Среда, 15 Август 2018   
Мустафа Берекетли – поборник за добри односи меѓу Турција и Македонија

mustafa-bereketli-1

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – ЕВРОПА (ЕВРОПСКА УНИЈА)

Кога се пишува и споменува името на познатиот турски бизнисмен, општественик и познат вљубеник во Македонија, Мустафа Берикетли треба да се каже дека тој беше на своевиден мост меѓу Турција и Македонија. Тоа се неговите земји на минатото, сегашноста и иднината. Кога беше Мустафа во Истанбул, мислеше на Македонија, на родниот град Велес. Кога беше, пак, во Македонија мислеше на Истанбул, каде му е семејството и поколението

Мустафа Берекетли е македонски Турчин кој е роден во Велес, во градот на двата брега на реката Вардар каде ги поминал детските денови и неколку години учел во македонско училиште. Меѓутоа, чудните времиња си го направиле своето. Во „армијата“ преселници од своите корени од Македонија и од пошироките тогашни југословенски простори, како турско население, се преселиле (биле протерани) во Турција.

Едно од тие благородни турски семејства била познатата фамилија Берикетли од Велес. Тоа значеше заминување од родниот град и за Мустафа, кој, во исто време понесе со себе и тага и љубов и верба дека времињата ќе ја покажат вистинската иднина на народот од поранешна Румелија.

Мустафа, во својата душа постојано го носеше родниот град Велес: го посетуваше, остваруваше контакти и се бореше за иднината на градот како најдобар велешанец. А Велес е значаен македонски центар кој се наоѓа во средишниот дел на Македонија, поточно на бреговите на реката Вардар. Велес е шести град по број на жители во Македонија со вкупно население од над четириесет илјади  жители.

Низ историјата се нарекувал со различни имиња, од кои три се најмногу користени. Од самото основање на градот, Велес се нарекувал со името Вилазора. Подоцна се преименувал со името Ќупурли, кое подоцна било заменето со денешниот назив. За време на СР Македонија, но и во првите години од самостојноста на државата, Велес се нарекувал со името Титов Велес, во чест на маршалот Јосип Броз - Тито. Велес како населба постоел уште од 168 година пр.н.е. и се наоѓал нешто поисточно од денешната локација. Бидејќи градот има стратешка позиција, тој често бил мета на различни странски инвазии и окупации и бил дел од различни балкански кралства и држави, почнувајќи од Пајонија па завршувајќи со СФРЈ.

Велес бил дом на голем број македонски преродбеници, револуционери, писатели и поети и тој е една од лулките на македонската култура. Градот е карактеристичен по својата типична велешка и староградска архитектура. Тој е значаен трговски, транспортен и економски центар.

Турскиот патеписец Евлија Челебија го опишал Велес од тоа време. Главен објект тогаш бил мостот на Вардар, кого го објаснил како нов, дрвен мост со четири отвори, додека неговиот современик Хаџи-Калфа го опишува како камен мост. Сепак, и двајцата биле во право, бидејќи едниот зборува за мостот кај стариот дел од Велес, а другиот за мостот на местото каде Вардар се преминувал со сплав.

veles-nekogas
Велес некогаш

По ослободувањето, со Законот за преименување на град Велес во Титов Велес, донесен на 10 октомври 1946 година, градот Велес го добил името Титов Велес. Во наредниот период од 1946 до 1990 година, со Велес, како и со државата на која и припаѓал, раководела Комунистичката партија. Еднопартискиот систем во првите 30 години јакнел, за потоа да отпочне неговото постепено слабеење. Во 1990 година, се реализирани првите повеќепартиски парламентарни избори во рамките на независна Македонија.

Мустафа Брекетли е роден во Велес на 31 март 1941 година (почина во 2017 година), од татко Исмаил, роден во Свети Николе 1913 година и мајка Ана Белкис, родена 1920 година во Истанбул. Во 1947 година го започнува своето образование во Велес, а во учебната 1952/53 година се запишал во гимназијата „Кочо Рацин“. Меѓутоа, со преселбите во Турција во 1954 година се запишува во училиште во Истанбул, за потоа да се втурне во бизнис животот. И да биде на раководни места во повеќе компании за надворешна трговија, во производство на злато и други производи.

 Од 1964 година го започнал своето универзитетско образование во Хајделберг, во Германија, каде по завршувањето на студиите до 1977 година работи во повеќе фирми. Во исто време ги збогатува односите меѓу Германија и Турција со формирање на Друштво на пријателство,на кое е и претседател.

Од осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година, до смртта Мустафа беше присутен во неговата прва татковина. Во текот на овој четврт век имал средби со сите претседатели и премиери на Република Македонија и бил мост меѓу Турција и Македонија.

Мустафа Берекетли големи пријатели му биле видни Македонци од политичкото, културното, општественото и националното живеење, меѓу кои и авторот на овие редови, со кои постојано комуницира и одржуваше пријателски врски. Тој беше човекот кој постојано чепкаше во турските дефтери сè со цел да помогне да ја презентира вистината за македонскиот народ и Македонија.

istanbul
Истанбул

Инаку, со осамостојувањето на Република Македонија господин Мустафа Берекетли доаѓал по неколку пати во годината. Како човек кој ги познаваше економските, политичките, културните и други врски и различности меѓу Турција и Македонија имал повеќе интервјуа во повеќе гласила, меѓу кои и во весникот „Бирлик“ од Скопје, за кој ќе изјави дека Македонија е клучна земја на Балканот. 

Тоа интервју се однесува на учеството на Берекетли на Првата глобална конференција со бизнисмени од македонско потекло во 2000-тата година, на која тој учествуваше како специјален гостин. Мустафа  Берекетли беше еден од главните организатори на големиот научен симпозиум посветен на Фети Окијар  истакнат  политичар, дипломат и најблизок соработник на Кемал Ататурк,  роден во Прилеп,  кој се одржа на Бујукада, на островите карши Истанбул. Мустафа Берекетли даде многу драгоцени податоци во прилог на осветлувањето на ликот и  делото на Окијар на симпозиумот на кој, академскиот сликар Ставре Димитров - Стадим од Скопје, автор на над 2600 портрети, му подари на семејството на Фети Окијар голем портрет. Тој гест на Стадим, предизвика восхит, емоции, и благодарност кај потомците на турскиот политичар со потекло од Македонија.

Мустафа Берекетли беше еден од иницијаторите за збратимување на Велес со Адалар. Како резултат на неговите соработки со двете општини, Горан Петров, градоначалник на Општина Велес и Хидир Увачин, претседател на Советот на Општина Адалар (Принцови Острови), Република Турција, на 16 декември 2014 година во Велес го потпишаа договорот за збратимување на двете општини. На свечената седница на Советот на Општината што се одржа по тој повод, Славчо Чадиев претседател на Советот на Општина Велес ја поздрави делегацијата од Република Турција предводена од Хидир Увачин.

Инаку, Општината Адалар се наоѓа во непосредна близина на Истанбул. Првичната соработка на овие општини се одвива на планот на културата со поддршка на реконструкцијата на објекти од отоманскиот период во Велес, во областа на туризмот како и со учество на меѓународни културни манифестации.

mostot-vo-istanbul
Мостот во Истанбул што ги поврзува Европа и Азија

Мустафа Берекетли, беше истражувач, публицист и советник во Општината Адалар во Истанбул и беше докажан пријател на Македонија. Пронашол повеќе значајни документи за македонската историја во Истанбулскиот архив, а копии на дел од нив му испратил и на претседателот Ѓорге Иванов.

- Јас го пронајдов ферманот со кој на 14 март 1870 година по налог на султанот Абдул Азис се укинало заедништвото на словенските народи со Цариградската патријаршија. Постои уште постар документ од 1849 година во кој свештеник од велешкото село Башино му се заблагодарува на султанот Абдул Меџит, кој им дозволил да држат богослужба на свој јазик. Му се обратил со зборовите:„Наш цар и татко, вие не спасивте од влијанието на грчката црква, па ние сега кажуваме Библија на наш јазик“ - рекол Берекетли.

Инаку, според Мустафа Берекетли и документите кои тој ги поседува за автокефалноста на Македонската православна црква, се започнува или се јавува  како проблем кој произлегува од еден декрет наречен ИРАДЕ, издаден од Турската Порта во XVIII век, со кој Охридската архиепископија т.е. Mакедонската автокефална и самостојна црква, наводно, била УКИНАТА.

Имено, со години православните цркви на Србија, Русија, Бугарија и Грција, а со нив и Цариградската патријаршија, упорно го лажеле и сè уште го лажат македонскиот народ дека Македонската црква не може да биде автокефална поради тоа што во XVIII век Турската Порта ја укинала!?

Големата лага се состои во тоа дека со толку спомнуваното ИРАДЕ Турската Порта, додека отоманска Турција била  во Македонија, не извршила УКИНУВАЊЕ - како што тоа некои упорно го тврдат - туку само го забранила административното работење на Охридската архиепископија, апсолутно не забранувајќи го нејзиното верско работење со македонската паства.

Речиси сите цркви во Македонија - (освен некои кои биле урнати откако Турција по 1912 година веќе не била присутна на македонска територија, како и сосема мал број изградени по Втората светска војна) се градени со официјални дозволи - локација, дозвола за градба, урбанистичка согласност кои биле издавани и одобрувани од Турската Порта. Ова е непобитен аргумент, дека со ИРАДЕТО не било извршено укинување на Охридската архиепископија.

Во почетокот на 1836 година, за време од четириесеттина години - Турција извршила радикална трансформација на нејзиното општество завршно со 1872 година, ги укинала сите  претходни теократски хатисерифи - декрети и закони, меѓу кои и одредбата со која била извршена забрана за административно работење на Охридската архиепископија.

Значи, уште тогаш - на почетокот од третата третина од XIX век, Охридската архиепископија - покрај нејзиното верско работење, кое никогаш не и’ било забрането, повторно слободно можела да ги врши и административните работи на македонска територија.

slave-katin-nova
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.