Среда, 22 Август 2018   
ВРЕДНА КНИГА СО СЕОПФАТНИ ТЕМИ: Излезе од печат книгата „Одблесоци од минатото“ (статии) од Гордана Димовска

odblesoci-od-minatoto

Деновиве излезе од печат книгата статии под наслов „ОДБЛЕСОЦИ ОД МИНАТОТО“ од познатата македонска авторка од Австралија Гордана Димовска.

Гордана Димовска е познато име во литературно-публицистичката периодика среде Македонците во Австралија и пошироко. И додека нејзините литературни творби, колку толку, се прибрани во книги, ова е нејзина прва книга во која на едно место се собрани нејзините позначајни статии со општествено-политичко-историски и други теми, објавени последниве десетина години во различни медиуми („Македонска нација“, „Вечер“, „Нова Македонија“, „Народна волја“, медиумите на Матица македонска и Агенцијата за иселеништво и други, како и преку електронски медиуми).

Со својот зрел, ненаметлив и аргументиран стил на пишување Гордана Димовска се докажува како сериозен аналитичар и истражувач за значајни теми од македонското минато и сегашно битисување, а со широкиот дијапазон теми што ги загатнува се претставува и како лице со висок степен на општа култура, не само за македонските, туку и за некои општочовечки теми, со кои прави успешна синтеза со темите што нас нѐ засегнуваат како народ со голем број нерешени егзистенцијални проблеми.

Така, на пример, таа прави осврт кон јазиците во светот, т.е. кон исчезнувањето на оние јазици кои сѐ помалку се користат, при што изнесува податоци дека секоја година во светот исчезнувале по неколку јазици, а веднаш потоа аргументирано и повеќеслојно ја анализира состојбата со употребата на македонскиот јазик, како во Република Македонија, така и во дијаспората. Притоа констатира дека во македонскиот јазик дури и во матичната држава сѐ повеќе се инкорпорираат странски зборви и таму каде што навидум е оправдано, но и таму каде што навистина нема потреба од нив. Во однос на дијаспората, пак, заклучува дека и таму состојбата е неповолна поради фактот што сѐ помалку македонски деца се запишувале во училиштата за изучување на македонскиот литературен јазик, иако тоа им било овозможено од страна на австралиската држава. Гордана апелира таквата состојба да се поправи.

Во близок сооднос со јазикот, таа ги критикува и  состојбите во современата македонска ономастика кога на новородените деца сѐ повеќе им се даваат странски имиња од шпанските серии, а се запоставуваат традиционалните македонски имиња, додека во дијаспората, пак, во голем број случаи, на новородените македонски деца им се ставале странски имиња од државите во кои живеат.

Во своите статии таа повеќепати го загатнува и т.н. „спор за името“ што Грција го има со нашата држава, при што сосема оправдано укажува на апсурдноста на овој спор и се придружува на илјадниците други апели да престанат преговорите за името на нашата држава.  Таа наведува цитати од американскиот аналитичар Даниел Сервер во кои тој посочува дека во САД постоеле повеќе локалитети кои се викале „Македонија“, па дури и „Атина“, но ниту еден Грк не се бунел против тоа, а им пречело името на нашата земја. Практично Димовска за прв пат пред македонската јавност ги објави анализите на овој американски аналитичар – пријател на Македонија. Истовремено прави анализа и на политиката на Грција со предлози како може да се опонира на истата.

Гордана Димовска се занимава и со историски теми, при што, освен анализите на некои историски настани и потсетување на некои подзаборавени ликови од македонската историја, на читателите им нуди и свои откритија кои преку нејзините статии за прв пат се објавуваат пред македонската јавност. Со ова Гордана Димовска  себеси се детерминира и како истражувач. Така, на пример, таа нуди малку познати податоци за ликот и делото на Мирка Гинова (посебно за нејзиното погубување), презентира автентични написи во кои се спомнуваат Македонците и нивните страдања од грчкиот режим, објавени во 1930-те години од страна на грчкиот весник „Ризопастис“, нуди цитати од британскиот печат за Македонија уште од 16 век, како и британски иницијативи за самостојност на Македонија од почетокот на 20 век и сл. Од останатите историски теми, таа  потсетува на ликовите на жените воини во Македонија уште од античко време, па до подоцнежните времиња (со посебно задржување на ликовите на Румена и Сирма војвода и на илинденките), прави осврт кон ајдутството и неговото значење во Македонија во заштитата на македонското христјанско население, пишува за ликовите на: Толе Паша, Диме Стојанов – Берберчето, Иван Аљабакот, Димче Могилчето, Ѓоре Спирков и други, а потсетува и на артикулациите на Привремената влада на Македонија од крајот на 19 век, кои умешно ги става во контекст на современите случувања во Македонија.

Во своите статии Гордана Димовска ни ги прикажува и ликовите и делата на извесен број странци кои на еден или друг начин биле поврзани со Македонија (било преку својот престој овде и подоцнежно претставување на Македонија пред јавноста во Европа, било преку поддршка на нашата држава и народ). Овде ги среќаваме ликовите на:   Французинот Пол Лукас кој пишувал за Македонија уште во 18 век, Ерик Хобсбом кој ја критикува политиката на некои од сседите во одос на Република Македонија,  англиската хуманистка Еглантајн Џеб, која е позната во светот по тоа што ја создала хуманитарната организација  „СПАСЕТЕ ГИ ДЕЦАТА“  и која престојувала во  Македонија за време на балканските и Првата светска војна при што пренела потресни сведоштва пред европската јавност, Хан и Секели  -  фотографи кои на почетокот на втората половина на 19 век направиле извесен број фотографии во Македонија, кои во целост се објавени дури во 2000 година, Пјер Беарн – голем вљубеник во Македонија, кого го претствува со дел од неговите изјави и поезија, а потсетува и  на податоците од венецијанските автори кои опишувале носии на македоските девојки уште во 16 век. Конечно таа пишува и за новооткриените 28 пликови со писма и лични предмети од македоските Евреи кои успеале да го избегнат холокаустот, а прави осврт и на житието на македонската светителка Ирина, како пример за непокор. Во контекст на сето ова целосно може да се разбере и оправда поддршката на Гордана Димовска за изградбата на споменици на личности од македонската историја при што  енергично се спротивставува на нивно преместување или уривање. Воедно таа сосема оправдано се залага и за враќање на знамето со 16-зрачното сонце како државно знаме на Македонија, откако претходно прави анализа за значењето на знамињата низ историјата на разни народи.

Гордана Димовска не го  заборава ни македонскиот фолклор, при што укажува на неговото значење со  посебен осврт кон гатанките и нивната мистичност, а спомнува и  некои легенди. Во поново време, пак, потсетува дека македонскиот гајдаџија Пеце Атанасовски бил прогласен за најдобар гајдаџија во светот.

Се разбира дека неодминлив дел во творечкиот опус на Димовска е дијаспората каде и самата припаѓа. И овие текстови изобилуваат со идеи, предлози и упатства во насока на улогата на дијаспората во зачувувањето на македонската култура и јазик, но и критика за поедини состојби среде нашите иселеници. Апелира до сите нив да вадат и македонски пасоши и укажува на бенефициите (практични и идеолошки) од таквата постапка.  Прави анализа и на причините за културниот шок што го доживуваат доселениците кои ја напуштаат својата татковина и се преселуваат во средина која им се сосема туѓа и нуди совети како да се надмине сето тоа.

На крајот, ќе го сомнеме фактот дека Гордана Димовска својот патриотизам го наследила од својот татко Душан Стојчевски, па со оваа книга таа повторно се докажува како достојна ќерка, не само на своите родители Душан и Цветанка Стојчевски, туку и на нашата сакана Македонија

Александар ДОНСКИ

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.