|
|
„ГУЛАБИЦА НЕДОФАТНА“ ОД МАРИЈА АЛЕКСАНДРОВА |
Во издание на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, деновиве од печат излезе книгата поезија „Гулабица недофатна“ од поетесата и уметник Марија Александрова од Сиднеј. За читателите ги изнесуваме рецензентските белешки од Александар Донски: ГЛАСНИОТ ШЕПОТ НА ГУЛАБИЦАТА НЕДОФАТНА Иако одамна плови низ непредвидливите, примамливи, води на поетското творештво, вљубеникот во уметноста (освен во пишаниот збор, овде е и сликарството) Марија Александрова, дури сега нѐ почести со својата прва мулти-уметничка збирка. Освен 48-те поетски творби, овде се и десетината нејзини уметнички слики. Песните содржински се поделени во осум циклуси и истите се соодветно сликарски илустрирани. Во првиот циклус Марија Александрова пее за најголемата духовна, емотивна и интелектуална преокупација на повеќето македонски иселеници, а тоа е родната земја Македонија. Преку умешна комбинација помеѓу директен и метафоричен говор, повремено зачинет со фолклорни орнаменти, таа протестира против присилната промена на името на нашата татковина и нејзиното разнебитување (Корени македонски, Плачот за Македонија, Осамна зора), ги едуцира младите генерации за славната историја на Македонија (Таму синко, Таму далеку, Прва македонска република), ја оживува борбата за слобода и ја опсервира сегашноста на Македонија (Илинден, Време-патение, Развивај горо). Во вториот циклус под наслов Заминав, Марија Александрова пее за втората најголема мака на повеќето иселеници – напуштањето на родниот крај и заминувањето во неизвесната печалба. Во песните од овој циклус, авторката во својот препознатлив стил, го опејува тешкиот живот во првите години од печалбарството, носталгијата по родното огниште, духовните премрежја што ги доживуваат иселениците кога треба да заминат од татковината (било за прв пат, било по некоја кратка посета на родниот крај), но и сцени од секојдневниот живот во новата средина (Кет). Третиот циклус Марија Александрова го посветува на оживување на своите спомени од детството и младоста (Прилеп, Плетвар, Охридското Езеро, ученичките спомени преку песната Часовник...), кои претставуваат единствената нејзина жива врска и нитка со двете најсвети духовни богатства трајно вгнездени во срцето на секој иселеник - родната земја и детството/младоста. Една песна посветува и на индонезискиот остров Бали, кој во 2004 година беше погоден од катаклизмичното цунами, а песна посветува и на водителот во една македонска радио програма во Австралија Симеон Георгиевски – Брич). Четвртиот циклус (Уметник) и Петтиот (Мајка) ја акцентираат интимно-личната исповед на авторката за сопствените возвишени преокупации (во случајов сликарство и литература), но и дарувањето живот на своите потомци. Во Шестиот циклус (Дали уште еднаш) Марија Александрова нуди сопствени опсервации за некои аспекти за одредени суштински прашања од човековото битисување , а во Седмиот циклус (Молитва) ја опејува своата љубов кон Бога. Конечно, во Осмиот циклус (Гулабица недофатна) авторката низ различни аспекти ја опејува љубовта помеѓу двајца вљубени со што ги експонира своите високи морални вредности. Во секој случај со својот ненаметлив, но јасно артикулиран стил, авторката Марија Александрова низ стиховите во кои доминира емотиконот над изразните средства кои се ставени во негова функција, успешно го претставува својот творечки имплус преку својата збрка првенец. Значаен прилог што ги збогатува и акцентира песните се и умешно изработените уметнички илустрации кои целосно се вклопуваат во содржната на оваа мулти-уметничка збирка, чие консумирање несомнено ќе предизвика интерес и задоволство кај читателите. Александар Донски |