од твојата земја, само да не остане ниту трага од тие твои мили чеда! Ти наше родно место, ти си свидетел на сето тоа што стана, ти ја виде омразата на нашите душмани, вечните душмани на нашето славјанско племе! Вие гори и балкани, вие видовте до каде стигна грчката цивилизација.
Твоите селани денес се распрснати по целата земјина топка, а нивните погледи се свртени секогаш спрема тебе. Наше родно село при сé што ти денеска не постоиш, ти се веќе од основа уништено, при сé што твоите чеда се далеку од тебе протерани од нашите поробувачи, кои планираа и сé уште планираат да нé избришат од нашата мила татковина, од нашата родна земја; ти наше родно село, секогаш ќе стоиш, и ќе те паметиме, како си било! Твојот лик, мил и скап за сите нас, секогаш ќе стои во нашите души и срца”. При посетата на авторот на овие редови, Славе Катин на селотоо Д’мбени во 1989 година во селото имаше останато пет-шест стари куќи, кои ги нагризал забот на времето, а во најскоро време ќе ги снема и нив. Во непосредната близина на селото, во вид на неколку маала има сто дваесетина куќи иградени по Граѓанската војна, во кои живеат доселеници од разни страни на Грција и Епир кои немаат македонско потекло, туку туѓо. Се конфискуваа сите македонски имоти, пасишта и шуми, ридишта и планини и им се доделени на новонаселените жители. На протераните Д’мбенци им останаа само сеќавањата и тешката носталгија по родното и незаборавно село. Оставена е и црквата ,,Св. Никола” која се наоѓа на сред село. Таа е реновирана и во неа се избришани сите траги што мирисаа на македонскиот народ. Гробиштата, пак, кои од памтивек се свети, во Д’мбени се уништени, а делови од посмртните останки на македонското население погребани на селските гробишта се наоѓаат на едно место, во импровизирана колиба. Затоа, со тага на душата, со болка на срцето и со силна љубов кон дедовскиот праг, Атанас Близнаков ќе рече: ,,Згасна животот во нашето убаво и незаборавно македонско село Д’мбени, што се наоѓа под Локвата и Вињари во Костурско. Го нема џагорот на децата, ги нема убавите д’мбенски куќи. Само селската црква остана да му пркоси на времето”. ЈАНИС БАРБАЈАНИС Д’МБЕНИ Д’мбени што се стори, ми опусте ти кутро (Од збирката песни „Темелјомата“, Пиреас 1978) Превел од грчки: Васко Караџа Продолжува
|