|
|
Методија (Мето) Колоски и „Обединетата македонска дијаспора” (3) |
„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – САД Организацијата „Обединета македонска дијаспора“(ОМД) се смета за водечка меѓународна организација која ги застапува интересите на Македонците кои живеат надвор од Македонија - ширум светот. Од формирањето во 2004 година, со седиште во Вашингтон во САД до денес таа има постигнато завидни резултати. Мето Колоски е тесно поврзано со организацијата „Обединета македонска дијаспора“ на која е соосвовач и претседател Името и делото на познатиот Македонец од главниот град на Соединетите Американски Држави, Вашингтон, Мето Колоски е тесно поврзано со организацијата „Обединета македонска дијаспора“ (ОМД) на која е соосвовач и претседател. Главна преокупација на Колоски се корпусот прашања и воопшто темите поврзани со Македонија и со дијаспората, со правата на Македонија за сопственото име, малцинските права во Југоисточна Европа, како и прашањата поврзани со Македонија за проширувањето на НАТО и на Европската Унија. Во врска со овој тематски колаж тој има објавено повеќе статии во „Вашингтон тајмс“, „Асоцијацијата за надворешна политика“, „Хил – блогот“ на Конгресот, „Национал пост“, „Журнал газет“ и во „Форумот за надворешни односи“. Своите постдипломски студии по Политички науки и меѓународни односи ги заврши на колеџот Менхетенвил. Меѓу другото, работел во Асоцијацијата за надворешна политика, Националното здружение за мултисклероза, Меѓународниот центар на интелектуалци „Вудроу Вилсон“ и во други установи. Мето Колоски е роден на 22 октомври 1983 година и пораснат во Гарфилд, Њу Џерси, град кој во минатото беше познат како Источен Пасаик, а од 1881 година го доби денешното име, по името на претседателот на САД, Џејмс Гарфилд. Во Гарфилд во кој според пописот од 2010 година живеат околу 30.000 жители. Инаку државата Њу Џерси која е сместена од западната страна од метрополата Њујорк од која ја дели реката Хадсон, е место на голем број Македонци од сите делови на Македонија, но најбројни се од Охридско-струшкиот и Битолско-преспанскиот регион. Таму со успех работи Македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ во Сидер Гроув, формирана 1993 година, како продолжение на првата МПЦ со исто име во Пасаик, која беше една од најстарите во Соединетите Американски Држави, формирана во 1972/73 година, кога надлежниот архијереј, господин Кирил во една Руска православна црква ја отслужи првата света литургија на македонски јазик на тие американски простори. Според зборовите на Мето Колоски, неговото семејство има корени од Република Македонија, Егејска Македонија и од Корча, Албанија, кое се доселило во САД. Имено, неговиот пра-пра дедо дошол во САД во 1896 година преку островот Елис но по кус период се вратил назад во Македонија. Фамилијата, пак, по мајка му се преселиле во САД во 1951 година. Кичево Подоцна во 1963 година, тетка му, дошла во Соединетите Американски Држави преку Шведска и Франција и му помогнала на татко му за неговата преселба во САД во 1979 година. Тој бил од селото Белица, Кичевско, а неговите корени биле од Корча во Албанија. Мајка му Лила е родена во селото Бучин, Крушевско, а нејзиниот татко бил од Солунската општина. Таа дошла во САД во 1982 година и по една година се родил Мето. Таму живееле во една куќа, каде како семејство на Мето и неговата сестра Џули им ја всадиле љувовта кон Македонија. Нивниот прв јазик бил македонскиот, или поарно речено „Маклош“, кој претставувал комбинација од македонски и англиски . Кога наполнил дванаесет години научил да пишува и да чита на македонски јазик. Речиси секое лето родителите го испраќале заедно со сестра му Џули во Македонија. Меѓутоа, Мето најмногу се сеќава на посетата на Македонија во 1993 година, кога дошле и неговите родители. Притоа ги посетиле родните места на нивните родители, посетиле манастири, цркви и музеи, како и Охридското Езеро, едно од најстарите езера во светот и Охрид кој е познат како „Ерусалим на Балканот“ со 365 цркви и манастири околу езерото. Инаку Мето Колоски е претседател на организацијата „Обединета македонска дијаспора“(ОМД), која се смета за водечка меѓународна организација која ги застапува интересите на Македонците кои живеат надвор од Македонија - ширум светот. Од формирањето во 2004 година до денес таа има постигнато завидни резултати. Обединетата македонска дијаспора е врвна меѓународна, невладина организација чија главна цел се интересите и потребите на луѓето со македонско потекло и македонските заедници ширум светот. Примарната цел на ОМД е да го обедини македонскиот народ и нивните интереси. Активностите на ОМД се фокусирани кон промоција на нашето македонско историско, духовно и културно наследство. Организацијата беше основана во 2004 година и е со седиште во Вашингтон во САД. ОМД има мноштво претставници во: Австралија, Австрија, Канада, Франција, Германија, Грција, Русија, Обединетото Кралство и во САД. Благодарение на поддршката од страна на членовите и донаторите ширум светот, ОМД има постигнато значителен напредок во однос на застапувањето на Македонците и нивните права, како резултат на што, македонскиот глас во светот е погласен и повлијателен. ОМД е првата и моментално единствената македонска организација во центарот на светската политика – Вашингтон. Таа ја отвори својата прва канцеларија во 2008 година, во срцето на Вашингтон на само неколку чекори од Белата куќа и Конгресот. Притоа, основаше програма преку која нуди стипендии за студенти и дипломци да дојдат таму и да се здобијат со искуство во меѓународните односи. Присуството на ОМД во Вашингтон е од исклучително значење што може да се види по политиката на Америка спрема Македонија. Пред основањето на ОМД интересите на различни групи во Америка имаа значително влијание врз креирањето на американската политика спрема Македонија. Белата куќа во Вашингтон Од своето основање, организацијата работи на воспоставување односи со членовите на Конгресот на кои би им ја акцентирале важноста на пријателските односи помеѓу Македонија и Соединетите Американски Држави. Пред 2004 година Македонија и Американците со македонско потекло немаа голема поддршка во Конгресот. Тоа се промени во 2011 година кога за првпат во историјата на односите помеѓу Македонија и Америка беше создадена групата на пријатели на Македонија и Американци со македонско потекло во Конгресот којашто од неодамна брои 15 членови. За првпат една организација на членови во Конгрес во своето име го содржи името „Македонија“ и „македонски“, реафирмирајќи го правото на самоидентификација и самоопределување на нашата нација. Една од главните цели на ОМД е обединување на македонската дијаспора ширум светот. Почнувајќи од 2009 година, ОМД организира годишна конференција за македонската дијаспора. Во 2009 година успеа да собере над 1500 претставници од 23 земји ширум светот како би ги дискутирале проблемите и предизвиците со кои се соочува македонскиот народ. Покрај тоа, ОМД повикува на активно учество на дијаспората во креирањето на иднината на Македонија. Од досегашните активности на ОМД треба да се споменат оние во САД, каде се реализирани повеќекратни средби со амбасадорот на ОН Метју Нимиц на кои се акцентираше ставот на македонската дијаспора во врска со името. Меѓу другото, ОМД ја предводеше проектната коалиција на Американците со македонско потекло за пописот во САД во 2010 година; организираше состаноци помеѓу македонската дијаспора и челното раководство на Република Македонија. Досегашните активности на ОМД во Австралија се, исто така, од големо значење. Притоа, треба да се нагласи дека на петтиот континент се поддржани и промовирани македонските протести во Мелбурн од 2008 година за името на кои присуствуваа повеќе од 20.000 учесници; коорганизира три форуми во периодот од 2009 до 2011 година за унапредување на односите меѓу Македонија и Австралија во австралискиот Парламент и по повод 20- годишнината од македонската независност. Од значителна помош за проектот на австралискиот истражувачки совет наречен „Истражување за македонската заедница во Аврсталија и односите со Македонија“, поддржан од македонското Министерство за надворешни работи и Универзитетот Викторија; извештајот во којшто директорот на ОМД Австралија, Ордан Андреевски, има свој придонес, беше лансиран во 2012 година; се објавија девет колумни со поддршка за Македонија во медиумот „Австралиска надворешна политика“. Досегашни активности на ОМД во Канада, се карактеризираат со тоа што е доделена наградата „Гоце Делчев“ на канадскиот претседател на Владата, Стивен Харпер а се предводени четири делегации во канадскиот Парламентот во Отава; објавени се колумни во медиумот – „Национален пост“. Се организирани средби помеѓу македонски активисти од Балканот и политичари во Отава, Торонто и Вашингтон; а се спонзорирани две патувања за Македонија во периодот од 2009 до 2010 година за студенти од Универзитетот во Торонто. Исто така, и досегашните активности на ОМД во Европа се од големо значење. Меѓу другото, предводена е делегација во Европскиот парламент во Брисел во 2009 година; координирани и испратени се повеќе од 3 милиони електронски писма во 2006 година до пратениците во Европскиот парламент протестирајќи за дискриминацијата на македонското малцинство во Бугарија; достигната е застапеност во пет европски земји и друго. Затоа може да се рече дека ОМД е формирана бидејќи имаше недостаток од професионална организација во светот, која активно на дипломатско ниво и во важни политички кругови, ќе ги претставува интересите и потребите на македонскиот народ надвор од Македонија. ОМД не е паралелна организација на никоја друга организација и не сака да биде видена како паралелна. Секоја македонска организација во светот придонесува кон доброто на Македонија и македонскиот народ. Членовите на оваа организација се среќни и задоволни што вратите во Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија и Европа и се отворени за комуникација и дијалог. ОМД, чиј член е и авторот на овие редови, активно работи на тоа да се едуцираат повеќе аналитичари и политичари за состојбите и предизвиците на Македонија и македонскиот народ, особено во соседните земји. „Обединетата македонска дијаспора“ организира различни конференци, собири и други активности, кои на академска основа се занимаваат со прашања поврзани околу Букурешкиот договор од 1913 година, како и што се случило со Македонија и македонскиот народ од тогаш до денес, со цел да се потсетиме сите ние во државата и во дијаспората каде водат недоразбирањата, со цел да извлечеме поука како да продолжиме понатаму и кои се можностите за развој на Македонија. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |