Среда, 20 Март 2019   
СТИВ ПЉАКАС И НЕГОВАТА ПОСВЕТЕНОСТ НА МАКЕДОНИЈА (22)

lkj1

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА

 Патувањата за Егејска Македонија, во исто време претставуваат и предизвик и возбуда и задоволство и разочарување за посетителите на оваа несреќна и напатена македонска земја. Формирањето на партијата на Македонците „Виножито“ е голем чекор напред и постоење на едно јадро, чии членови лавовски се борат, а партијата  исклучително многу значи за зачувувањето на идентитетот и борбата за човекова правда и вистина

Беше недела наутро, Господов ден кога го напуштивме нашиот дом во Љубојно, во Долна Преспа. Сонцето се наѕираше од кај Баба Планина, а Преспанското Езеро како да беше во летен сон, водата мируваше и само одвреме - навреме некоја од езерските птици предизвикуваше бранови. Ние брзавме кон север и се движевме по патот за Битола. Тој истиот пат, од спротивната насока, кон југ е асфалтиран до Маркова Нога, каде неправедно завршува еден свет, а почнува друг на иста земја македонска. Таму од кај селата Раби и Герман, за жал, е затворениот, или „планиран“ граничен премин меѓу Република Македонија и Грција.

По еден час возење стасавме во Битола, градот на конзулите, како обично битолчани милуваат да кажат, а потоа преку селото Кравари брзо стасавме во Меџитлија на граничниот премин со Елада (Грција). Нашата цел на патувањето беше да ги посетиме  селата Зелениче, родното место на Стив Пљакас и Желево, родното место на Лили Пљакас, а со тоа и градовите во егејска Македонија Лерин и Костур.

Инаку, патувањата за Егејска Македонија, во исто време претставуваат и предизвик и возбуда и задоволство и разочарување за посетителите на оваа несреќна и напатена македонска земја. Тоа веднаш се почувствува на граничниот премин. Брзо и без проблеми како што е вообичаено во светот го поминавме преминот на Меџитлија.

Меѓутоа, проблемите се јавија со грчките службеници. Имено, службеното лице ми зборуваше на грчки, а јас на англиски го замолив да зборуваме на светскиот јазик за комуницирање. Тогаш тој ми се обрати на македонски и ми рече: „Дека одиш“. Јас на брзина одговорив на македонски дека патуваме за Лерин и Костур. Бидејќи не сум кажал дека патуваме за Флорина и Касторија, службеникот ми ги грабна документите и ми нареди да го отворам багажникот на џипот. Притоа, почна насекаде да буричка во џипот, каде имав неколку книги на македонски и монографијата за бизнисменот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, завиткана во бела хартија, а која ја носевме како поклон на еден наш пријател од САД кој престојуваше во Лерин.

lkj2

Панорама на Лерин

Службеното лице ја скина опаковката на книгата и кога го виде сонцето од Кутлеш на корицата на монографијата, почна возбудено да ја прелистува. Непријатна гранична церемонија траеше повеќе од половина час Се собраа повеќе службени лица, гледаа, разговараа, размислуваа, се договараа, за на крајот да се смилуваа и да ни дозволат влез во Грција.

Го напуштивме граничниот премин и се упативме кон Лерин. Влеговме во селото Ники, односно Негочани и патувањето го продолживме кон Лерин, по патот кој минува низ Пелагонија, низ нејзиниот југозападен дел. А, таму поради познатите миграциски процеси и иселувањето на Македонците, голем дел од плодните површини се останати како неми споменици на времето.

Таму се сместени селата Света Петка, Клабучиште, Долно и Горно Клештино, Кладораби, Кабасница, Буф и др. Овие села се познати по тоа што од нив голем број Македонци започнале да заминуваат на печалба во прекуокеанските земји уште пред Првата светска војна, а особено тоа било изразено по Граѓанската војна. Таму, во новиот свет, далеку од својата родна земја, за среќа Македонците ја почувствуваа слободата, правдината и ги уживаат човековите права и слободи.

Поминавме  поголем број македонски села и стасавме во Лерин, или како Грците го прекрстија Флорина, кој е главен град на Леринскиот округ. Тој е сместен на крајот од Пелагонија во Леринското Поле, каде со железничка пруга е поврзан со Битола и Солун. Лерин е на слична надморска височина како Битола на помалку од 700 метри. Лерин e град во Егејска Македонија што е сместен меѓу шумовитите планински врвови на планината Бигла. Тој е трговски и административен центар на Леринската околија. Лерин е еснафски град. Тоа се гледа по бројните дуќани кои се душата на градот Тоа е поднебје во кое земјата е ровка, а околните богати шуми се користат за потребите на индустријата и во домаќинствата.

Во Лерин живеат дваесетина илјади жители, од кои се смета дека значаен број е македонско население, а другите се православни Турци (Просвиги) и други православни народи од Кавкас и други места (Маџири). Притоа, треба да се нагласи дека   националната свест кај Македонците во Лерин и во цела Егејска Македонија е силна, а битката се води дома и пред меѓународните организации на Европа и Обединетите нации.

Формирањето на партијата на Македонците „Виножито“ е голем чекор напред и постоење на едно јадро, чии членови лавовски се борат, а партијата  исклучително многу значи за зачувувањето на идентитетот и борбата за човекова правда и вистина. Затоа, Македонците во Егејска Македонија отвориле широки полиња на одржување на нивниот јазик, оро, песна, сметајќи дека меѓу народите треба да има натпревар во културата, за која непостојат граници.

Така, во последно време во егејскиот дел на Македонија продолжуваат уште повеличествено да се слават духовните и националните празници по македонските села и градови. Се прават свадби и венчавки со две рала тапани и многу сватови и стари обичаи кои се пренесуваат од генерација на генерација.

Само како пример ќе ја споменеме прославата (по стариот календар) на Илинден во селото Овчарани. Во ова македонско село во кое градоначалникот е Македонец се собираат и се веселат илјадници Македонци кои стануваат препознатливи по најголемото оро кое тие го вијат. Во Нерет, во Воден во Соботско и на други места, исто така, народот се собира на свои слави. На овие свечености се собираат Македонците од Егејот, од Република Македонија и оние раселени по целиот свет, кои доаѓаат особено во летниот период да ги посетат дедовските корени и нивните вечни почивалишта. Тие сите се за развој на културата меѓу народите без граници.

lkj3

Исто така, Македонците го имаат Домот на културата во Лерин кој уште опстојува со многу пречки и подметнувања од властите. Таму постои и Редакцијата на весникот „Зора“. Македонците имаат свои ресторани и хотели каде ечи македонска музика.  

За жал, во „демократска“ Елада на  Македонците сè уште и во XXI век  на пописите не им се дава право да можат да се изјаснуваат тоа што се во Егејска Македонија. Според многу податоци од Егејска Македонија има  повеќе од еден милион население, а сега во тој јужен дел на Македонија една половина се Македонци. Грчката власт не го признава нивното постоење. Многу експерти од светот дошле и самите на лице место се увериле дека Македонците се во огромен број, со свој јазик, традиции, култура, религија, обичаи и, воопшто, со посебни национални обележја, поразлични од грчките, од туркменските.

Името на Лерин веројатно потекнува од зборот зелено, што се однесува на климата и вегетацијата на областа. Како град и област со доминантно македонско население, Лерин во историјата дал голем број македонски борци, револуционери и херои. Само во времето на Отоманската Империја, во Лерин и Леринско крстосувале повеќе македонски чети кои биле организирани и се бореле за слобода на сите народи.

Врз основа на леринскиот говор во 1925  година грчката влада под притисок на Лигата на народите ќе го изработи Букварот (Абецедарот) за учениците Македонци, кој по запалувањето на возот со кој, и покрај антимакедонските фашистички екстремистички побуни бил транспортиран. Тој Буквар е повторно издаден и промовиран во Солун и Атина во 2006 година.

Лерин и Леринско ќе дадат и голем број партизани и борци во ДАГ за време на Втората светска војна (1941 - 1945) и Граѓанската војна во Грција (1945 - 1949). Меѓутоа, македонското населени наместо да добие слобода, напротив тоа ќе доживее невиден терор, убиства, мачења и протерувања од своите огништа од страна на грчките власти. Најкрвав настан ќе биде убиството со обезглавување на повеќе млади Македонци и Македонки, од страна на грчките монархофашистички сили и англиските војници, среде бел ден во центарот на Лерин. Денес е актуелна состојбата со земјиштето на кое се наоѓа масовната гробница со телата на Македонци и Грци - борци на Демократската армија на Грција кои загинале во битката за Лерин.

Целта на нашата посета на Лерин беше да се сретнеме со неколку наши пријатели, и пријатели на вистината кои како лингвисти од САД и Канада учествуваа на научната конференција „Македонија – на маргините на европската современост“, што се одржа од 16 до 19 јули 2015 година во Лерин. Овој значаен научен собир на кој учествуваа познати и признати  научници од светот го организираше „Австралиско-македонскиот комитет за човекови права, ОМО Илинден - Пирин, Европската слободна алијанса и домаќинот „Виножито“.

Целта на овој мултидисциплинарен настан беше да даде суштински придонес кон разбирањето на современата македонска национална историја од различни академски перспективи, вклучувајќи социолошки, лингвистички, антрополошки и политички аспект.

lkj4

Македонско оро во Овчарани

Конференцијата во Лерин, во Грција беше  втора од ваков вид, по научниот собир кој беше одржан во 2013 година, на Универзитетот „Монаш“ во Мелбурн, Австралија, а со кој беше одбележана 100-годишнината од крајот на Втората балканска војна и поделбата на Македонија со Букурешкиот мировен договор.

Кога пристигнавме во Лерин, се движевме по една од главните улици и се одушевувавме на старата архитектура. Меѓутоа, наеднаш видовме голема група луѓе со знамиња и пароли, со музика, правејќи силна врева. Незнаевме што се случува и бевме вџашени. Во тој момент ми пријде еден непознат човек и на македонски ми рече „Брачко, брзо бегај со џипот со скопска плаки, отие вие са фашисти и ќе те опере. Грчките фашисти се полоши од германските фашисти, зато врти кмо реката наугоре и бегај“.

Му се заблагодаривме на непознатион, а благороден човек и набрзина свртивме кон улицата што води покрај реката и се упативме кон запад. Така, бегајќи од фашистичкиот налет отидовме до крајот на Лерин по патот кој води кон Арменско.

Марширањето на членови на фашистичката организација во Лерин кои се агресивни кон македонското население и негираат и уништуваат сè што е македонско, ми заличија на оние во Берлин. Имено, во една посета на Берлин, во демократска Германија гледавме како се движат по една нова авенија агресивните германски фашисти, извикуваа фашистички пароли. Тоа марширање на фашистите во Берлин беше слично или идентично како на фашистите во Лерин, во „демократска“ Грција.

Наместо да ги почувствуваме убавините и топлината на народот и на прекрасната архитектура на Лерин, која е иста или слична како архитектурата  во Кратово, Охрид, Ресен и други храдови, ние со страв размислувавме дури за враќање назад. Така, застанавме на една ширинка покрај реката, а во непосредна близина на неколку преубави, веројатно викенд куќи, каде беше тешко да се најде некој намерник на патот или во околината. Некако успеавме да видиме еден човек кој работеше во една нива и кој не упати побрзо да се вратиме кон Лерин по горниот пат кој води кон Битола и кон Солун.

Брзо го напуштивме Лерин и без збор и без поздрав, со тага на душата и со големо разочарување што не се сретнавме со нашите пријатели со кои требаше да одиме во селото Овчарани да го прославиме Илинден. За жал, во состојба на страв, се упативме по патот кој беше во изградба и кој води кон селото Арменоро, а оттаму патувањето го продолживме кон Баница и кон нашата главна дестинација, селото Зелениче, родното место на Стив Пљакас.

Продолжува

d5

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.