|
|
Промоција на делата „Александар Македонски“ и „Македонците во светот“ во Кембриџ |
На 10 ноември 2019 години во салата на МПЦ „Света Богородица“ во Кембриџ, Онтарио се одржа промоција на публикациите „Александар III Македонски“, дело на Славе Катин и Георги Бранов и „Macedonians in the World“ (Македонците во светот, чиј автор е Славе Катин. Историскиот роман „Александар Македонски“ чиј рецензенти се д-р Владан Велков и Александар Донски, е луксузно издание на Книгоиздателството “Македонска искра” од Скопје. Тоа е отпечатено на македонски јазик, на 540 страници и претставува значаен придонес и прилог кон осветлувањето на голем број аспекти за древноста и континуитетот на историската вистина за Античка Македонија. Свеченоста ја отвори свештеникот на ППЦ „Света Богородица“, Гоце Деспотовски, а за романот „Александар III Македонски“ зборуваше Бранкица Кузмановска-Матеска, претседател на Женската секција во Црквата. Во своето излагање таа рече дека Александар во историјата ќе остане запаметен како најголем светски војсководец и непобеден воин, творец на новиот свет, на новиот поредок. Римјаните кои ќе тргнат по стапките на античките Македонци, ќе го наречат „Alexander Magnus“ (Александар Велики). Така и германскиот научник Улрих Вилкен (Ulrich Wilcken) во историскиот роман ќе го нарече ALEXANDER THE GREAT (Александар Велики), кој е преведен и приспособен од англиски на македонски јазик како „Александар Македонски“ од Славе Николовски-Катин, а во издание на Издавачката куќа „Мисла“ од Скопје, во 1988 година, на 390 страници. Овој превод беше прво дело за Античка Македонија на македонски јазик. Црквата „Света Богородица“ во Кембриџ Благодарение на порталот „Македонска нација“ романот „Александар Македонски“ беше печатен во континуитет скоро година и половина, во 75 продолженија, со цел широката читателска публика да се запознае со вистината и со ликот, како и со делото на големиот стратег, мислител и дипломат – Филип II Македонски и со неговиот син – најголемиот досега воин, освојувач на земји и цар на силното Македонско Царство – Александар III (Велики) Македонски. Во ова дело коавтор е Георги Бранов, по потекло од селото Буф, во Егејска Македонија, доктор по ветеринарни науки кој педесетина години живее во Канада и ја брани вистината за Македонија, особено за Античка Македонија. Тој е еден од Македонците кој најмногу се запознал и го почитува историскиот развој и вистината за Александар Македонски и Античка Македонија од автори кои пишуваат за оваа проблематика на англиски јазик. Затоа неговите сугестии и придонес имаат големо значење во ова дело, насловено „Александар Македонски“. Исто време, Бранов беше голем активист во македонската заедница во Кембриџ, како поборникот за купување и адаптирање во македонскиот православен храм, кој го носи името на мајката Божја „Света Мала Богородица“. Благодарение на македонските иселеници, особено на Георги Бранов денес МПЦ „Света Мала Богородица“ е место на духовен мир за Македонците во универзитетските центри: Кембрич, Кичинер, Ватерло и Гуелф. Црквата денес е место за средби на младите и старите македонски генераци и место каде тие можат да ги продолжат и негуваат македонските обичаи, традиции и љубов кон својот мајчин македонски јазик и да развиваат љубов кон дедовската земја Македонија. Исто така, во своето излагање Бранкица Кузмановска-Матеска рече дека според историските документи Александар III Македонски бил роден на 22 јули 356 година во македонската престолнина Пела, на 20 години станал македонски цар, а починал во Вавилон на 13 (според некои на 10) јуни 323 година пред Христа. Неговото воено дело, според кое е познат во целиот свет, се изучува во воените академии на сите држави. Мнозина војсководци по него се обидувале да ги повторат неговите дела, од Цезар, преку Јустинијан Први, Наполеон Бонапарта до Хитлер. Ромеија (Византија) и Османлиското (турско) Царство го применија системот на военото устројство и начинот на изборот на император – најдобриот од најдобрите. Кај нас, за жал, античкиот период не бил често и континуирано истражуван, затоа бројот на делата кои се занимаваат со оваа прашање е многу мал, за разлика од нашите јужни и други соседи, кои со векови копаат по “нивната”, за да ја замаглат и покријат нашата вистина. Меѓутоа, вистината неможе да се закопа во земја, кога тогаш таа ке излезе на површина. Таков е случајот со вистината за Античка Македонија и древните Македонци, за кои е напишано толку многу литература што може да се спореди со литературата за Светото писмо-Библијата. Токму затоа имаме можност и убава прилика овој пат на македонски јазик да го претставиме и да се соочиме со историски роман што е базиран врз вистинските аргументи и историските пишани материјали за Античка Македонија. Овој историски роман на Славе Катин и Георги Бранов е лика и прилика за развојниот континуитет на Македонија, претставен во романизирана литературна форма, со посебна нагласка на ликот и делото на големиот стратег, мислител и дипломат – Фип II Македонски и најголемиот досега воин, освојувач на земји, гениј над гениите, обединувач на народите, почитувач на различните култури, традици и обичаи, и цар на силното Македонско Царство – Александар III (Велики) Македонски. Затоа, со право може да се рече дека ова дело претставува библиска вистина за македонските корени и непресушен извор од каде секој Македонец ќе ја пие чистата патриотска љубов кон татковината – Македонија кон својот народ, со правичен однос и почит кон своите собраќа, пријатели, соседи, кон човештвото, реше Бранкица Кузмановска-Матеска, Публикацијата „Macedonians in the World“ (Македонците во светот), чиј рецензенти се покојниот академик Антонио Шкокљев-Дончо од Белград и бизнисменот Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски од САД е дело на Издавачката куќа „Македонска искра“ од Скопје и на Фондацијата „Џорџ Атанасоски’ од Прилеп. Таа е отпечатена на англиски јазик, на 432 страници, во која е запишано дека Македонија има долга и макотрпна историја проткаена со бескрајни страници, но и со премрежија и турбуленции кои оставиле длабоки траги кај населението што со векови живее на овие простори и кај Македонците од етничка Македонија ширум светот. За делото „Macedonians in the World“ (Македонците во светот), зборуваше претседателот на МПЦ „Света Богородица“ Петар Медичков. Тој. меѓу другото истакна дека во ова дело е даден развојниот пат на македонското иселеништво, кое во основа се совпаѓа со развојот на настаните на Балканот и уште повеќе во зависност од тоа како се движеле настаните околу Македонија. Како резултат на тоа преселничките печалбарски движења на Македонците и нивниот интензитет биле условени, пред се’, од тешките економски услови за живеење и работа, а во многу помалку случаи и од причини што имаат национално-политички карактер. Тешките, лоши, често и невозможни услови за живеење и постојаната борба за опстанок присилиле голем број Македонци да се определат, покрај другото, и за преселби во многу земји во светот Во оваа публикација осебно е дадена улогата на македонските православни цркви и црковни општини, клубски и други асоцијативни облици на собирање во прекуморските и во европските земји. Најголемиот број Македонци членуваа или се редовни посетители на тие многубројни асоцијации, каде тие организираат верски, национални, фолклорни, спортски, културни и други манифестации, истакна Петар Медичков Катерина Симоновска |