|
|
Стив Пљакас и неговата посветеност на Античка Македонија (2) |
БИЗНИСМЕНОТ СТИВ ПЉАКАС И ПРОФ. МАЈКЛ А. ДИМИТРИ ПО ТРАГИТЕ НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ДО ХИМАЛАИТЕ (ДЕЛ I) Во повеќе продолженија во порталот „Македонска нација“ ќе се обидовме да ја претставиме посветеноста на античка Македонија на еден од најистакнатите Македонци на северноамериканскиот континент бизнисменот Стив Пљакас, кој е роден во егејска Македонија, а живее во Канада. Преку неговото монографско дело на англиски и македонски јазик, насловено како „Стив Пљакас“ од авторот на овие редови, Славе Катин, а во издание на Издавачката куќа „Македонска искра“ од Скопје, во 2017 година, читателите ќе бидат запознати со бројни аргументи и факти за делото на Стив Пљакас како бранител на вистината за античка Македонија Во репортерскиот запис на Стив Пљакас од октомври 1995 година, се вели дека по тригодишно планирање, проучување и сонување за патувањето, конечно сонот стана реалност. На 25 јули 1995 година јас и Мајкл Китли, пристигнавме на аеродромот во Равалпинди, поранешен главен град на Пакистан. Беше околу девет часот наутро и паѓаше ситна роса. Не знаевме дека во тој дел од светот преовладува монсунската сезона. Чувствувавме дека сè е под контрола. Имавме однапред платен билет од Пинди до Гилгит, кој е оддалечен 700 километри по воздушен пат. Побаравме такси и се упативме кон претставништвото на Пакистан Ерлајнс, каде што, на наше изненадување, дознавме дека сите летови за Гилгит или долината Читрал се откажани. Се обидовме да резервираме билети за следниот ден, но ни одговорија да ги посетиме следниот ден околу 11 часот. Разочарани, го замоливме возачот да нè одведе во хотел.каде забележавме дека ниту во предворјето, а ниту, пак, на улиците немаше жени. Паметиме дека жените кои патуваа во авионот од Манчестер беа ноншалантно облечени, но како што се приближувавме кон нашата дестинација тие се пресоблекуваа во муслимански алишта и ставаа накит на себе од глава до пети. Мажите носеа широки вреќасти панталони и кошула или наметка од рамењата до потколената.
Првиот судир поради различните култури го доживеавме со менаџерот на хотелот. Побаравме соба за двајца, за која рече дека ќе чини 30 американски долари, но ни предложи, прво, да појадуваме додека во меѓувреме тие ја подготват собата. По појадокот, менаџерот ни кажа дека собата не е слободна, но ни понуди подобра за 38 американски долари која ја прифативме. Откако се одморивме, решивме да прошетаме и да разгледаме наоколу. Улиците беа преполни, сообраќајот се одвиваше во сите насоки од возила, кочии што ги влечат коњи, велосипеди и луѓе кои се движат пеш, постоеше константен застој, но никој не предизвикуваше незгода и како никој да не му ослободува пат на другиот. Насекаде имаше мали возила „сузуки”, но по улиците немаше питачи, иако стануваше збор за центарот на Пакистан. Ако заминете кон густо населениот југ, ќе забележите питачи и арамии. Луѓето беа мошне љубезни и сите беа облечени во исти алишта, потенцирам во исти. Насекаде само мажи, млади и стари, но не и жени. Животниот стандард е многу низок, но за сите е исти, така што ниту еден не чувствува дека се разликува од другите. Верував дека единственото нешто што ќе нè спаси е што дома ги примивме сите вакцини. Работите не се многу чисти, а исто така не постои никаква помош од владата, додека образованието се помага само до трето одделение. Никаков алкохол не е дозволен, ниту, пак, некакви дроги. Тоа, едноставно, претставува илегална работа. Единствена дрога се цигарите и тие се користат дури со рекламирање. Бидејќи знаевме дека аеродромот повторно е затворен следниот ден, најмивме приватно такси да нè одвезе до Гилгит. На околу 300 километри од автопатот, сообраќајот беше запрен. Излеговме да видиме за што се работи и на наше изненадување забележавме одрон од планината, додека патот беше затрупан со големи камења и кал. Ги запрашавме претставниците на армијата кога ќе биде расчистен патот и ни одговорија дека ќе бидат потребни барем два дена.
Ја зедов камерата и почнав да се однесувам како турист. Пределот беше спектакуларен, едноставно прекрасен. Високи планини извишени до небото, со надојдена река на дното од кањонот. Насекаде луѓе. Некои решија да минат покрај одронот и да продолжат кон нивните дестинации. Ние решивме да се вратиме назад. Бевме бесни и многу, многу лути. Мислевме дека сме осудени. Се вративме во Пинди, но повторно немаше летови ниту, пак, слободен пат. Следниот ден, односно два дена подоцна, по појадокот се упативме кон пакистанската влада. Таму им раскажавме за целта на нашето патување. Претставникот беше мошне љубезен и ни кажа да не сметаме на летовите бидејќи дури и да се расчистат облаците, предност ќе имаат владините претставници затоа што летовите се откажани веќе една недела. Можеме да земеме џип за четворица или да останеме тука до крајот на одморот. Добро беше што кај себе ги имавме картичките на „Виза“, иако плаќавме уште дваесет отсто за нивно користење, бидејќи немавме картички на „Американ експрес“, а тие не примаа други картички или туристички чекови. Зацртавме нов курс – наместо прво да ја посетиме долината Ханза, ќе одиме на запад кон долината Читрал и народот Калеши. Сметав дека тоа е одлична дестинација, бидејќи знаев многу за народот Калеши. Првиот интересен момент на патот кон долината Читрал ни го посочи возачот. Тоа беше патот што го изградил Александар Македонски и неговата армија. Патот водеше од Кабул, Авганистан, до Калкута, Индија. Застанавме да направиме неколку снимки и чекоревме по трагите на Александар Македонски. Се чувствував многу возбуден, бидејќи по 2300 години ние, јас и Мајкл Китли, сме првите Македонци кои се наоѓаат таму. Треба да го посетите местото за да ги почувствувате овие емоции. Како што одевме понатаму, возачот повторно ни посочи една од тесните патеки по која одел Александар. Патеката носи име Малаканд, а на некои места е калдрмисана, но, во најголема должина не се пошироки од 130 сантиметри (четири стапки). Меѓутоа, и покрај сè, патиштата што ги изградила војската на Александар Македонски се навистина солидни.
Верувам дека Македонците се меѓу првите градители на патиштата, а во тоа време и немало друг начин за патување освен со друмски сообраќај што најмногу го користела војската. Голем дел на патеката сосема е руиниран и само кратки делови од патеката му одолеале на забот на времето. Населението во тие региони е многу трудољубиво. Тие од планините прават прекрасни градини. Исто така, мрежата за наводнување што тие ја изградиле е нешто навистина несекојдневно. Секое место и секое домаќинство имаат донесено вода во своите дворови. Сето тоа е постигнато со помош на методите користени за промена на текот на реките и за изградба на аквадукти. Ако подетално ги анализирате, ќе заклучите дека овие луѓе имаат карактеристични сини очи и руси коси. Физички, сосема се разликуваат од муслиманските Пакистанци и, всушност, мразат кога некој ќе ги нарече Пакистанци, бидејќи не се тоа. Мајкл и јас дури се шегувавме со нив како да ни се браќа. Како што денот се ближеше кон својот крај, решивме да ја поминеме ноќта во градот Дир. И во овој град можеше да се види голем број наши „браќа и сестри”. Продолжува
|