|
|
РАДА ВИДИНОВСКА И НЕЈЗИНАТА ПОСВЕТЕНОСТ НА ПОЕЗИЈАТА (10) |
ДЕЛ ОД ПОСТИГНУВАЊАТА НА РАДА ВИДИНОВСКА Од активностите на Рада во Канада треба да се нагласи дека во 1994 година поетесата Рада Видиновска учествуваше на Комитската вечер што ја организраше Комитетот на ВНРО-ДПМНЕ за Торонто и Канада. Вечерта се одржа во просториите на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“. На оваа Комитска вечер како претставник на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ со свои песни од збирките „Молњи во окото“ и „Белези на душата“ настапи поетесата Рада Видиновска Рада Видиновска е автор на поетските книги: „Бисерни капки од Нијагара“ (1992), „Молњи во окото“ (1993), „Белези за душата“ (1993), „Скришни огледала“ (1995), „Отворени порти“ (1999), „Траги по коренот“ (2005), „Жена на брегот на океанот“ (2007), „Харфа“ (2007), „Göç Kuşu“ на турски јазик (2008), превод Есад Бајрам, „Бисери и кавали“ (2009), „Трендафилот од Живојно“ (2010), „Огниште“ (2012), „Мајка Македонија“ (2013) и „Поезијата - мојот живот“ (2018). Судбината ја однела во странство и заедно со своето семејство ја напушти татковината и емигрира во Канада, во Торонто, каде активно се вклучи во македонските иселенички организации и црковни општини. Била член на управата на МПЦ „Свети Климент Охридски“, претседател на Женската секција при црквата „Свети Климент Охридски“, претседател на женската секција при организацијата „Обединети Македонци“ и претседател на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, во Торонто. Таа е прв лауреат на наградата „Иселеничка грамота“ во 1992 година, што за првпат Матицата на иселениците од Македонија ја додели на Струшките вечери на поезијата за најдобар поет од дијаспората. Повеќе години била учесник на Меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“ по покана на Управниот одбор на СВП и застапена е во изборот „Кој е Кој“ на светските поети. Таа е член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година, и член на Медитеранската академија „Браќа Миладиновци“. Преведена е на повеќе јазици. Застапена е во повеќе антологиски извори од дијаспората и во Македонија, како и во антологијата „Сто македонски кратки раскази“, како раскажувач (издавач „Феникс“ – Скопје, (2009). Застапена е во книгата избрани есеи „Година на есејот“ објавена во 2010 година. Добитник е на наградата „Книга на годината“ за „Бисери и кавалот“ на Медитеранската академија „Браќа Миладиновци“.
Во нејзиниот скромен дел од општествените остварувања, меѓу другото, е запишано дека во 1988 година кога Рада Видиновска беше претседател на Женската секција на организацијата „Обединети Македонци, беше организатор на манифестацијата Bake Sale-продажбата на тестенини, на која беа претставени македонски специјалитети, меѓу кои во изобилство беа застапени различни зелници, буреци, крофни, баклави, како и производи на фирмата „Примров бејкери“ кои беа подарок за Женската секција. Вакви и слични манифестации беа одржани во периодот кога Рада Видиновска беше претседател на Женската секција. За своите постигнувања на полето на литературата и на општествено живеење, поетесата Рада Видиновска е добитник на петнаесеттина награди и признание. Меѓу нив ќе ги одбележиме следните: Рада е добитник на првата „Иселеничката грамота“ што Матицата на иселеници од Македонија ја додели на Струшките вечери на поезијта; на првото признание „Златен клас за македонски вознес“ што ја доделува Одборот на Пелагониските културни средби во Новаци, Битолско; на посебно признание од Медитеранската академија „Браќа Миладиновци“ од Струга.
Првото признание „Златен клас за македонски вознес“ Потоа на: специјална награда, златен часовник, по повод 45-годишното постоење на организацијата „Обединети Македонци“; Благодарница од Медицинскиот центар „Д-р Трифун Пановски“ од Битола, за догогодишното залагање и свесно извршување на хуманитарни и добротворни работи; Благодарница од Универзитет „Свети Кирил и Методиј“, Медицински факултет Дерматолошка клиника, Скопје, Македонија за добиениот статичен апарат за мерење крвен притисок; Благодарница од Македонското друштво „Преспа“ од Детроит, САД, по повод деновите на македонската култура; од Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ и неколку награди од Литературното дрштво „Браќа Миладиновци“. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |