|
|
211 Томе Миовски - хроничар за иселеништвото во Западна Австралија |
Томе Миовски - хроничар за иселеништвото во Западна Австралија „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – АВСТРАЛИЈА Томе Миовски заедно со неговите врсници кои беа дојдени од источноевропските земји ја регистрираа Македонската општина за Перт и Западна Австралија. Тој е еден од основоположниците на Македонскиот центар и црквата „Свети Никола“ во Перт, која е втор македонски дом во Австралија. За неговата плодна и долгогодишна активност во Општината и во Македонската заедница во Перт, Томе е добитник на бројни признанија Името и делото на Томе Миовски, преспански Австралиец е тесно поврзано со историскиот развој на Македонците во Западна Австралија, особено во главниот град Перт. Тој е еден од основоположниците на Македонскиот центар и црквата „Свети Никола“ во Перт, која е втор македонски дом во Австралија. Томе е писателот и журналист кој во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век редовно се појавува со свои дела во списанието „Повод“ на Литературното друштво „Григор Прличев“, а е автор на делата: „Паднати за татковината“, „Австралија и македонските доселеници“, „Орово и оровчани во минатото“ (1988), и „Македонците во Западна Австралија“ (1999). Инаку, Перт, градот на Томе Миовски е главен град на Западна Австралија и трет по големина економски и културен центар на Австралија, по Сиднеј и Мелбурн. Многумина Перт го вбројуваат во најубавите градови во светот и често го нарекуваат бисер на Австралија. Тој станува милионска метропола, сместен на утоката на реката Сван и распослан десетици километри по должината на Индискиот Океан. Во ова значајно австралиско пристаниште, каде што традиционално се одгледуваат цвеќиња и зеленило, живеат неколку десетици илјади дојденци од етничка Македонија. Нив ги има од сите краишта на Македонија, но најбројни се од Костурско, Леринско, Битолско, Прилепско, Охридско, Воденско, Преспанско, Скопско... Првите Македонци дошле во Перт во дваесеттите години од минатиот век. Тие претежно биле од Беломорска Македонија и својот нов живот во „ветената земја“ го почнале како фармери, чистејќи ја шумата за да направат плодни површини, особено за градинарски култури со кои се занимавале во Македонија. Црквата „Свети Никола“ во Орово, Долна Преспа Освен во Перт, Македонците заминувале за Менџимап, каде најбројни се од Нерет, од Бапчор, од Турије и други села од Костурско и од Леринско, како и од селата под легендарната планина Вич, дојдени овде уште пред 1925 година. Се смета дека Македонците први го пренеле тутунот како култура во овој дел на Австралија. Тие останале во новиот свет, но не ја заборавиле родната земја - Македонија. Незаборавот го изразувале и го изразуваат со организирано собирање, другарување, заедничко живеење и чување на македонските традиции при што го зачувале својот идентитет, традицијата, културата, јазикот, верата и обичаите од родниот крај - Македонија. Еден од видните Македонци во Перт е, секако, Томе Миовски. Тој е роден на 18 август 1933 година во селото Орово во Долна Преспа, во егејскиот дел на Македонија. Потекнува од македонско семејство, од татко Илија и мајка Ристосија. Тој е страдалникот кој на 17 март 1948 година, пред беснеењето на Граѓанската војна во Грција, мегу стотици деца од неговото село и илјадници македонски дечиња го напушти своето родно место. Патиштата на неповрат го однесоа во тогашна Чехословачка, денес Чешка Република во градот Оломоуц, во Моравија, кој е седиште на истоимениот крај. Тоа е градот кој се наоѓа на реката Морава и денес во него живеат стотина илјади жители. Оломоуц е центар на областа Хана, а своевремено бил и главен град на историската чешка земја Моравија. Карактеристично за овој град е тоа што во 1848 година, Австрискиот двор од Виена се засолнил во Оломоуц, каде Франц Јозеф I бил и крунисан. Исто така, и Матија Корвин токму во Оломоуц е крунисан за чешки крал.. Во овој по многу нешта значаен чешки град, Томе Миовски завршил гимназија и дипломирал на Педагошката школа. По стекнувањето на неговото педагошко образование работел во основното училиште во Лоучна, до градот Шумперк, сé до 1957 година. Истата година стапил во брак со Гона Пројковска по потекло од преспанското село Граждено, со која имаат две деца ќерката Кристина, родена во Чехословачка и синот Сотир, роден во Австралија. Патиштата на животот на Томе Миовски и неговото семејство му се отвориле да замине кај својот татко Илија во Австралија на 17 април 1961 година. Неговата крајна дестинација била градот Фримантл. Тоје град во Западна Австралија и се наоѓа дваесеттина километри југозападно од Перт, главниот град на државата, при устието на реката на западниот брег на Австралија. Абориџинското име на областа е „Валјалуп“, а Фримантл бил првата населба на колонистите на реката Сван уште во далечната 1829 година. Прогласен е за град во 1929 година, и во него живеат од околу 25.000 луѓе. Градот го добил името по капетан Чарлс Хоу Фримантл, англиски поморски офицер кој прогласил поседување на Западна Австралија и основал камп на локалитетот. Градот содржи добро сочувани градби и други културни наследства од XIX век. Уште со доаѓањето во новата средина,Томе Миовски се приклучил во македонското движење како продолжувач на организираното живеење кај Македонците од Перт и околните места, кое се јавило уште пред Втората светска војна. Така, според пишаните документи, на 18 септември 1941 година е формирано прогресивното македонско друштво „Единство“. Тоа развило жива дејност сред македонските иселеници, а по војната бројот на членовите се зголемувал и се спроведувале акции дури и за собирање средства за изградба на болницата во Скопје. Ова друштво, заедно со друштвата „Нова Македонија“ од Џералдтон и „Слобода“ од Менџимап, беше основа за формирањето на Македонско-австралискиот народен сојуз (МАНС), кој во иселеништво почна да го печати првиот весник на македонски мајчин јазик „Македонска искра“, што за многумина, кои не го владееја англискиот јазик, ова информативно гласило, беше еден вид прозорец кон светот. Како резултат на силниот патриотски дух и приврзаноста кон родната земја – Македонија, уште во 1962 година Македонците во Перт, по примерот на Македонците во Мелбурн, покренаа иницијатива за формирање на македонска црковна општина. Притоа, беше купено место на аголот на улиците „Алберт“ и „Кеили“, со цел во почетокот да изградат културен центар, а потоа и општина. Така, донесена е одлука истата зграда да биде наменета и за дом и за црква. Томе Миовски заедно со неговите врсници кои беа дојдени од источноевропските земји ја регистрираа Македонската општина за Перт и Западна Австралија. Тој беше секретар на Општината најдолг период од сите Македонци во Перт. За неговата плодна и долгогодишна активност е избран за доживотен член, а за неговите активности во Општината и воопшто во Македонската заедница во Перт, тој е добитник на бројни признанија. Од активностите на овој доблесен патриот и вљубеник во својата дедовска земја - Македонија, треба да се одбележи дека Миовски е основоположник на Македонското друштво „Преспа“, формирано во 1970 година; бил секретар и доживотен член на друштвото, се занимавал со новинарство и публицистика, а бил главен и одговорен уредник на Радио Преспа во Перт. Исто така, Томе Миовски е еден од основоположниците на Здружението на децата протерани од Егејска Македонија, познато како „Бегалци“, формирано во 1985 година, во кое бил секретар на федералното тело. Томе Миовски чувствува силна љубов кон својата втора (или да речеме - трета) татковина – Австралија. Во исто време тој е еден вид „зависник“ од својата родна Македонија. Тој живее со Австралија, со Македонија, со Преспа, со селото Орово. Постојано се навраќа со мислите во својот роден крај, во селото Орово. Инаку, Орово (или Рахово, грчки: Пиксос) е село во крајниот северозападен дел на Егејска Македонија во реонот на Општина Преспа, денес во Грција. До 1949 година селото било населено исклучително со Македонци. Сместено е на околу илјада метри надморска височина близу до самата грчко-македонска граница. Како и во другите преспански села и во Орово постоела традиција за одење во прекуокеанските земји. По Граѓанската војна, селото било целосно раселено и уништено. Неколку семејства кои останале по нормализирањето на состојбата биле принудени да се населат во други села, бидејќи грчките власти не дозволиле селото повторно да се обнови. По наредба на „демократските“ власти тоа било избришано од евиденција и неговиот атар бил приклучен кон Општината Граждано. Денес во селото се вишнее само селската црква „Свети Никола“, која е останата да ја чува тајната на поранешните жители на Орово. Како резултат на тоа некогашните жители на Орово и нивните потомци се населени во Скопје, Битола и Битолско, особено во селото Кравари, потоа во Тетово, Гостивар, во Полска, Австралија, Канада, САД и на други места. Инаку за селото Орово е запишано дека тоа е чисто македонско село, а и реонот на Преспа е чист македонски, во кој има 16 македонски села. Во Орово имало триесеттина куќи. По капитуланскиот договор во Варкиза,12 февруари 1945 година, грчката десница со помош на Англичаните ја зацврстила својата власт. Почнал да се спроведува невиден терор врз демократското население во Грција, пред сé, врз Македонците, а цел им била нивно физичко истребување. Поради ваквиот терор врз Македонците од овој дел на Егејска Македонија се појавила потребата за формирање антифашистичка организација. За да го избегнат бесот на грчките власти голем број Преспанци го напуштиле родниот крај и преминале во слободниот дел на Македонија. Во тоа време во Преспа, Грција, била воспоставила жандармериска власт, која ги окупирала сите села од Долна Преспа и ја затвориле границата кон Југославија. Во тоа време полициски станици имало во Орово, Герман, Папли, Лак и др.. Партизанските движења се засилиле во 1946 година, а Македонците кои биле уапсени монархофашистите ги малтретирале во една куќа во селото Папли, Преспа, која служела како затвор. Томе Миовски е еден од значајните хроничари за македонското иселеништво во Австралија, со посебна нагласка на Западна Австралија. Тој е автор и на делата: „Паднати за татковината“ (1968); „Австралија и македонските доселеници“ (1971); „Орово и оровчани во минатото“ (1988). Неговата последна книга насловена „Македонците во Западна Австралија“ кое е издание на „Здружението на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија“ е отпечатена во 1999 година во Скопје. Тоа е негово капитално дело во кое Миовски дава релевантни податоци за Македонците во Западна Австралија, почнувајќи од нивното доселување на тие австралиски простори во 1925 година до денес. Така, тој го презентира организираното живеење уште со формирањето на Австралиско-македонскиот народен сојуз, преку формирањето на првата Македонската православна црква во Клубот па до ден-денес. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |