|
|
СО ПЕСНА ТАГАТА Е ЛЕСНА –„ФОЛК-ФЕСТ ПРЕСПА“ ДЕЛ I (20) |
Идејата во Љубојно да се одржува културна манифестација од поширок интерес беше присутна од поодамна, но со активности околу реализирање на фестивал на македонски песни се отпочна во 2007 година. Имено, кога се предлагаше „Љубанските илинденски иселенички средби“ да немаат само локален карактер, туку и општински, тогаш се одлучи ваквата музичка манифестација да се вика „Фолк-фест Преспа“. Всушност, идејата на Бошко Рајчовски-Пелистерски кој е најзаслужен за оваа музичка манифестација беше таа да биде дел и продолжение од она што се случува на „Фолк-фест Валандово“. Се предложи „Фолк-фест Преспа“ да зрачи едно ново културно живеење, со цел да го збогати Илинден во Љубојно. Тоа што музичката естрада го испеала и го создала да се пренесе како македонско музичко наследство и во Љубојно. А „Фолк-фест Валандово“ ја има благородната улога преку процесот на обнародување да го продолжи животот на македонската народна песна. Затоа и „Фолкфест Преспа“ има за цел да ги реафирмира песните што се пеат во Валандово и на други фестивали во Македонија. Тоа го прави со поканување на голем број афирмирани и неафирмирани естрадни македонски уметници, своите музички остварувања да ги претстават во Љубојно. Со тоа „Љубанските илинденски иселенички средби“ се збогатија и добија еден нов квалитет. На средбите не само што се промовираат нови музички остварувања, туку како продолжение на делот од културата, 1 август вечерта се збогатува со уште една културна манифестација „Фолкфест Преспа“. Се знае дека македонските духовници, културолози, писатели, ликовни, фолклорни и други творци постојано биле дел од хуманистичките текови и се поборници за една поинаква визија, на една посветла иднина на човештвото. Тоа се заснова врз македонската култура, традиции и обичаи. Затоа и Бошко Рајчовски-Пелистерски ги следи патеките на македонските видни дејци и народни создатели од минатото и денес направи сериозни обиди тоа културно богатство да се пренесе и на Илинден во Љубојно. Ресторан „Стара чешма“ во Љубојно Македонската песна и оро одразуваат една специфична карактеристика на нацијата. Во исто време македонската народна песна сама по себе има индивидуалност и ги подига чувствата кај слушателот и гледачот. А народната песна води потекло од народот, од луѓето. Таа им служи ним и воспоставува уникатна основа за нивно единство. Македонските народни песни имаат сличности со народните песни на соседите, но, сепак, се различни. Ете така Македонецот, понесен од виорот на една песна преку која манифестира самостојност и оригиналност прави со песната тагата да е лесна. Стиховите на народната песна се со чувства и лирски квалитет. Основната карактеристика рефлектира едноставност и природност базирана врз шаренилото на секојдневните аспекти од човечкиот живот. Симболот на човекот е евидентен во македонските народни песни. Тие изразуваат љубов кон татковината, го изразуваат типичниот македонски темперамент кој изобилува со љубов и нејзините истовремени болки радости, средби и разделби. Македонските народни песни се популарни не само во границите на Македонија, туку се стекнале и со поширока популарност на Балканот и во светот. Љубојно е местото каде се одржува фестивалот за народни песни „Фолк- фест Преспа“. Овој фестивал го слави споменот на македонското востание од 1903 година. Тој се одржува во предвечерието на Илинден, на 1 август. Пред фестивалот се одржува културната манифестација кај „Воденицата“, каде обично се промовираат нови изданија, претежно на автори од Љубојно и се изведуваат театарски монодрами со текстови од љубански автори. Потоа, поворката предводена од играорци во македонски народни носии или во носии од нивните краишта заминува на Полена. Таму, на зајдисонце, на отворена сцена и простор за над 3.000 луѓе, се слуша музика, пеење и фолклорни ритуали. Музиката и песните се различни - од традиционални песни и инструменти до понова музика во фолк - стил, а публиката е составена од љубанци, дојденци, туристи и бројни намерници. Најнапред, играорците на културно-уметничките друштва ги изведуваат прекрасните ора пред бината, потоа ќе направат круг пред гледачите, за на крајот од ората и песните да се соединат со публиката. Овие ора се изведувани со доза на професионалност кај младите играорци и предизвикуваат радост и возбуда кај гледачите и аматерските играорци. Ваквите претфестивалски игри на гледачите им даваат можност да го вкусат богатството и разноликоста на македонската фолклорна традиција. Почетокот на „Фолк-фест Преспа“ го изведуваат професионални водители кои ги најавуваат значајните личности и гости на општествената заедница, кои на свој начин и со одбрани зборови ги поздравуваат присутните и учесниците. Ваквата традиција се повторува по петти пат оваа година кога фестивалската вечер со својот петгодишен јубилеј ги збогати „40. љубански илинденски иселенички средби“. А Илинденските средби во Љубојно се манифестацијата, која, после прославата во „Прохор Пчински“, Крушево и Трново е четврта од ваков вид во Република Македонија. Таа е манифестација и одбележување на Илинден која го афирмира Љубојно, Преспа и Македонија. Оваа значајна и по многу нешта единствена фолклорна манифестација не само за Љубојно и Преспа, туку и пошироко за Македонија, за првпат се одржа во 2008 година. Во рамките на прославата на „35. љубански илинденски иселенички средби“ на 1 август истата година се одржа „Фолк-фест Преспа 2008“. Со тоа прославата на Илинден во Љубојно доби еден голем и значаен културен настан на кој продефилираа голем број интерпретатори на македонски изворни и новосоздадени песни. Така, „Фолк-фест Преспа 2008“ ќе остане забележана како прва од досегашните пет манифестации. „Љубанските илинденски иселенички средби“ од 2008 година добија општински карактер што значеше збогатување и проширување на програмата. Тоа го потврди тогашниот градоначалник на Општина Ресен, Димитар Бузлевски, кој го изрази своето задоволство и посака програмата на средбите секоја година да се проширува и збогатува. Исто така, од таа година на „Љубанските илинденски иселенички средби“ покровител стана Агенцијата за иселеништво на Република Македонија. Тоа го потврди директорот на Агенцијата Васил Наумов, кој рече дека една ваква средба на иселеници заслужува да биде поддржана од општествената заедница на Република Македонија. „Љубанските илинденски иселенички средби“ се одржаа на 1 и 2 август 2008 година. Тие започнаа на просторот пред „Воденицата“, која се наоѓа во непосредна близина на Стара Река во маалото Чифлик, каде беа присутни голем број вљубеници и почитувачи на Илинден, на музиката, на книгата, на убавиот пишан збор, на Љубојно и љубанци. Дел од иселеничките средби во Љубојно Присутните ги поздрави градоначалникот на Ресен, Димитар Бузлевски, кој, меѓу другото, рече дека од овој убав преспански крај има многубројни иселениците во дијаспората кои, еве прават Преспа повторно да заживее. Тоа е мотив повеќе и за општествената заедница да помогне овие средби да се организираат секоја година и да се зголеми бројот на иселеници и нивните пријатели во Преспа и пошироко. Исто така, средбата ја поздравија и на присутните им се обратија директорот на Агенцијата за иселеништво, Васил Наумов и надлежниот архијереј за Преспанско-пелагониската епархија, митрополитот Петар. Со искрени поздрави на присутните им се обрати и поранешниот амбасадор на Република Македонија во Полска, Петре Наковски, кој го направил својот втор дом во Долно Дупени. Тој стави посебен акцент на значењето на овие средби за Македонците од егејскиот дел на Македонија. Меѓу другото, амбасадорот Наковски рече дека и тој припаѓа на таа категорија поранешни деца протерани од своите домови во Беломорска Македонија и кои не можат да си ги остварат своите основни човекови права, затоа тие тука, во Преспа се чувствуваат како дома и дека ова што се прави во Љубојно е за поздравување и почит. Програмата продолжи со рецитал на Славица Петреска-Диневска и Бошко Рајчовски-Пелистерски. Потоа, како дел од културните случувања во Љубојно се промовираше монографијата за Бошко Рајчовски-Пелистерски, чиј автор е Славе Николовски-Катин. За ова книга која е огледало на животот и делото на овој американски љубанец од Детроит и Флорида, запис на настаните на иселеникот, новинарот, поетот, организаторот на средбите и водителот на македонското радио во Детроит „Оро македонско“, зборуваа проф. д-р Васил Граматниковски од Љубојно и д-р Иван Апостолов од Флорида. Програмата на „Љубанските илинденски иселенички средби“ продолжи на Полена, каде групата „Молика“ со извонредната интерпретаторка Анета Мирчевска ги започна средбите со македонската народна песна „Зајди зајди јасно сонце“. Исто така, популарниот љубанец Ламбе Алабаковски ја збогати програмата со песни од својот богат репертоар. Притоа, играорците од Охрид со својата програма и со изведба на фолклорни остварувања од цела Македонија присутните ги кренаа на нозе. Иселеничките средби во 2008 година беа збогатени со присуството на Љубе Бошковски, кој само што беше дојден од Хаг и кој беше примен со овации, како и со присуството на заменик-премиерот во Владата на Република Македонија, Ивица Боцевски. Треба да се одбележи дека на овие средби градоначалникот на Општина Ресен Димитар Бузлевски во своето обраќање се заблагодари што илинденската епопеја е жива во Преспа, во која се вклучија бројни љубанци. Во таа пригода тој вети дека ќе направи сė што е во неговите можности старата зграда на училиштето „Димитар Влахов“ во Љубојно, кон која имаат почит и љубов сите оние кои го стекнале своето основно образование во неа и која, за жал, денес е во распаѓање, да се санира. Потоа, Бошко Рајчовски-Пелистерски кој е директор и главен организатор на „Фолк-фест Преспа“, фестивалот го прогласи за отворен. Триесет и петгодишнината на „Љубанските илинденски иселенички средби“ овој пат се совпаднаа со прославата на 105-годишнината од Илинденското востание. Затоа и програмата започна со изведба на песната за Љубојно - „Ој ти дедо Геро“ во изведба на Анета Мирчевска. Програмата ја водеа професионалните водители Орце Гелевски од МТВ и Ирена Трајковска, која заедно со Бошко Рајчовски-Пелистерски ја водеа емисијата „Гласот на иселениците“ на ТВ- Охрид. Продолжува Пишува СЛАВЕ КАТИН |