|
|
РАДА ВИДИНОВСКА ОД ТОРОНТО И НЕЈЗИНАТА ПОСВЕТЕНОСТ НА ПОЕЗИЈАТА (4) |
КУЛТУРНИ ЗНАМЕНИТОСТИ ВОЖИВОЈНО Од културните и природните знаменитости во селото, покрај значајното место што им припаѓа на: црквата „Вознесение Христово“ (Свети Спас) - главната селска црква и манастирската црква „Свети Илија“, посебно место имаат бројните археолошките локалитети За културните знаменитости во селото Живојно учителот Ѓорѓи Лазаревски ќе го напише следното: „Во еден убав пролетен ден, во 2005 година, заминав во селото Живојно за да го посетам храмот, посветен на свети Спас (Вознесение Христово). Славата на селото е на 20 мај. На влезот во Живојно ме пречека генералот во пензија Панде Петровски кој пензионерските денови ги минуваше во своето родно место обземен од мирот и тишината, спокојот и убавината во атарот на селото. Детството и раната младост ја поминавме овде на овие простори учејќи од прво до четврто одделение тој во Живојно, јас во Бач, а наредните школски години до осмо одделение во Основното училиште „Коста Лазаревски“, а подоцна преименувано во „Мирче Ацев“ во село Бач. Се упативме кон Црквата, а со нас го зедовме и епитропот Стојан Митревски. Храмот е преуреден и обновен како што доликува на вредни домакини-христијани. Фреските потекнуваат од 1885 година, кога е граден патријаршискиот храм во Бач, односно и двата храма се градени во исто време, и во Бач и во Живојно. Во минатото, во овој храм се молеле, крштевале и венчавале не само жителите на ова село, туку и на многу други моштенски села. Во Матичната книга на родени за село Живојно, за периодот 1850–1919 година се регистрирани бројни новороденчиња како од ова село, така и од селата: Попадија, Совиќ, Крушоради, Сетина и од Добровени. Некои, пак, од други причини, родени во село Живојно се крстени во црквата „Света Богородица“ во село Сетина.
Собор во Живојно Со текот на времето, храмот бил уредуван, надополнуван со нови икони во зависност од времето и потребите. Во храмот стои икона на свети Сава, најверојатно подарок од српското време по Балканските војни. Каде и каква била камбаната не знаеше никој да ни каже, но постојната камбана потекнува од 1913 година со натпис: „За слободата на Македонија“. Но, според зборовите на учителот Ѓорѓи Лазаревски, во 2016 година, селото беше полупразно и немаше кој да се моли, ниту кој да се крсти. Во обновениот храм во последниве години (т.е. првите години од XXI век) ниту некој крстил новороденче, ниту некој се венчал. Храмот служи само за погребување на преостанатите жители од селото. Ѓорѓи Лазаревски ни пренесе дека генералот Панде Петровски, вљубеник во родното му село Живојно, му го покажал и местото каде било првото училиште во кое учел неговиот дедо заедно со другите врсници. Тоа се наоѓало во близина на помошната црковна просторија. Како остаток има само дел од ѕидовите и отворот за прозорците. Наставата била на грчки јазик, а неа ја изведувал селскиот свештеник. Над селото Живојно се наоѓа манастирот „Свети Илија“. Според кажувањето на Панде Петровски, а и според археолошките наоди овде има гробови, што упатуваат на заклучокот дека можно е порано тука да имало црква со помали димензии. Постојниот манастир е граден од понов датум, но најверојатно на свето место. Генералот Панде Петровски со сета душа и срце му се посветил на своето родно Живојно и заедно со жителите на селото се потрудиле да изградат бројни објекти за подобар живот во него. Покрај христијаните кои со векови живееле на своите огништа, кон крајот на XVIII век, во селото Живојно се доселиле Турци – коњари. Турците се населиле во долниот (рамничарскиот) дел на селото. За своите верски потреби, Турците изградиле џамија која постои и денес, но истата е во руинирана состојба. Времето на градење на џамијата не е познато. Она што успеав да откријам е дека последните 9 турски семејства од Живојно се иселиле во 1948 година и се населиле во село Гермијан“, завршува учителот Ѓорѓи Лазаревски. Црквата „Св. Ѓорѓи“ Инаку, од културните и природните знаменитости во селото, покрај значајното место што им припаѓа на: црквата „Вознесение Христово“ (Свети Спас) - главната селска црква и манастирската црква „Свети Илија“, посебно место имаат археолошките локалитети: Бел Камен - некропола од железно време; Влаку - населба од неолитско време; Градиште - населба од раноантичко, доцноантичко време и среден век; Дабица - населба од неолитско време; Кералот - некропола од римско време; Свети Илија - осамен наод од римско време и Саат Тумба - некропола од римско време. Станува збор за многу богати наоди кои го вбројуваат ова место во мапата на значајни оставнини од времето минато и цивилизациските и други богатства. Свети Илија е археолошки локалитет во Живојно, што претставува осамен наод од римско време. Се наоѓа во дворот на манастирската црква „Свети Илија“, каде од јужната страна пред црквата се наоѓа мермерен споменик во вид на касета, орнаментиран со акантова розета, сместена во рамка со форма на ромб. Бел Камен, или како што локалното население го викаат Бели Каменови, е археолошки локалитет кој претставува некропола од железно време. Случајно е откриен во 1956 година, кога локален жител во својата нива откопал две гробници. Нивата се наоѓа на една пространа падина која постепено се спушта кон малата река Здравица, а е оддалечена 1,5 километар јужно од селото и е недалеку од границата со Грција. Истата година е извршено заштитно ископување при што е откриен уште еден гроб со прилози од керамички садови, копје и нож од железо и накит од бронза, чии наоди денес се во Музејот на Македонија во Скопје И Градиште е археолошки локалитет во Живојно кој претставува населба од раноантичко, доцноантичко време и среден век. Се наоѓа на 1,5 километар југоисточно од селото, на доминантниот рид Забрдо, каде има зарамнето плато, со простор од 2 хектара, оградено со одбранбен ѕид. На површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси и множество градежен материјал. Најдени се и монети од времето на Јустин I, Јустинијан I и постари. Во средниот век Градиште било повторно населено. Од почетоците до крајот на античката епоха на Градиште егзистирала укрепена населба, што е потврдено со бројни движни наоди од населбени слоеви, како и со пронајдени десетина некрополи од одделни временски периоди околу неа. Во периодот на доцната антика било изградено цврсто обѕидие со малтер; бројни монети завршуваат со доцниот VI век. Очигледно е дека населението живеело од експлоатацијата на железна руда, која тука била лесно топена благодарејќи му на јагленот (површински копови).. Доцноантичкото обѕидие било несомнено добро запазено и во раниот среден век и во неговите рамки живеела средновековна населба. Истата е потврдена со керамика од тоа време како и со бројни византиски монети од XI до XIII век. И „Влаку“ претставува археолошки локалитет во село Живојно. Локалитетот претставува населба од неолитско време. Се наоѓа на зарамнетата тераса, оддалечена 1 километар јужно од селото, која косо се спушта кон северната страна, каде се среќаваат фрагменти од керамички садови. Во 1972 година било извршено пробно сондажно ископување. По површината има повеќе вдлабнувања настанати од пропаѓање на земјата поради присуство на рударски окна за копање на јаглен. Наодите се наоѓаат во Заводот и музеј во Битола. Исто така, и археолошките локалитети „Кералот“ и „Саат Тумба“ во битолското село Живојно, претставуваат некрополи од римско време. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |