|
|
Атанас Близнаков – најголемиот донатор од македонското иселеништво (17) |
ДЕЈНОСТА НА МПЦ ,,СВ. ПЕТАР И ПАВЛЕ” ВО ГЕРИ Преку ноќта имаше Павле видение (Дал. 16.9) Честопати Атанас Близнаков велеше дека Америка е земја на бизнисот и религијата. Тоа го потврдуваше со факти дека во составот на американската нација се инкорпорирани многубројни народи и нации од сите расни групи со различна религија од сите континенти. Оттаму, Американците им припаѓаат на бројни религии, верски групи и секти, кон кои се пројавувала апсолутна толеранција уште од основањето на државата. Ваквата широкоградост кон религиите, меѓутоа, не ги спречи САД да бидат една од првите земји во светот во која религијата била одделена од државата и во која денес постојат околу 300 верски заедници и секти. Вака позитивниот однос на државата кон религијата овозможил бројни емигрантски групи од најразлични делови на светот да можат непречено да ги вршат своите верски обреди. Такво право емигрантите имаат и во правец на слободното развивање на сите национални чувства, на својата култура и на сé она што ја карактеризира самобитноста на една нација. Благодарение на тоа, слободните матични држави ги помагаат своите иселеници, меѓу другото, и со тоа што им праќаат свештеници, учители и друг вид културни работници кои дејствуваат врз продлабочувањето на меѓусебните врски, како и за зачувувањето на припадноста на религијата. Меѓутоа, македонските иселеници ја немале таа можност и биле во поподредена положба, во споредба со емиграцијата на соседните балкански народи. Практично, македонските емигранти ја споделувале судбината на најблиските во поробената и распарчена татковина. И таму во САД, како што било во Бугарија, Грција и Југославија, тие немале ни своја македонска црква, ни свои македонски училишта, ни своја матична држава. Така, правата што ги уживале другите емигрантски кругови, нив им биле скратени. Едностав, тие права и слободи им недостигале. Сето тоа лошо се одразувало во нивниот живот во бројни насоки. Оставени сами на себе, без услови за нормално образование, без свои просветни и културни активности, животот на македонското иселеништво бил потежок отколку на која било друга нација. Македонската емиграција била без свои училишта и цркви и затоа била постојана цел на туѓите пропаганди од Бугарија, Грција и Југославија. Секоја од нив, доследно на своите освојувачки и асимилаторски апетити, настојувала со сите сили да ги заведе неорганизираните Македонци, да ги придобие за себе, со цел да ја деформира нивната национална свест. А така зашеметените Македонци станувале закоравени бранители на бугарската, на грчката или на српската пропаганда. Затоа, еден дел од македонските иселеници, како религиозни луѓе ѝ се приклучиле на бугарската, на грчката или на српската православна црковна организација, без да знаат дека во заднината на нивната религиозна активност е камуфлирано великобугарското, великогрчкото или великосрпското инфилтрирање. Со ваква антимакедонска дејност, преку злоупотреба на религијата, се служеле и сите други македонски организации што биле заплеткани во мрежите на фашизираните идеологии. Тука, пред сé, се мисли на МПО (Македонската патриотска организација) која во целост била под влијание на ванчомихајловистите. Положбата рапидно се сменила по конституирањето на македонската држава во рамките на ФНР Југославија и по обновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонска православна црква. Извојуваната слобода во еден дел на Македонија била гаранција дека денот за решавање на црковното прашање на македонските доселеници ќе се реши.Така, непосредно пред прогласувањето на автокефалноста на МПЦ, во Гери пристигнал битолскиот свештеник Спиро Танасковски кај свои блиски роднини. Веднаш по пристигнувањето, тој почнал да ја заговара идејата за основање на самостојна македонска црковна општина, за потоа да стане и свештеник на првата македонска црква во САД. Црковниот живот во Гери започнал во 1960 година кога Македонците зеле под наем една Сириска православна црква каде што свештеникот Спиро Танасковски првпат извршил богослужба на македонски јазик. Тоа траело така сé додека не била изградена првата Македонска православна црква во САД, т.е. во Гери, црквата ,,Св. Петар и Павле”.
Активностите за изградба на новата црква започнале кога на 7 септември 1960 година од одговорните државни власти било добиено одобрение за формирање Македонска православна црковна општина во Гери. Потоа, на 21 декември 1961 година, на членското собрание, било одлучено црковната општина да го носи името на светите апостоли Петар и Павле, а идната година во јули-август било купено место. Најзначаен датум за оваа црковна општина е 14 октомври 1961 година кога бил поставен и камен темелникот. Новата црква била изградена релативно брзо и од 1962 година во неа почнало да се изведува редовна богослужба. Меѓутоа, осветувањето било извршено во јули 1963 година од архиепископот на МПЦ, Неговото блаженство г.г. Доситеј. Тоа е прво осветување на македонска православна црква на Северноамериканскиот континент, извршено од македонски владика. Со тоа биле поттикнати и другите Македонци во САД и во Канада да градат македонски храмови. Денес во САД и во Канада активно работат триесеттина цркви, црковни општини и манастири кои се места на собирање на Македонците од сите делови на Македонија. Во декември 1971 година, наместо свештеникот Спиро Танасковски, кој со неколку членови од црковниот орган се отцепил и ја признал јуриздикцијата на Источната православна црква. Светиот архиерејски синод за свештеник на црквата го наименувал свештеникот Борис Поповски, од Брајчино – Преспа. Со доаѓањето на новиот свештеник состојбата во македонската колонија во голема мера се изменила во позитивна смисла; започнале бројни активности на религиозен, културен, црковен и образовен план. Така, на генералното членско собрание, одржано на 22 март 1972 година, биле донесени одлуки од големо значење за идниот развој на црковната општина како: реновирање на црковната сала, внатрешно и надворешно уредување на црквата, организирање кујна, украсување на светиот олтар, воведување централно ладење и греење, купување парохиски дом, проширување и асфалтирање на паркинг – плацот и друго. Овие одлуки се реализирани до 12 септември 1974 година. Исто така, во овој период од повеќе години, почнувајќи од првичното организирање, во состав на црковната општина веќе дејствувале: женската секција, неделното училиште, а по неколку години била организирана културно-просветна комисија, во чиј состав биле активирани: играорна, театарска и хорска група и младинска секција. Потоа во 1972 година бил формиран и хорот кој започнал да изведува композиции на црковно-словенски и на македонски јазик. Со пристигнувањето на нови доселеници од Македонија, бројот на верниците бил значително зголемен и тоа придонело црквата да биде и добро финансиски ситуирана. Македонците од САД и од Канада организирале заеднички епархиски одбор. Тоа било насушна потреба во тој период, бидејќи црковните општини прераснале не само во верски собиралишта, туку истовремено и во вистински културно-просветни жаришта. Овие иницијативи ги помагал како Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, така и Матицата на иселениците од Македонија и низа други институции од Македонија. За реализацијата на оваа потреба поинтензивно започнало да се работи од 1973 година, кога на прославата на патрониот празник на црквата во Гери, пристигнал Митрополитот Кирил, во придружба на протата Методи Гогов, кој подоцна како митрополит Михаил стана поглавар на МПЦ. По повод нивното гостување Управниот одбор на црквата ,,Св. Петар и Павле” организирал собрание. На собранието, покрај сите членови на Управниот одбор, присуствувале и сите членови на комисиите. На ова собрание, меѓу другите разгледувани прашања се наоѓало и она во врска со потребата од организирање на заедничка епархија на чело со единствен епархиски одбор за целата територија на САД и Канада. По опстојната дискусија и размената на мислења, едногласно било одлучено дека основањето на ваков епархиски одбор е потреба без која тешко може да се постигне координирање на верскиот и на културно-просветниот живот на македонските доселеници во САД и во Канада. Напоредно со ова било решено да биде свикана заедничка средба на претставниците на сите црковни општини на САД и Канада, со цел да се разгледа и, доколку се постигне согласност, да се пристапи кон основање на централен епархиски одбор. За постигнување на оваа цел црковната општина во Гери избрала иницијативен комитет со задача да ги изврши сите претходни подготовки и да свика ваков заеднички состанок. Во составот на овој комитет влегле Благоја Ивановски, Перо Ночевски, свештеникот Борис Поповски, Пандо Ташков и Атанас Близнаков. По примањето на оваа задача тие се зафатиле со сериозна подготовка. Така, првиот состанок на претставниците на македонските црковни општини од САД и од Канада бил одржан во Коломбос (Охајо), во мај 1974 година. Донесените одлуки на овој состанок биле еднодушно прифатени. Сите се согласиле дека е неопходно да биде основан заеднички епархиски одбор, како централно тело на сите македонски црковни општини во САД и во Канада. На овој состанок, исто така, било договорено вториот состанок да се одржи во Детроит (Мичиген), со цел на него да се доразработи целокупниот план за дефинитивно основање на заедничкиот епархиски одбор. Така, во мај 1975 година на средбата во Детроит било донесено решение за свикување на Семакедонски народно-црковен собир на кој, покрај основањето на заедничкиот епархиски одбор, ќе му се овозможи на македонското доселеништво да се сретне и да се договори за дејноста на натамошното продлабочување на националните чувства, за уште посилно јакнење на меѓусебните врски на сите Македонци од САД и од Канада. На состанокот во Детроит било решено Првиот македонски црковен собир да се одржи во Торонто (Канада), на почетокот на септември (Лејбр деј) 1975 година. Покрај ова, бил избран иницијативен комитет со задача да ги изврши сите неопходни подготовки за што поуспешно организирање на собирот. По Првиот црковно народен собир во Торонто, во 1975 година, вакви собири се свикуваат и се одржуваат секоја година, главно на почетокот на септември. На нив се разгледуваат извештаите за работата на епархискиот одбор помеѓу двата собира, за дејноста на сите цркви и црковни општини и се донесуваат насоки за работата во наредната година. Во овој правец посебно внимание им се посветува и на придружните дејности, а во прв ред на оние во врска со просветната, културно-уметничката, културно-забавната и спортската активност. Благодарение на тоа, Македонците – доселеници во САД и во Канада денес одржуваат вонредно тесни меѓусебни врски, што не беше случај пред основањето на заедничка епархија. Во овие активности значаен дел имаше Атанас Близнаков, кој во тој период, како почитувана личност меѓу Македонците во Гери, беше избран за член на Контролната комисија во црквата ,,Св. Петар и Павле”. Во оваа пригода треба да се нагласи дека и, покрај прогресивните убедувања на Атанас Близнаков, (за разлика од побожноста на неговата сопруга Славка), тој имаше многу позитивен став кон Македонската православна црква како институција. Беше вклучен во изградбата на новата црква и во севкупното живеење уште од самиот почеток. Особен придонес има во иницирањето и организирањето на црковно-народните собири. Тој беше еден од значајните донатори и помагачи на Црквата, бидејќи за него Црквата беше не само црковно-духовен храм, туку и национален, културен, образовен и семакедонски дом за сите кои беа привзани кон Република Македонија и кон македонската кауза. Неговиот позитивен однос кон Македонската православна црква продолжи и за времето кога беше во Македонија. Тоа го потврди на дело на неколку наврати, подарувајќи по 500 долари донација на Црквата, како и 1.000 долари во соборниот храм ,,Св. Климент Охридски” во Скопје. Особен респект имаше кон митрополитот Кирил како и кон поглаварот на МПЦ, Неговото блаженство г. Михаил, со ког често и разговараше за бројни позитивни реформи што ги видел во другите цркви во САД и за кои, според него, треба да се воведат и во православните цркви, со цел да се придобијат верниците, и за кои Црквата треба да биде вистинскиот дом. Продолжува
|