Среда, 12 Јуни 2019   
Дел од судбината на Македонците во Соединетите Американски Држави (1)

SAD1

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – САД

Според историските документи иселениците во САД биле по­врзани преку бројни спомага­телни, односно со­ци­јално-културни, верски, по­ли­­тички, ин­фор­мативни и други ор­га­низации и асоцијации. Меѓутоа, по конституирањето на Република Македонија во 1945 година и по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква рапидно се изменија состојбите на организиран црковно-духовен и национален план

Како и другите етнички групи со доаѓањето во САД и македонските доселеници создале повеќе етнички организации. Тие им давале чувство на сигурност и станале место за етничко организирање на национален план, градејќи кај нив патриотска верба, љубов и надеж кон својата татковина, Македонија.

Пред Втората светска војна асоцијациите на македонските доселеници биле под силно туѓо влијание, особено на бугарската пропаганда. Но без оглед на тоа, тие ја за­држале својата македонска етничка припадност, зошто нивните друш­тва и асоцијации создавале можности за меѓусебни контакти и за побрза интеграција во новото оп­штество.

Меѓутоа, Македонците отсекогаш  биле   на удар на разни туѓи верски, национални и политички влијанија, кај кои се нашло погодно тло за таквата дејност. Во тој правец активна била бугарската, грчката и српската пропаганда, кои со успех ги вршеле своите замислени цели. Притоа, во прилог одела и неорганизираноста на македонските доселеници кои, за жал, немале ниту своја држава, ниту, пак, свои македонски православни цркви.

Затоа, во периодот од нивното доаѓање во САД, Канада, Австралија и други земји, до конституирањето на македонската држава, Македонците биле предмет на бугарската, грчката или српската пропаганда. Свои пропаганди и влијанија врз македонските доселеници вршела и Католичката, Англиканската и некои протестантски цркви, затоа одреден број од нив се приклучиле и кон овие цркви.

Според историските документи во делото „Македонците во САД и во Канада” на авторот на овие редови, иселениците биле по­врзани преку бројни спомага­телни, односно со­ци­јално-културни, верски, по­ли­­тички, ин­фор­мативни и други ор­га­низации и асоцијации. Во периодот меѓу Првата и Втората светска војна, ма­кедонските доселеници биле организирани во неколку етнички асоцијации.

SAD2

Првата организација која ги собирала македонските доселеници во САД и Канада била МПО (Македонски политички организации). Поради ставот на аме­ри­канската влада која не дозволувала политички организирања на доселениците, го променила името во Македонска патриотска (патриотическа) организација (МПО) и како таква дејствува и денес, особено во САД.

МПО била формирана на 30 септември 1922 година во Форт Вејн, Ин­ди­јана, каде што бил свикан првиот конгрес на македонските политички ор­га­низации, односно на селските и околиските друштва. Оваа организација се појавила како резултат на желбата на македонските доселеници за свое етничко ор­га­ни­зирање. Таа првобитно имала правилен став по македонското прашање. Се борела пред светот и пред македонската јавност, како и пред иселеништвото за национална и социјална слобода на населението во Македонија.

Во почетокот за МПО Македонија била еднаква меѓу еднаквите држави на Балканот. Меѓутоа, во периодот меѓу 1927-1929 година организацијата потпаднала под силно бугарско влијание, кога меѓу иселеништво настапил процес на дезориентација и дезорганизација. Оттогаш МПО започнала да ја негира националната самобитност на македонскиот народ, застапувајќи ја тезата за некаков бугарски карактер на Македонија.

Исто така, во периодот по Втората светска војна (1945) и до осамостојувањето на Република Ма­ке­донија (1991), МПО ја негирала македонската држава, нација, јазик и Ма­кедонската пра­во­слав­на црква. Затоа, во македонската држава во из­ми­на­тиот период ор­­­ганизацијата МПО беше претставувана како пробугарска ор­га­низација која де­јству­­вала, главно, меѓу македонските доселеници во САД и Ка­нада, а со тоа и’ било посветено скромно научно и општествено внимание.

Ме­ѓутоа, бугарската наука на МПО и посветила посебно внимание, користејќи ја како бугарска исе­леничка орга­низација на „македонските Бугари”, за­ста­пувајќи ги ин­те­ре­сите на бугарската пропаганда меѓу Македонците во САД и во Ка­на­да. Тоа осо­бено било изразено преку гласилото на МПО „Македонска трибуна” кое и де­нес излегува како месечник на англиски и бугарски јазик. Поради намаленоста на член­ството, кое претеж­но е од старата генерација од егејскиот дел на Македонија, орга­ни­зацијата е во изумирање.

Од посебно значење е тоа што по прогласувањето на независноста и сувереноста на  маке­дон­ската држава во 1991 година, односно од 1996 година, пак, започна еден нов процес во односите на МПО кон Македонија. Имено, реализирани се повеќе акции за признавање на не­за­вис­носта на Македонија, направени се бројни посети и средби со политичари и вла­дини претставници од Македонија и друго.

Така, покрај тоа што МПО останува на ста­рите определби, сепак, се забе­ле­жу­ваат извесни позитивни промени во ра­ководството на МПО и во однос кон ма­кедонското национално прашање и кон македонскиот народ во це­лина. Денес, генерациите на старите членови на МПО, кои се чувствуваат ка­ко Аме­ри­канци и Канаѓани со симпатии гледаат кон прогресот на Република Ма­кедонија.

Во 1929 година, во Понтијак, Мичиген, е формирана Првата македонска независна прогресивна група, чиј  број подоцна се зголемил на шест во САД и Канада. Организирањето на со­ра­ботката и координирањето на акциите меѓу прогресивните групи било до­­верено на Иницијативниот комитет, кој ја свикал Првата конференција, одржала  во Толидо, Охајо, на 22 и 23 март 1930 година.

SAD3

Скопје, Воинот на коњ

На конференцијата била усвоена Резолуција во која, меѓу другото се зборува за борбата што требало да се води против организацијата МПО која, како што се вели, била оружје на великобугарската државна политика. Исто така, и во другите документи на конференцијата, МПО се третирала како еден од нај­­големите противници на прогресивното движење на македонската емиграција.

Целта на македонските независни прогресивни групи била да ги обедини Македонците заведени од МПО и да развие политичка активност среде ма­ке­донските доселеници. А, една од големите желби и барања на овие групи би­ла да се создаде балканска федерација, во која ќе бидат гарантирани широки на­ционални, политички и социјални права и слободи на балканските народи, вклу­чувајќи го и македонскиот народ од трите дела на Македонија.

Во реа­ли­за­цијата на ваквата политика новиот Македонски народен сојуз (МНС) сметал на содејство и поткрепа од сите прогресивни сили и луѓе во светот, особено од оние на Балканот. Организацијата МНС своите активности започнала да ги пренесува и афирмира во поголем број гласила, меѓу кои, во весниците: „Македонски билтен”; „Балканско з(с)дружение”, „Трудова Маке­до­нија” и  „Народна волја”.

Во периодот меѓу двете светски војни, кога МПЦ не беше конституирана како институција, македонските доселеници во САД и Канада не само што учествувале во организирањето и во изградбата, туку и  ги поддржале, ги финансирале и црквувале, главно, во т.н. македонско-бугарски православни храмови. Овие цркви биле поттикнати, изградени и контролирани од МПО. Исто така, пред конституирањето на МПЦ во лицето на Охридската архиепископија, голем број македонски доселеници помогнале материјално и духовно во изградбите и опстојувањето, како и црквувале во српски, грчки, руски, украински, романски и други православни цркви во САД и Канада, меѓу кои едни од најзначајните се следните:

Првата македонско-бугарска црква во САД била формирана и изградена во Гранит Сити, Илиноис, во летото 1909 година. Таа го носела името „Свети Кирил и Методиј”, а била изградена во тогашната населба „Линколн”, во која живееле голем број македонски печалбари претежно од Егејска Македонија и одреден број Бугари. На 14 септември 1909 година била осветена и отслужена првата богослужба од бугарскиот архимандрит Теофилакт. Уште во јуни 1908 година, архимандритот бил испратен од администрацијата на Светиот синод од Софија да им служи на Бугарите.

Меѓутоа, неговата цел и намера била и да ги „прибере” Македонците во крилата на Бугарската православна црква, која, во тој период имала силно влијание врз Македонците, особено печалбарите од Беломорието.

Од 1913 до 1922 година, црквата била речиси затворена бидејќи немала постојано свештено лице. Од 1933 година била поактивна. Меѓутоа, по Втората светска војна црковниот живот замира, затоа во 1954 година била продадена на Ерменската апостолска црква.

SAD4 SAD5 

Њујорк, Кипот на слободара

Во периодот меѓу двете светски војни во Соединетите Американски Држави биле изградени десетина македонско–бугарски или бугарско-македонски православни цркви. Но, од сите нив најактивна е црквата „Свети Климент Охридски” во Детроит. Имено, најбројната македонска колонија во САД е Детроит, каде поголем број печалбари од Македонија дошле уште во почетокот на XX век. Дошле од различни причини и национални, политички и религиозни убедувања.

Во Дирборн, Детроит во 1928 година, со средства на Македонци, претежно од егејскиот дел на Македонија, биле купени две куќи, на чиј плац на 17 февруари 1929 година бил поставен камен-темелникот на новиот храм „Света Тројца”. Набргу потоа, црквата била изградена (но незавршена) и во неа, на 2 мај истата година била отслужена првата богослужба. Со тоа започнало заедничкото црквување на Македонците и Бугарите, предводени од бугарскиот поп, „мисионер”, кој за оваа намена бил испратен директно од Софија.

Тоа ги натерало членовите на Македонската патриотска организација, членовите на МПО, огранокот „Татковина” од Детроит, ја срушат црквата „Света Тројца” во Дирборн вложиле средства за нова црква. Така, во март 1935 година биле удрени темелите на новата црковна општина која го добила името „Свети Климент Охридски”. Новиот храм бил завршен за три години и служел сè до 1964 година кога дошло до поделба меѓу членството.

Едната фракција останала во црквата „Свети Климент Охридски”, изградена во 1964 година, а осветена во јуни 1966 година од бугарскиот митрополит Андреј, како голем троброден храм, во кој денес црквуваат голем број Македонци од сите делови на Македонија, како и мал број Бугари и други христијани. Другата фракција, пак, изградила нова црква во Дирборн Хајтц со ново име „Свети Павле”.

Ваквата состојба била последица на поделбата во Бугарската православна црква, што се одразила и во иселеништвото. Затоа, од 1963 година во САД и Канада постојат две администрации. Во едната администрација се лојалните на Бугарската православна црква, здружени со Источната православна црковна епархија за Северна и Јужна Америка и Австралија со седиште во градот Њујорк (која контролира осум цркви), а во другата е Епархијата на Бугарската православна црква за САД и Канада со седиште во градот Толидо, Охајо, која  под своја јурисдикција и контрола држи девет цркви.

Меѓутоа, по конституирањето на Република Македонија во 1945 година и по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква рапидно се изменија состојбите на организиран црковно-духовен и национален план. Македонските православни цркви започнаа да го опфаќаат мнозинството на македонските иселеници кои се сплотени во самостојни асоцијации, во состав на македонските православни цркви, во кои членуваат Македонци, без оглед од кој дел на Македонија потекнуваат.

Продолжува

slave

Пишува: СЛАВЕ КАТИН 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.