Среда, 21 Август 2019   
КОРЕНИТЕ НА СЕМЕЈСТВОТО ВИДИНОВСКИ ОД КАНАДА (8)

koren1

ОД ШИРОК СОКАК ДО МАНАСТИРОТ ВО КРСТОАР

Широк Сокак во Битола е едно од најубавите места за дружби и седенки на битолчани и дојденците во овој град на конзулите. Тука се разврзуваат муабети, се оживуваат спомени, се разменуваат идеи и се примаат и испраќаат абери. Или, едноставно, се седи и опуштено и спокојно се ужива во кафето и во времето поминато со драги пријатели, познати, роднини...

На ова македонско секојдневие со посебни чувства се присетува брачната двојка Рада и Борче (Борис) Видиновски. За нив посебно останале спомените од младите години, кога доаѓале во Битола од нивните родни Живојно и Крстоар, за да ја посетат чаршијата и за да ѕирнат во дуќаните, бидејќи како и сите момчиња и девојчиња сакале модерна гардероба и убави фризури. Но, исто така, тие не можеле да оддолеат и на мирисот на тазе печените симити, кифли, зелници, еклери и разни слатки и специјалитети.

Изминатите години кога од Канада доаѓале во родниот крај во Крстоар и во нивната Битола, многу често дел од дневните ритуали на Видиновски им биле и појадоците крај реката Драгор на традиционалната шкембе чорба. Тука се редат и безброј теми на топлото сонце и се прочитува по некоја интересна страница од новокупена книга. И задолжително се ѕирнува во дневните изданија на весниците, издвојувајќи новости на денот, коментирајќи настани, изјави или најразлични други вести и информации.

Секако, Рада и Борче Видиновски со посебно уживање, нога за нога, ја врват старата чаршија во бабам Битола. Секогаш воодушевувајќи се на занаетите кои опстоиле и не ги згаснало времето. Додека на некои од стотина години - старите дуќани кепенците и катанците останале исти како реликвии во чаршијата, од времето што поминало, од времето што тие се сеќаваат.

koren22 

Битола

А кога Видиновски се искачуваат нагоре накај раскошните зеленила на шумовитиот извишен Пелистер, кон нивниот Крстоар, тие таму, под раскошните стебла на моликата и крај кладенците и потоците кај Хераклеја, плетат своја приказна на спокојот, обземени од убавините и таинствениот шепот на  големиот Пелистер. На тој раскрилен чувар на Битола, на Пелагонија и на Преспа, со богата флора и фауна, не случајно впишан во  енциклопедии и раскажуван на научни симпозиуми.

Секоја посета на Битола, и секое враќање во нивниот роден битолски крај, на тој град-музеј и град на нивната младост и времињата потоа, за Рада и Борче се преполни со чувства, и  постојано, интересно и незаборавно доживување. Бидејќи тие при доаѓањето во Македонија, во Битола, во Крстоар и Живојно, во сегашноста имаат неброени средби, седенки, посети, разговори, прошетки, часови за одмор, промоции на поетски дела на Рада во Библиотеката кај Широк Сокак и други пријатни активности.

Со пријателите од минатото, со своите блиски роднини, со старо-новите пријатели и познајници, имаат многу средби и разделби низ сокаците и кафе-рестораните на чаршијата во Битола.

А овој милениумски град во пелагониските атари е пребогат со цивилизациски, археолошки, историски и какви сѐ не други вредности кои го вбројуваат во најпознатите и најдолговечните на балканските простори. Рада и Борче Видиновски се дружељубиви луѓе, креативци, поети и силни родољуби, многупати, уште од раните утра од Крстоар доаѓаат во Битола за да го почнат денот од кај раскошниот Битолски парк и градското шеталиште-познатата маршрута на одмор и рекреација за рекреативците и спортистите и да продолжат по Широк Сокак.

За Рада и Борче неодминлива дестинација е Широк Сокак, најпознатиот сокак, кој е со посебен шмек, шарм и поседува посебна атмосфера и амбиент. На сокакот што е опеан во песните, запишан во книгите и запаметен во спомените, се одвиваат најразлични настани. Често се вкрстуваат погледи, желби и видувања, или се густира лезет-кафе со локум, чаша вода или пресна бира, се разбира, кој како посакува и милува.

koren3

Хераклеја

Затоа и во стиховите на Рада има  поетски изблици за Широк Сокак, за Живојно, за Крстоар, за Македонија. И кога одвреме-навреме си приспомнува за времињата на своето детство и младост, секогаш се тоа незаборавни денови и години кои Рада, на свој начин ги оживува и преживува.

Се присетува како во дворовите и на сокаците, на ливадите и крај вечерните огнови се дружеле со врсниците, забавувајќи се со нивните омилени приказни и разните игри. Или кога рано наутро нив ги буделе песните на славеите, лаежот на кучињата, довикувањата на соседите дека е време да се оди во бавчите и градините...

Рада во својата поезија опишува и се присетува како газела во ладните бистри потоци, како берела јагоди, јаболка или цвеќиња од кои се ширеле опојни мириси. Со тие цвеќиња со другарките се кителе во косите и на фустаните. Грмнувале тапаните за празниците и оро големо се развивало сред село, на која младоста била најубавиот декор. Моми и ергени, песни пееле, најубаво оро играле, а и многу симпатии се раѓале.

koren4

Манастирот во Св. Кристофор во Крстоар

Рада била воодушевена и од песните на жетварите кога во Живојно го собирале родот од полињата. Секако, дека незаборавни се и вечерните седенки и дружбите со другарките. Тогаш, со смеа и убаво расположение се дочекувале вечерите, а момите многупати загледани во ѕвездите ги спомнувале желбите и младешките соништа, мечти и надежи.

Незаборав на Рада и Борче се и средбите во хотелот „Епинал“ во Битола со нивни другари и другарки од детството, младоста и училишните клупи. Притоа, многупати присетувајќи се на разни случки и на нивните желби и планови тогаш, како и каде натаму ќе ги однеле животните мечти, планови и патишта.

Тие се присетуваат како се родила идејата да тргнат по белиот непознат свет, во потрага по нов живот и нови предизвици, во демократска Канада. Исто така, се присетуваат како, токму Канада ја одбрале за нивен втор семеен и постојан дом. Но, и како татковината, нивната библиска Македонија, останала да биде блесокот и животната амајлија во душата, да биде нивната бескрајна љубов во срцата и мислите, во творештвото, незаборавот...

Продолжува

KatiN

Пишува: СЛАВЕ КАТИН    

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.