|
|
СТИВ ПЉАКАС И НЕГОВАТА ПОСВЕТЕНОСТ НА МАКЕДОНИЈА (27) |
ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА СТИВ ПЉАКАС ВО КАНАДА – ЗЕМЈАТА НА ПРОСПЕРИТЕТОТ Во повеќе продолженија во порталот „Македонска нација“ ќе се обидовме да го претставиме животот и делото на еден од најистакнатите Македонци на северноамериканскиот континент бизнисменот Стив Пљакас, кој е роден во егејска Македонија, а живее во Канада. Преку неговото монографско дело на англиски и македонски јазик, насловено како „Стив Пљакас“ од авторот на овие редови, Славе Катин, а во издание на Издавачката куќа „Македонска искра“ од Скопје, во 2017 година, читателите ќе бидат запознати со бројни аргументи и факти за делото на Стив Пљакас како бранител на вистината за Македонија. Според зборовите на Стив Пљакас кој е горд дека е Канаѓанец од македонско потекло, Канада е земјата на иднината. Таа е држава во која живеат околу триесет и пет милиони жители, главно, од англиско и француско потекло, а има и повеќе од сто други националности, меѓу кои и околу 150.000 Македонци од трите дела на Македонија. Таа е составена од 10 покраини (провинции): Алберта, Британска Колумбија, Квебек, Манитоба, Нова Шкотска, Њу Бранзвик, Њуфаундленд, Онтарио, островот Принц Едвардс и Саскачеван; потоа од две самостојни територии – Јукон и Северозападната област на Арктичкиот (Францускиот) архипелаг. Службени јазици во Канада се англискиот и францускиот јазик. Припадниците на сите народи што живеат овде го зборуваат мајчиниот јазик, имаат свои училишта, цркви, друштва... Главен град е Отава со околу 800.000 жители и се наоѓа во Онтарио, а поголеми важни метрополи се: Монтреал, Торонто, Ванкувер, Едмонтон, Хамилтон, Винипек, Квебек, Калгари, Халифакс, Виндзор и други. Во Канада владее континентална клима, на југ на државата климата е субарктичка а на север таа е поларна. Најпознати реки се Сент Лоренц, Мекензи и Нелсон, а од езерата Горно Езеро, Хјурон, Ири, Онтарио, Винипек и други, додека најпознати планини се Карпестите Планини што се протегаат на западниот дел на Канада. Пред доаѓањето на Европејците, Канада била населена, главно, со Индијанските племиња Ирокези и со Ескими. Се претпоставува дека во XI век за првпат дошле Норманите. Меѓутоа, се смета дека во 1497 година, прво се откриени источните брегови и полуостровот Лабрадор од Џовани Кобато, италијански морепловец во служба на Англија. Први доселеници од Европа биле Французите, кои во 1608 година под водство на Самуел Шаплен го основале Квебек. Во 1620 година, Канада го добила името „Нова Франција“. Истата година била формирана засебна компанија со задача да се колонизира новата земја и да се користат нејзините големи богатства. Во текот на XVII век се доселиле и англиски колонисти кои, исто така, воделе борби против Ирокезите и постепено освојувале простори и се проширувале кон запад. Во почетокот на XVIII век, Француско-англиската војна во Европа предизвикала судир и во Канада. Бидејќи освојувачката политика во Европа, водена од Луј XIV, ја запоставила грижата за Канада, превласта почнала да преоѓа од Французите на Англичаните. Во текот на војните за шпанското наследство, Англичаните успеале да освојат еден нејзин дел и со Утрахтискиот мир во 1713 година, им е признато правото на областите околу Хадсоновиот Залив. Во текот на седумгодишната војна, Англичаните ја освоиле цела Канада и таа им припаднала со Парискиот мировен договор од 1763 година. Во текот на XIX век се вршело големо населување и ширење на колонистите кон запад, што во 1867 година резултирало со формирање на Канадската конфедерација со статус на доминион. Стив Пљакас како човек од канадскиoт бизнис и прогрес вели: „Сè до крајот на XIX век, Канада била земјоделско-сточарска земја, чие основно богатство се состоело од шуми и огромни комплекси земја засеана со прочуената канадска пченица која се извезувала. Во таквата економска структура преовладувало фармерството, како што било случајот во Соединетите Американски Држави. Меѓутоа, при крајот на XIX век почнува развојот на индустријата. Извонредните услови за индустриски развој ја доведуваат оваа значајна стопанска гранка на завидно ниво. Така, денес Канада е индустриска и земјоделска светска сила, во која странскиот капитал, особено од Соединетите Американски Држави, има големо влијание. Канада поседува огромно богатство во водена енергија, а развиени се: прехранбената, металната, автомобилската, дрвната, кожарската и хемиската индустрија, рафинирањето на нафта и други гранки. Исто така, развиени се и земјоделството, ловот и риболовот. Таа е втора земја во светот (по Русија) по богатство на четинарски шуми, а има достигнато висок степен на развој на железничкиот, автомобилскиот, воздушниот, езерскиот и речниот сообраќај. Денес, Канада се смета за светски пример на мултикултурно општество. Од Втората светска војна во оваа демократска и многунационална земја се одвиваат значајни социјални, културни и економски преобразби, а со тоа таа доживува и голема трансформација во нејзиниот етнички состав. Канада е прва земја во светот која официјално го признава мултикултурниот мозаик и ја продолжува континуираната и доследна недискриминаторска политика, а со тоа мултикултурата се прогласи за политика на Владата на Канада, каде што секој има право на слобода на свеста, верата, мислата, изразувањето, мирното собирање и дружење, негување на сопствената култура, пропагирање и применување на сопствената религија и употреба на мајчиниот јазик. Но. сите канадски ѓраѓани се Канаѓани. Канадски пејзаж Законодавството и мултикултурната политика на Канада се особено толерантни кон сите национални верски заедници, вклучувајќи ја Македонската православна црква. Македонските црковни општини стануваат сè повеќе вистински мостови за сестрано зближување на македонскиот народ и другите националности што живеат во Канада“, констатира Стив Пљакас. Затоа, често се вели дека Канада е „ветената земја” и за Македонците, особено од егејскиот дел на Македонија, кои во Канада ги уживаат сите човечки права. Додека во својата родна земја тие се туѓинци; им се оспорува националниот идентитет, врз нив се врши асимилација, денационализација и систематско истребување од родната грутка. Затоа, со право и со гордост Македонците во Канада ја пеат химната „О, Канада...” Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |